ДУИ на Генералниот совет на 15 октомври ќе ги формира партиските тела, продолжува дебатата за реформи
Тоа што се одлучи е дебатата од јавност да се префрли во партиските тела, и тоа ќе се случи на 15 октомври. Ќе се формираат партиските тела во коишто ќе продолжи оваа дебата која што е израз на демократската пракса, слобода во партијата секој да си ги изрази своите мислења. Мислам дека тоа е здраво за секоја партија, и за секое општество, рече министерот за надворешни работи и член на ДУИ Бујар Османи на новинарско прашање за реформите во партијата и очекувањата од претсојниот состанок на Генералниот совет.
Според него, формирањето на партиските тела било пролонгирано поради ковид пандемијата.
-Па времето на формирање не е утврдено во Статутот, имаше одредени причини, пред се, беше короната која што не дозволуваше и воопшто физички состаноци и тоа траеше две години и беше веднаш после Конгресот на партијата и така некако се изгуби тука моментот со ковид пандемијата. Така да, мислам сега е навремено да се формираат тие партиски тела во коишто оваа дебата која што не ни е прва, ни последна во ДУИ, јас колку сум внатре, толку знам за вакви забелешки кон едни, кон други, и мислам дека тоа е добро затоа што, така се канализира енергијата, незадоволството на соодветен, на институционален начин преку партиските тела, вели Османи. ![]()
Прашан дали се чувствува загрозен за неговата функција како министер во Владата, Османи рече,„јас сум мисионер, не сум функционер“.
-Јас сум професионален политичар којшто кариерата не ја имам само во Владата. Кога не сум бил во Владата сум бил во партијата, така да, јас сум мисионер, не сум функционер. И овие платформи ми се само начини на изразување на мојата мисија. Дали тоа ќе го правам како портпарол, како министер, како функционер, всушност е една идеја и всушност ние работиме за идејата, вели Османи.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата на 5 октомври со претставниците на таканаречената „Огнена група“, која минатиот месец писмено побара реформи во партијата и смена на вицепремиерот Артан Груби, најави дека на 15-ти октомври ќе се одржи Централно собрание каде што ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство, кое ќе ги избере и другите органи. Владиниот состав на ДУИ ќе има отчет пред овој орган, рече Ахмети.