Документарен филм ја поттикна белгиската држава на акција против сепсата


Белгиските власти донесоа одлука да формираат специјализиран тим со задача да изработи Акцискиот план за борба против сепсата, јави дописникот на МИА од Брисел.

Одлуката следува по неодамнешното емитување на документарниот филм „Пано“ на белгиската национална телевизија посветен на сепсата, што предизвика реакции во јавноста, но и во Федералниот парламент на Белгија.

Објавувајќи ја одлуката за формирање на тимот, белгискиот министер за здравство и социјална политика Франк Ванденбрук изјави дека експертите ќе имаат задача да дадат „сеопфатен совет“ и „различни перспективи“ за сепсата.

Сепсата се дефинира како е екстремна телесна реакција предизвикана од инфекции, како пневмонија или инфицирани рани, што често доведува до тешки последици, вклучително и ампутации, па дури и смртни случаи. Иако од сепса годишно умираат илјадници лица, таа е релативно непозната или погрешно сфатена состојба во пошироката јавност.

Според белгиската организација на пациенти што преживеале сепса „Сепсибел“, во Белгија секоја година сепса развиваат над 40.000 лица. Организацијата посочува дека до оваа бројка дошле врз основа на нивни истражувачки труд, бидејќи национална статистистичка служба моментално нема податоци за случаите на сепса во земјата.

„Сепсибел“, но и многу здравствени работници, со години апелираат за борба против сепсата и за запознавање на пошироката јавност за ризиците од неа, но дури по емитувањето на документарецот „Пано“, државата презема конкретни мерки.

Медицинскиот советник во Општата болница во белгискиот град Оденарде, д-р Ману Малбреин изјави дека струката уште од 2021 година се обидува да „ја стави сепсата на агендата на политичарите“.

– Имавме тркалезна маса во Парламентот во 2021 година, но до сега немаше никаква реакција, иако Светската здравствена организација уште во 2017 година побара од секоја земја да изработи национален план за сепса, изјави Малбреин за „Еурактив“.

Тој додава дека лани „Сепсибел“ заедно со други организации упатиле отворено писмо до политичарите, но тоа немало ефект.

Сепак, според него, дури по емитувањето на филмот „Пано“ работите почнале да се менуваат.

По емитувањето на филмот министерот Ванденбрук ја задолжи професорката Ерика Влиге да формира експертска работна група и да подготви анализа за изработка на национален акциски план за сепсата, кој според најавите би требало да биде готов до април 2024 година.

Според Малбреин, потребно е иницирање кампања за подигање на свеста во белгиската јавност и меѓу здравствените работници за рано препознавање и третман на сепсата.

– Системите за рано предупредување мора да се имплементираат во белгиските болници, придружени со обука за лекарите и медицинските сестри за тоа како да ги користат. Овие системи треба да бидат поддржани од тимови за предупредување за сепса и брз одговор за рано откривање, навремено препознавање и адекватно реагирање. Треба да се воведат низа координирани интервенции за да се одреди оптималната доза на течности, антибиотици и времетраењето на терапијата што ќе резултира со најдобри клинички резултати, додаде Малбреин.

Тој смета дека ваквиот пристап не само што ќе придонесе за „спречување на несаканите последици“ по пациентите, туку ќе резултира и со намалување на здравствените трошоци за државата.

Пратеничката во белгискиот Парламент, Натали Муле од партијата Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), која е дел од владината коалиција, изјави дека е фрустрирана што министерот Ванденбрук реагира дури сега, иако таа уште во 2021 година покренала иницијатива за изработка на национален план за сепсата.

Според неа, фрустрирачки е што дури документарецот „Пано“ го натерал министерот да преземе нешто, иако во Парламентот уште пред три години била иницирана дебата и доставени предлози за ова прашање, но тоа не резултирало со реакција од страна на Ванденбрук.