Драматични снимки: По 40 часа под урнатините, двајца мажи извлечени живи


Драматични снимки пристигнуваат од Мјанмар каде спасувачите се тркаат со времето за да ги извлечат преживеаните од под урнатините што ги остави разорниот земјотрес.

Еден млад човек беше извлечен од урнатините на урнатата зграда во главниот град Најпидау од страна на спасувачките екипи од Сингапур и Мјанмар во неделата, јави воената телевизија на земјата.

Тој бил спасен откако поминал повеќе од 40 часа под куп бетон и железо.

На спасувачите од Силите за цивилна одбрана на Сингапур (СЦДФ) и противпожарната служба на Мјанмар им беа потребни околу 24 часа да стигнат до човекот од урнатините и да го извлечат, изјави спасувач за МРТВ.

Кинеските спасувачки сили успеале да извлечат постар маж кој исто така поминал 40 часа под урнатините.

Во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што ја погоди сиромашната земја во петокот загинаа најмалку 1.644 луѓе, а 3.400 беа повредени. Околу 300 лица се водат како исчезнати.

Помошта полека пристигнува во Мјанмар, луѓето со голи раце копаат низ урнатините за да ги најдат своите најблиски, мртви или живи. Соседните земји на Мјанмар испратија воени бродови и авиони да му помогнат на спасувачкиот тим во неделата.