Дневник од карантинот на еден актер (9)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Вистинската поделба и не постои. Сите болни се потенцијално мртви, сите здрави се потенцијално болни. Според тоа, сите сме реално мртви. Светот конечно е единствен“.

Борислав Пекиќ, „Беснило“, (од дневникот на Даниел Леверкин)

 

Со драматичен пад на активноста на површината и исчезнување на сончевите дамки, Сонцето влезе во период на соларен минимум. Научниците веруваат дека ова ќе биде најдлабоката сончева рецесија некогаш снимена, што ќе доведе до соларни бури, но и до драстичен пад на температурите на Земјата. По неколку децении во кои „кралот на шумите“ беше доведен до истребување, Националниот парк „Галичица“ повторно е дом на европскиот елен. Волшебна е фотографијата на елени кои уживаат во цутењето на црешите во празниот парк „Нара“ во Јапонија, земјата која го победи корона вирусот без полициски час, карантин и масовни тестирања. Ресторан во Сиднеј, пак, промовираше бизарна идеја, поставувајќи картонски луѓе по масите, со цел да им даде простор за дистанца на гостите, а притоа тие да не се чувствуваат осамено. И додека во Хаити, најсиромашната земја од западната хемисфера, луѓето јадат „колачи од кал“ за да не умрат од глад, компанијата „Space X“ испиша историја, лансирајќи двајца астронаути на НАСА до Меѓународната вселенска станица.

Владејачкиот глобализациски либерализам сè уште нема реална алтернатива како смерница за развојот на светот после кризата. Пирамидата сè уште е главен модел за распределување на власта. Така, оние на врвот го земаат она што оние под нив ќе го створат. Еден процент од најбогатите поседува два пати повеќе пари од останатите 6,9 милијарди луѓе во светот. Јазот помеѓу богатите и сиромашните денес е поголем отколку за време на робовладетелството во стариот Рим. Според „Форбс“, за само два месеци од пандемијата на короната, 25-те најбогати луѓе во светот успеале дури и да го зголемат вкупното богатство за неверојатни 255 милијарди долари.

Заради неспроведување реформи, САД го прекинаа финансирањето на СЗО, а донесоа и извршна наредба против селективната цензура на социјалните медиуми. Покрај со пандемијата и идентитетската криза, земјата сега се соочува и со масовни протести, предизвикани од стравичната смрт на афроамериканец под коленото на полицаец белец, што го покажа грдото лице на расизмот и бруталноста на полициската држава. Но, демонстрацијата на насилство, палење и пљачкосување за време на протестите го делегитимираше нивниот мирен карактер, па тие се претвораат во инструмент за политичка злоупотреба, што ја турка Америка на работ од граѓанска војна. И додека во Кина и Австралија веќе се тестираат пробни вакцини против корона вирусот, кризата во моментов е најтешка во Јужна Америка, а Бразил и Мексико бележат рекорден број смртни случаи од Ковид-19.

По три месеци од почетокот, корона-кризата во Европа полека стивнува. Статистиката покажа дека посиромашните земји на стариот континент подобро се справиле во битката со вирусот, пред сè заради свесноста за товарот што нивните здравствени системи можат да го поднесат, но најмногу заради воведувањето строги и рестриктивни мерки уште во раната фаза на пандемијата. Во Италија излезе прва научна потврда дека на подрачјето на Милано заразени од корона вирусот имало дури и неколку недели пред избивањето на епидемијата. Бројот на мртви во Шведска ги разоткри контроверзите на „шведскиот модел“, а тестирањето покажа дека колективен имунитет на стадото не е постигнат, па дури 85-90 проценти од граѓаните ќе останат чувствителни на заразата.

Поради пандемијата, американската „Метрополитен опера“ ги откажа сите настани од пролетната сезона. А младата балерина Стефанија Гаштарска стана прва Македонка во ансамблот на московскиот „Бољшој“ театар. Со цел да ја подигне свеста за тешкотиите низ кои минуваат уметниците во екот на пандемијата, германскиот пијанист Игор Левит 20 часа го свиреше „Vexations“ на Ерик Сати, едно од најдолгите дела во историјата на музиката. Додека пак, славната италијанска актерка Сандра Мило протестираше врзана со катанци за оградата пред владата во Рим, поради непредвидената државна помош за самостојните уметници во Италија. Покрај за театарот, короната донесе проблеми и за филмската индустрија, па со цел да се спречи ширењето на вирусот ќе се забрани снимањето љубовни сцени, сцени со борба и други видови сцени што вклучуваат близок контакт на актерите.

Во немањето верба и отсуството на лична свест и колективна одговорност, Македонија доживува вистинска експлозија на новозаразени, па државата со видео-снимки од хоспитализирани ќе ги убедува граѓаните за постоењето на вирусот и опасноста од него. Вонредноста е продолжена, а по најавата за враќање на карантинот и полицискиот час, 20 илјади возила го напуштија главниот град, предизвикувајќи успешен извоз на вирусот низ другите градови и омилените викенд дестинации. Откако изборите станаа императив, во спрегата меѓу епидемиологијата и политичкиот маркетинг и популизам, менталитетот стана алиби за неуспешноста во борбата со вирусот, но и причина за враќање на земјата наназад и нејзина натамошна изолација. И додека Балканот и ЕУ ги отвораат границите со надеж за спас на летната сезона на туризмот, според протоколите за „новата нормалност“, во рестораните и кафетериите кај нас келнерите ќе ги легитимираат гостите дали се од исто семејство, за да одлучат дали можат да седат на иста маса.

Корона вирусот донесе и „нова реалност“ за летањето и авионскиот сообраќај, во која ќе има поскапи летови, дополнителен здравствен скрининг и санитизација на аеродромите. А токму на аеродромот, како најважно место на модерната цивилизација преку кое освен луѓето, патуваат и вирусите, е сместено дејството на култниот карантински роман „Беснило“ на Борислав Пекиќ од 1983 година. Возбудлив хорор/трилер, кој прочитан низ ракурсот на сегашнава криза, изгледа како реалистичен роман напишан пред своето време. Во средиштето на романот, кој не е документарна реконструкција иако се заснова на факти, е епидемиолошка катастрофа која се случува на аеродромот „Хитроу“ во Лондон, предизвикана од мутиран вирус на беснило, како продукт на неуспешен експеримент од генетскиот инженеринг. Низ личната визија од проширениот дневник на главниот лик, писателот Даниел Леверкин, Пекиќ прави извонредна научна анализа на екстремите на човечкото однесување во услови на неочекувана криза, со визионерски пораки за иднината на човекот и неговата цивилизација.

Во луцидноста на својата ерудиција и супериорното познавање на темата, Пекиќ прецизно ги исцртува границите на човечката егзистенција во ситуации кога животот и секојдневието драстично се менуваат. А нас, очевидците на корона-кризата, нè потсетува на подмолниот карактер на вирусот, кој никаде не заминува. За момент можеби се повлекува, но никогаш не се губи, останува да демне, скриен на некое за нас невидливо место, чекајќи го дури и најмалиот џеб за нов бран, следен напад и идна жртва.  За така, да ни го одржува секогаш жив и постојано буден стравот од неговата опасност за зараза, учејќи нè на соживот со неговата вистинска и моќна природа. А со тоа, да ја гради „новата нормалност“, да ја дефинира пристојната далечина, но да ја ограничува и можната блискост. За најпосле, вирусот да ја промени самата суштина на животот, принудувајќи нè на создавање нови идеологии, конвенци и ритуали низ кои ќе го дефинираме неговото идно значење.

(Васил Зафирчев е актер)