Дојде ли социјализмот во Германија?


„Ако не успеат други мерки со кои локалната самоуправа ќе изгради повеќе социјални станови, во случај на итност треба да се спроведе национализација“, изјави генералниот секретар на Зелените, Роберт Хабек, за неделното издание на весникот „Велт“. Тој додаде дека германскиот закон предвидува национализации во корист на општото добро: „Би било апсурдно да ја применуваме само кога градиме нови автопати, а не и за да се спротивставиме на недостатокот на простор за живеење“.

Во Берлин, кој има статус на главен град и на сојузна држава, на 6 април започна собирање потписи со цел да се гласа за национализација во локалниот парламент. На удар за одземање на сопственоста со надомест на штета, т.е. со некој вид национализација, ќе се најдат само фирми кои поседуваат и изнајмуваат повеќе од 3.000 стана. Се смета дека Берлин треба да плати повеќе од триесет милијарди евра за обесштетување на сопствениците. Само една од овие фирми, концернот „Дојче вонен“, во главниот град изнајмува околу 112.000 стана.

До гласањето во парламентот на Берлин би можело да дојде ако се соберат потписи од најмалку 7 отсто од граѓаните со право на глас. Но градскиот парламент потоа ќе одлучи дали предлогот да биде ставен на гласање или не. Ако одбие да се занимава со овој предлог, граѓаните имаат право да распишат референдум за тоа прашање (во Германија се дозволени само референдуми на ниво на покраини, а не на ниво на државата).

Во Берлин е на власт т.н. црвено-црвено-зелена коалиција (СПД, Партијата на левицата и Зелените), што не се усогласени за ова прашање. Левица го поддржува собирањето потписи, но е единствената од владејачките партии која за тоа донесе програмски одлуки на конгресот. Шефот на покраинската влада и градоначалник на Берлин, Мајкл Милер (СДП), многу е воздржан, но индиректно порачува дека не ја поддржува таа идеја: „Би сакал побрзи и полесни чекори кои би значеле помош за станарите“, изјави Милер објаснувајќи дека за него тоа значи изградба и откуп на станови.

Во Германија станови издаваат општини, станбени задруги или приватни лица. Во последниве неколку години цените на станарините во становите на приватните фирми се зголемија многу повеќе отколку во тие на општините или на задругите. Во 2017 година просечната цена на станарините по квадратен метар (не земајќи ги предвид трошоците за греење, вода и електрична енергија) во приватниот сектор е 8,70 евра, додека во општинските и кооперативните станови изнесуваа 7,50, односно 7,40 евра по квадратен метар. Овие износи се далеку поголеми во големите градови, а рекордер е Минхен.

На сојузно ниво, владејачките партии ЦДУ/ЦСУ и СПД го отфрлаат предлогот на Хабек и сметаат дека ситуацијата ќе се подобри со некои други мерки, како зголемување на јавните и приватните инвестиции во градењето станови. Со темата се зафатија и германските медиуми.

Според нивни процени, многу предлози што ги даде шефот на Зелените, Роберт Хабек, во борбата против недостигот на станбен простор се во ред – но еден е многу опасен: партијата која би можела да биде дел од следната германска влада смета дека национализацијата е легитимно средство на политиката. Тоа добро минува во јавноста, но може да има лоши последици бидејќи зошто некои би инвестирал во иднина ако не е сигурен дали и кога државата ќе одзема имот.

„Берлин е порадикален од остатокот на државата“, смета дневниот весник „Мителбаерише вајтунг“: „Тоа се гледа од собирањето потписите што започна за време на викендот – акција која бара да се откупуваат станови од фирми со повеќе од 3.000 стана. Прашината за ова се дигна многу подалеку од Берлин. Дојде ли социјализам? На прашањето може веднаш да се одговори: Не, никогаш нема да дојде. И покрај тоа, иницијативата има сила и погоди нерв.“

Друг весник пишува: „Дури и да откупи Берлин 242.000 стана, после тоа нема да биде дополнително изграден ниту еден нов стан. Инвеститорите, без кои недостигот од станови не може да се надмине, би биле заплашени и збунети. А, нема ни да се намалат станарините“. „Ноје оснабрукер цајтунг“ прашува: „Може ли на приватните лица да им се замери што сакаат да извлечат поголем профит со своите станови? Не – не може. Притоа, секој разумен приватен изнајмувач знае да цени добри и сигурни потстанари. Државата мора да дејствува без да се загрозува приватноста“.

Весникот „Тагес цајтунг“ напиша дека е лесно да се вети дека на едните ќе им се земе нешто за да им се даде на другите. Но, кога станува збор за сопственоста во неолиберализмот, ништо не е едноставно. Пред сè, затоа што, на пример, во Берлин на сите треба да им биде јасно дека токму тој град нема милијарди евра за да оттргне цели населби од рацете на глобалните оперативни шпекуланти. Во главниот град поради беспарицата не функционира ниту пријавувањето на новороденчињата… Национализацијата создава надеж дека нешто може да се изведе, но правно гледано тоа не е можно.

(Дојче веле)