Добрососедските односи и ЕУ во фокусот на надворешната политика, недоразбирањата со Бугарија да се решат со интензивна комуникација

Еден од главните приоритети на надворешната политика во следниве четири години е унапредувањето на добрососедските односи, а во таа насока недоразбирањата кои настанаа со Бугарија изминатите денови поради бугарскиот меморандум испратен до земјите-членки на Унијата треба да се решаваат со интезивирање на меѓусебната комуникација и на политичко ниво и преку состаноци на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Целиот тој процес треба да се одвива во рамки на Договорот за добрососедство со Бугарија, кој е темелот за надминување на разликите со нашиот сосед.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера одржа прес-конференција на која ги изнесе приоритетите на кои ќе работи во следните четири години, при што акцент стави на добрите односи со соседите, кои како што рече, влегуваат во нова фаза од нашиот севкупен политички и општествен развој.

– Додека бев вицепремиер за европски прашања користев една изрека која што во СЕП беше испишана на едно пано на сите јазици од регионот и оди вака: „Убаво е да имаш добри соседи, но вистинска победа е да ги имаш за пријатели“. Денес откако практично ги затворивме или можеби подобро во поактуелен контекст ги врамивме сите отворени прашања со соседите пред нас е отвора предизвикот да го преминеме скалилото на добрососедство, да ги отвориме можностите на длабоко и долгорочно пријателство, рече Османи, посочувајќи дека за таа цел преку имплементација на обврските од Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот за стратешко партнерство со Грција како приоритет во наредниот мандат предвидуваат и бројни конкретни проекти.

Османи изрази уверување дека стратешки интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде дел од Европската Унија и верува дека сите разлики ќе ги вратат во рамката преку интензивна комуникација и преку продолжување на работата на Комисијата.

– Убеден сум дека пристапот е интензивирање на комуникацијата. Секогаш кога има геп во комуникацијата нешто друго го пополнува јазот. Јазот го пополнуваат недозразбирањата, предрасудите, различните надворешни влијанија, и тој се создава секогаш кога вие ќе прекинете со комуникација. Сметам дека најважно е сега да ја воспоставиме интензивната комуникација за да го скратиме јазот кој некој друг би можел да го пополни со друга агенда, рече Османи.

Тој посочи дека во разговор со шефот на бугарската дипломатија Екатерина Захариева се договориле дека треба да се интензивира динамиката, да се договорат средби на највисоко можно ниво, да продолжи работата на Комисијата и да инсистираат целата комуникација, разговорите меѓу двете држави и надминувањето на разликите да бидат во рамките на инструментите кои ги предвидува Договорот за добрососедство.

Нагласи дека бугарскиот меморандум отстапува од принципите на кои се заснова Договорот кој е потпишан со Бугарија, а чија цел, како што наведе, беше токму тоа – да се создаде рамка, да се создаваат инструменти каде можат да се надминат разликите кои постојат меѓу двете земји низ децениите.

Тој смета дека не смее да се дозволи вакви отстапки во рамката која е создадена, да ни го одвлече вниманието и комплетно да не оттргне од „важниот мост што сме го изградиле“.

Во насока на градење на добрососедството предвидено е отворање на шест нови гранични премини со соседите, формирање на канцеларии за младинска соработка меѓу земјава и Грција кои ќе овозможат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји и силна посветеност кон суштински придонес на Берлинскиот процес, како проект кој треба да се реализира во првите 100 дена од новата Влада во рамките на заедничкото копретседавање со Самитот во Софија на 10 ноември.

Османи вчера истакна дека во регионот се уште има отворени прашања коишто не засегаат сите нас, а претставуваат и важен меѓународен приоритет особено на нашите партнери. Во таа насока истакна дека е предвидено создавање и на наша автентична иницијатива – Регионален центар за дијалог т.н. Преспа форум кој ќе биде платформа за добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде ќе произлезат нови иницијативи за регионална соработка, соопшти Османи.

Шефот на дипломатијата истакна дека имаме обврска и да го започнеме процесот на дебалканизација, а како посебен приоритет го наведе и нашето интегрирање во ЕУ.

Приоритети на надворешната политика во следните четири години ќе бидат и финализација на преговорите со ЕУ и поставување на систем за политичко водење на преговорите согласно новата методологија.

Првата меѓувладина конференција со која се означува стартот на преговорите се ЕУ е предвидено да се одржи во декември, а македонските власти сметаат дека бугарскиот меморандум не би требало да се одрази на тој процес, за кој и самата Бугарија дала зелено светло со одлуката од март.  Германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка, нагласувајќи дека од суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на Унијата со земјите од регионот на Западен Балкан.

– Во првите сто дена фокусот на надворешната политика е заокружување на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција или формалниот старт на преговорите. За тоа се ставени сите капацитети во погон, нагласи Османи.

Новата методологија за преговорите, како што посочи, предвидува засилено билатерално присуство и надзор не само на ЕК, туку и на секоја земја членка посебно. Во рамките на овој процес, како што информира, ќе се воспостави систем на еден вид рано предупредување за можните критични точки во преговорите како во Брисел, така и меѓу земјите членки со што на Владата ќе и обезбедат простор за навремено антиципирање на самите предизвици во преговорите.

– Самите преговори создаваат една политичка предвидливост и стабилност со што пред нас се отвора и нова можност за засилување на економската дипломатија. Со тоа МНР ќе добие и една практична, повидлива, еве да кажеме и директно поисплатлива улога во севкупната државна политика, потенцира Османи.

Во фоскуот на надворешната политика во следните четири години ќе бидат и учество во регионалната стабилност како искрен и стабилен партнер на САД и ЕУ, ревитализација и засилување на економската дипломатија согласно економските приоритети на Владата и вклучување на дијаспората и активна поддршка на мултилатерализмот, подигнување на присуство на мултилатералните организации како придонес кон светската стабилност и градење на меѓународната позиција и угледот на Република Северна Македонија.

Османи вчера порача дека планира со опозицијата да има отворена и директна соработка, но доколку идејата за соработка е искрена.

– Доколку идејата е искрена соработка, давам рака на поддршка со сите, доколку идејата е од ова да се направи шоу, од ова да се добиваат политички поени, тоа нема да го дозволам и нема да бидам дел од добивање на политички поени во вакви историски моменти за државата и за вакви прашања, нагласи министерот за надворешни работи.