Државна помош за плати добивале и фирми што не ги исполнувале условите


Финансиска помош за исплата на плати барале, но и добиле, и фирми кои не ги исполнувале условите за намалување на приходите, но имало и такви кои не ги испочитувале обврските да ги задржат вработените, констатирале инспекторите на Управата за јавни приходи и на Државниот инспекторат за труд. Контролите биле спроведени почнувајќи од декември минатата година кај работодавачи кои користеле финансиска поддршка за исплата на плати за април, мај и јуни 2020 година, како и за октомври, ноември и декемвври минатата година, информираа на прес конференција директорката на УЈП Сања Лукаревска и директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска 
Лукаревска појасни дека по направената анализа за фирмите кои добиле финансиска поддршка, но не исплатиле плати за април, мај, јуни и октомври и ноември, и врз основа на добиени пријави од граѓани, била направена селекција врз основа на неколку критериуми: износот на добиената финансиска поддршка, бројот на вработени, обврзници кои што немаат исплатено плата за повеќе од еден месец и за кои се добиени пријави во однос на неправилности за исплата на плата.
„Во текот на декември и јануари извршивме контроли кај 60 даночни обврзници“, рече Лукаревска додавајќи дека станува збор за фирми од дејностите за подготовка и служење на храна, изградба на згради, копнен транспорт, цевоводен транспорт, објекти за сместување, производствена дејност, трговија на мало, туристички агенции, градежништво и слично.
Предмет на контрола била проверка на исполнување на условите за користење на финансиската помош. Притоа, кај 16 даночни обврзници било констатирано дека не го исполнувале условот за добивање финансиска поддршка во однос на намалување на приходите за одредени месеци за кои е користена. Како што е познато, за фирмите да добијат ваква финансиска поддршка, требаше да имаат помал приход за 30 отсто во однос, што во конкретните примери не било случај, па тие би биле дисквалификувани за добивање на помошта.
Кај седум фирми било констатирано намалување на бројот на вработени, повеќе од она што било законски предвдиено, во месеците по добивање на финансиската поддршка. Лукаревска посочи дека еден даночен обврзник, самиот извршил поврат на земената финансиска помош.
Кај два даночни обврзника не биле исполнети двата услови – и намалување на приходите и задржување на бројот на вработени, констатирале инспекторите.
Лукаревска појасни дека работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а немале право на тоа, треба да ги вратат добиените средства, а покрај тоа ќе им се прессмета и камата.
За оние кои дале изјава дека ги исполнуваат условите согласно законот, пак, а се покажало дека не е така, ќе се применуваат одредбите од Кривичниот закон, рече Лукаревска.
Таа додаде дека при контролите кај 11 даночни обврзници од чевларската и текстилната индустрија, како и обврзници кои се занимаваат со продажба на кондиториски производи, во тек е спроведување на насочени контроли, по основ на данокот на добивка, ДДВ и данокот на личен доход поради утврдени отстапувања на податоците од даночните пријави и завршните сметки. Контролите се спроведуваат за изминатите пет години.

Кај овие фирми се спроведени и контроли од ДИТ за неисплатени плати на работниците.

Две фирми одбиле да соработуваат со УЈП, па тие се пренасочуваат кон Управата за финасиска полиција , рече Лукаревска, нагласувајќи дека контролите од УЈП и на ДИТ, како и дојавите до други надлежни институции се во насока на враќање на средствата од злоупотребата на државната помош и изрекување на казни за управителите за сторените злоупотреби.

Директорката на ДИТ, Тренчевска, рече дека биле извршени 74 надзори кај исто толку правни субјекти, со цел да се утврди дали работодавачите им исплатиле плата и придонеси од плата на работниците согласно Законот за работни односи, како и дали исплатената плата е во износ на утврдената минимална плата ссогласно Законот и утврдената основна плата во договорот за вработување согласно Законот за работни односи и Закон за минимална плата, при што биле утврдени неправилности кај 41 работодавач.

За таа цел ДИТ донела 41 решение со опомена работодавачите да ги отстранат неправилностите.

„Утврдените неправилности при инспекциските надзори се однесуваат на неисплатена плата и придонеси од плата на работниците во рокот утврден во Законот за работни односи, најдоцна по истекот на 15 дена, како и доплата на плата до минимална плата кај оние работодавачи кои исплатиле износ понизок од утвдената миниманлна плата“, појасни Тренчевска.

По донесените решенија биле извршени и контролни инспекциски надзори за да се види дали работодавачите постапиле по решенија и ги отстраниле неправилностите. Десет работодавачи постапиле по донесените решенија, а шест не постапиле. За нив е изречена инспекциска мерка решение со наредба и даден е рок од осум дена за постапување. Кај еден работодавач, пак, кој не постапил по ова решение, изречен е прекршочен платен налог во износ од 200 евра за претпријатието. Станува збор за микро претпријатие до 10 вработени, а за одговорното лице 150 евра. Неправилноста се однесувала на неисплатана плата на еден вработен.

Тренчевска нагласи дека спроведените контроли имаат превентивен ефект, што може да се констатира и од намалениот број неправилности при инспекциските надзори, како и дека превенцијата и зачестените инспекциски надзори придонеле за почитувањена законските одредби.

„Но, за жал мора да констатираме дека се уште има работодавачи кои не ги почитуваат законите и со тоа ги прекршуваат работничките права“, рече Тренчевска.  (М.Ј.)