Дневник од карантинот на еден актер (6)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Дентa кога човек ќе дозволи да се појави вистинска љубов, оние нешта кои се добро направени ќе паднат во заблуда и ќе го превртат сето она за кое веруваме дека е точно и вистинско“                                                                                                Данте Алигиери, „Божествена комедија“

Со портрет што го одзема здивот, на огнено ѕвездораѓање во галаксијата „Голем Магелански Облак“, вселенскиот телескоп „Хабл“, што ја трансформираше нашата цивилизација отворајќи ни нов поглед кон вселената, го прослави својот 30-ти роденден. По повеќедецениската борба со интензивната урбанизација, систематското уништување и лошото управување, природата конечно дише слободно во изолацијата без луѓе. Додека арапски оникс се шета низ предградието на Дубаи, група морски лавови се сончаат на пристаништето Мар дел Плата во Аргентина, а лисица го посети космодромот „Бајконур“ во Казахстан. Како што одеднаш се отвори на самиот почеток на пролетта, така одеднаш и се затвори рекордната озонска дупка над Арктикот со големина на Гренланд. Откритието на ситни фосили од жаби стари 40 милиони години, потврди дека Антарктикот пред да стане опустошена и заледена пустина, бил прекриен со шуми, реки и бари во кои цветал животот.

Кризата, стварна или само перципирана сеедно, предизвикува вистинска промена. Борбата со вирусот се претвора во борба за човековите права. Пандемијата ја стигматизира слободата, а со неа и суштинската психо-емотивна природа на човекот слободно да мисли, чувствува и дејтствува. Тоа ја менува човечката психологија. Нашето ментално здравје е под подмолен напад од зголемената анксиозност. Стравот од можната зараза ни ја изобличува психолошката реакција, па нашето секојдневно однесување добива неочекувани и чудни поведенија. Поостри стануваат нашите морални уверувања и осуди, а поконзервативни нашите општествените дејствувања и ставови. Стануваме како вистински припадници на стадото кое го чека својот колективен имунитет. Корона вирусот можеби и ќе го преживееме, но човештвото и натаму ќе биде соочено со други, далеку поголеми закани по неговиот опстанок: пеколот од климатските промени, глобалната деградација на биолошката разноликост, пренаселеноста и неодржливиот регенеративен капацитет на планетата, социјалниот хаос од драматичните преселби на народите и гладот од библиски размери.

Ние и натаму сме како на апарати кои привремено нè одржуваат во овој привид на животот. Така стекнуваме имунитет кон наметната физичката дистанца. Се привикнуваме на новата нормалност во која и ние сме поинаку нормални, други. Кога животот не може да се живее онака како што посакува душата, тогаш тој станува само сон за она што би можела да биде среќата. Но, среќата, не само како општа именка за некаква радост, исполнување и задоволство, туку среќата како посебна именка која го содржи емотивното значење на сите оние убави моменти, драги луѓе, очекувани настани, посакувани случувања и омилени места од кои не оттргна кризата. Oние кои заради неа пропуштивме да ги видиме, да ги почувствуваме, да ги доживееме. За сите прекрасни нешта кои заради кризата засекогаш заминаа од нас. Копнежот по нив сега е само сеќавање, а можната среќа од нив само спомен кој исчезнува во далечината на нашиот поранешен живот. Илузија која се обидуваме да ја дофатиме како низ магла. Некакво убаво и топло чувство кое во неможноста да се материјализира, да стане стварно, само буди тага.

Нервозни и нетрпеливи од наметнатиот аскетизам, како безбожници кои го изгубиле својот духовен храм, сега лутаме низ чистилиштето на карантинот. Ни живи ни мртви, изгубени во мрачната шума на заблудата од страста, горделивоста и алчноста на мислата и духот, сега мораме да се соочиме со гревот, да се ослободиме од вината, за потоа со чиста душа да стигнеме до толку посакуваното блаженство. Животот одново ни ја открива својата скриена архитектура на „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, но не во нејзината филозофско-теолошка величенственост со енциклопедиски димензии, туку во нејзиното суштинско духовно значење, како визија за прогресот на човечката душа кон совршенството, како искрена исповед за секојдневната, вистинска состојба на нашата свест.

На тоа чудесно патување до вистината за човекот во нас, водени од свесноста, разумот и мудроста на нашиот Вергилиј, одново ги откриваме пеколот и рајот, но не како географски поими од небесната хиерархија, туку како делови од нашето внатрешно пространство. Пеколот и рајот не се ништо друго освен наша интерпретација на доброто и злото со кои гледаме на светот во нас и околу нас. Тие се состојби на свеста, наша лична перцепција креирана одвнатре. Пеколот е длабока илузија за светот и животот, која ни ја краде радоста и слободата на живеењето. Во таа илузија Луцифер станува олицетворение на стравот. Стравот е нашето најголемо зло од кое доаѓаат сите наши страдања, секое насилство и деструкција. Рајот, пак, се открива во светлината на нашата свесност за вечната сегашност. За сегашниот миг во кој сѐ е точно на своето место и ништо не треба да е поинаку од што е. Тоа „сега и овде“ во кое почнува и завршува сѐ. Единствена причина заради која не го чувствуваме блаженството на тој рај е заради тоа што мислиме само на она што ни недостасува, борејќи се да го задржиме она што го имаме, дури и ако тоа ни нанесува штета.

Но животот е божествена комедија која се случува секогаш одново и одново. Помеѓу секое вдишување и издишување, помеѓу секое примање и давање, помеѓу секое задржување и отпуштање. Сѐ во животот настанува и се губи помеѓу животот и смртта. Така и ние секојдневно се раѓаме и умираме во себе. Секое спознание е нов живот. Секоја промена е нова смрт на нешто што некогаш сме го сметале за важен дел од себеси. Ние внатре во себе ја носиме причината за сите несреќи и блаженства. И секој ден, секој миг, секој здив од нашето постоење е само нов избор помеѓу пеколот и рајот, помеѓу љубовта и стравот.

Потрагата по толку посакуваното блаженство на среќата, слободата, просветлувањето и мирот е всушност потрага по љубовта како одраз на божјата милост на Беатриче. А љубовта се открива само тогаш кога сите наши мисли, постапки и чувства вистински и длабоко резонираат со добронамерната природа на нашата душа и со чистотата на нашето срце. Складот со себеси и хармонијата со универзумот стануваат можни единствено и само преку стопување со таа љубов која го движи Сонцето и сите други ѕвезди.

(Васил Зафирчев е актер)