Одзивот поголем од првиот круг и во општините што избраа градоначалник
Излезноста до 11 часот изнесува 14,18 отсто од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список за општините каде се гласа, односно на гласање излегле 160.035 гласачи, изјави на втората прес – конференција на Државната изборна комисија претседателот Александар Даштевски. Најмала е излезноста во Сарај и во Боговиње. Во неколку избирачки места имало прекини на гласањето подолги од еден час, а причината била немањето сигнал на уредите за читање на отпечаток од прст при ставањето на смарт – мемориската картичка, но проблемите се надминати, рече Даштевски.
„Прекини подолги од еден час утрово имало на избирачкото место 2867/1, на 2831 и 2815 во Скопје, потоа во Сарај на избирачките места 2433, 2435 и 2438, на избирачкото место 2652 во Карпош, во Чешиново-Облешево на избирачкото место 0887 и во Зелениково на избирачкото место број 2373, каде прекинот траел повеќе од три часа.
„Причините за прекините во Центар и Сарај се немањето на сигнал кога се ставала мемориската картичка, што се банални причини. Оние гласачи кои се вратиле дома ги повикувам да излезат на гласање, затоа што проблемите се надминати”, рече Даштевски.
Тој додаде дека во сите места во Македонија уредите за идентификација работат нормално и дека нема проблеми во гласањето, но и како што нагласи, . други технички проблеми немало никаде.
По општини, најголема е излезноста во Ранковце, 38,2 проценти, Вевчани – 31,24, Демир Капија – 30,14 отсто, Пехчево – 28,44 проценти, Конче – 26,74, Демир Хисар -25,19, Кратово – 25,12, Пробиштип – 24,75, Лозово – 23,51, Чашка – 22,73, Зелениково – 21,55, Македонска Каменица – 20,81, Росоман – 20,14, Гевгелија – 19,78, Битола – 19,56 oтсто од запишаните избирачи во Избирачкиот список итн.
Најмала е излезност во Сарај со 5,19 проценти од запишаните избирачи, како и во Боговиње со 6,8 проценти.ДИК досега има прифатено 109 приговори, а 65 се одбиени.
Во повеќето општини во рамки на градот Скопје, исто така, е забележана поголема излезност во првите два часa од денешното гласање во вториот круг, а во споредба со одѕивот во тој период во првиот круг пред две седмици. Споредбата покажува дека независно од тоа дали во некоја од 10-те општини во рамки на главниот град е избран градоначалник во првиот круг, одѕивот сега е повисок отколку на 17 октомври.
Како исклучок може да се наведе Сарај, каде што градоначалникот беше избран во првиот круг, а сега се гласа само за скопски градоначалник. Таму овој пат излезноста до 9 часот е нешто пониска отколку пред две седмици.
Од друга страна, значително повисок одѕив е забележан во Аеродром, каде што градоначалникот, исто така, беше избран во првиот груг, но и во Карпош, каде што сега се бира и градоначалник на општината и на градот Скопје. Сепак, во дел од општините во внатрешноста, денеска до 9 часот, е забележана повисока излезност отколку во скопските општини.