Домашен притвор за поранешниот бразилски претседател Болсонаро


 

Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александар де Мораис, вчера му одреди домашен притвор на поранешниот претседател Жаир Болсонаро поради прекршување на ограничувањата наметнати од судот.

Де Мораис во соопштението изјави дека Болсонаро, на кого му беше забрането да биде активен на социјалните медиуми, „ги игнорирал и не ги почитувал“ мерките на судот со учество преку видео повик во демонстрации во Рио де Жанеиро.

Судијата рече дека 70-годишниот поранешен претседател вршел влијание преку социјалните мрежи и покрај судските забрани, користејќи сојузници за ширење содржини што „поттикнуваат напади врз судот и повикуваат на странска интервенција“.

Додека поддржувачите на Болсонаро демонстрираа во неколку градови низ земјата во неделата и бараа амнестија за него, тој им се обрати на толпата во Рио де Жанеиро преку телефонот на неговиот најстар син, сенаторот Флавио Болсонаро.

-Добар ден, Копакабана, рече поранешниот претседател додека беше на звучник. Добар ден, мој Бразил. Прегратка за сите. Станува збор за нашата слобода. Ние стоиме заедно, рече тој во краткиот говор. Видео на кое се гледаат неговите поддржувачи како реагираат на пораката беше објавено на интернет, а подоцна избришано.

Десничарскиот популист беше ставен во ноќен домашен притвор во јули и носеше електронски уред за следење на глуждот додека неговото високопрофилно судење влегуваше во завршна фаза.

Според пресудата од вчера, на Болсонаро нема да му биде дозволено да ја напушти својата резиденција во Бразилија или да прима посетители, освен неговите адвокати. Исто така, му е забрането да користи мобилен телефон, вклучително и преку полномошно.

Одбранбениот тим на Болсонаро изјави дека е изненаден од наредбата и дека ќе поднесе жалба. Нивниот клиент строго се придржувал до барањата на судот, рекоа адвокатите, тврдејќи дека не му било забрането да дава интервјуа или да зборува јавно.

Затоа, краткото обраќање не може да се смета ниту за прекршување на условите ниту за криминално однесување, рекоа тие.

Во меѓувреме, неговиот најстар син изјави за радиодифузерот Си-Ен-Ен Бразил дека пресудата на судијата е доказ дека Бразил сега е „официјално диктатура“.

-Едно лице само го нареди затворањето на поранешен претседател на републиката, чесен, праведен човек, рече Флавио Болсонаро, обвинувајќи го де Мораис за прогон на неговиот татко.

Болсонаро е обвинет за обид за „уништување на демократскиот правен поредок“ со заговор за соборување на владата на неговиот левичарски наследник, Луиз Инасио Лула да Силва, по неговиот изборен пораз во 2022 година. Тој ги негира сите обвинувања.

На 8 јануари 2023 година, поддржувачите на Болсонаро упаднаа во Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата во Бразилија кратко откако Лула ја презеде функцијата.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, беше гласен во своите критики за справувањето на де Мораис со правните случаи поврзани со Болсонаро, повикувајќи на итно прекинување на тековното судење.

САД во средата го санкционираа де Мораес, обвинувајќи го судијата за водење на „незаконски лов на вештерки“ против американски и бразилски граѓани и компании, вклучувајќи го и поранешниот претседател.

Исто така во средата, Трамп издаде извршна наредба со која се воведува зголемување на царините за 40 проценти на широк спектар на бразилски увозни производи, а бразилските дипломати рекоа дека потегот е политички притисок насочен кон поддршка на Болсонаро.

Вчера, Бирото за прашања на западната хемисфера на американскиот Стејт департмент го обвини де Мораис дека „продолжува да ги користи институциите на Бразил за да ја замолчи опозицијата и да ја загрози демократијата“.

-Ставањето уште поголеми ограничувања на можноста на Жаир Болсонаро да се брани јавно не е јавна служба. Нека Болсонаро зборува, соопшти бирото во објава на X, додавајќи: „Соединетите Американски Држави ја осудуваат наредбата на Мораис за воведување домашен притвор на Болсонаро и ќе ги повикаат на одговорност сите оние што помагаат и поттикнуваат санкционирано однесување“.