Дневник од карантинот на еден актер (25)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Впрочем, не се тркаламе само ние во овие грозни црнила што зјапнале пред нас наместо иднина. Сиот свет.“                                                                                    Коле Чашуле, „Црнила“

 

Набљудувајќи ја чудната и темна маса во надворешноста на Сончевиот систем, составена од ѕвездена прашина, комети, метеори и парчиња мраз, астрономите сметаат дека нашето Сонце, кое штотуку го започна својот 25. соларен циклус, во далечното минато имало изгубена ѕвезда близнак. Откритието на траги од токсичниот гас фосфин во облаците на Венера дава надеж за можни знаци на живот на оваа планета. Преку сет гени кои се појавиле пред 500 милиони години, истражувачите од Новиот универзитет во Колорадо го најдоа клучот за еволуцијата кај ‘рбетниците. На северот од Саудиска Арабија пронајдени се отпечатоци од човечки стапала кои датираат од пред 120 илјади години. Во Арктичка Русија откриена е совршено сочувана пештерска мечка од леденото доба стара 40 илјади години. Во опасност е антарктичкиот глечер „Твајтс“ со големина на Британија, наречен уште „глечер на судниот ден“, чие забрзано топење може да предизвика пораст на нивото на морињата од 10 метри. Заради пожарите на Западниот Брег, милиони птици паднаа мртви од небото над Ново Мексико. Во Шпанија, китови убијци нападнаа неколку бродови и чамци, а во Русија е снимено ретко албино младенче од фока. Прекрасни се снимките од снежната бајка во Аргентина, но стравични се фотографиите од Грција по ударот на ураганот „Медикан“.

Политичката поларизација во либералните демократии веќе со години се продлабочува. Довербата во владеењето на правото сè повеќе се намалува, па институционално гледано, состојбата општо се распаѓа, напиша поранешната министерка за надворешни работи на Шпанија, Ана Паласио. А токму кризата предизвикана од Ковид-19 само ги забрза овие трендови, па потребата од јасна стратегија за одбрана на либералната демократија станува итна како никогаш досега. Американскиот државен обвинител Бил Бар изјави дека карантинот за време на пандемијата е куќен затвор, а наредбите за останување дома се најголемото нарушување на граѓанските слободи и права во американската историја. Во есеј објавен во списанието „Форин полиси“, научникот од универзитетот „Харвард“, Вивек Вадва, предупредува дека предоцна е да се запре глобалното ширење на технологиите кои овозможуваат создавање вируси и дека по пандемијата на корона вирусот светот сигурно ќе се соочи со нова вештачка пандемија. „Фејсбук“ поради регулативи најави можност за напуштање на Европа, а компанијата „Гугл“ се обврза дека до 2030 година, во сите свои податочни центри и канцеларии ширум светот ќе користи само „free carbon“ енергија.

По најголемото ширење на корона вирусот од март, СЗО предупреди дека ситуацијата во Европа е многу сериозна. Додека Шведска бележи најмали бројки од почетокот на кризата, другите европски земји најавија воведување нови рестрикции во обид да го сопрат ширењето на вирусот. Сомневајќи се во манипулација со податоците, 40-ина научници од Европа, САД, Канада, па дури и Русија, во отворено писмо ги доведоа во прашање податоците за руската вакцина „Спутник 5“, објавени во угледниот медицински журнал „Лансет“. Руското министерство за здравство потврди дека еден од седум волонтери кои ја примиле руската вакцина против корона вирусот имале несакани ефекти, како болки во мускулите, исцрпеност и треска. И покрај загриженоста на експертите за безбедноста на вакцината, Кина вакцинираше десетици илјади луѓе со екпериментална вакцина. Истражувањето на имунологот Акико Ивасаки од универзитетот „Јеил“ покажа дека коронавирусот е способен да се размножува и во мозокот, одземајќи го кислородот од околните мозочни клетки. Кинескиот вирусолог Ли Менг Јан, која избега од татковината откако јавно изјави дека Пекинг го прикрил фактот за ширењето на короната меѓу луѓето, најави дека ќе презентира докази кои потврдуваат дека корона вирусот е создаден од човекот.

Иконата на златното доба на Холивуд, 86-годишната италијанска актерка Софија Лорен, по 11 години пауза од филмот,  ќе ја игра главната улога во новата италијанска драма „Животот пред нас“ во продукција на „Нетфликс“. Во 93. година од животот, почина иконата на француската шансона Жилиет Греко. Легендата на српскиот театар и најстарата жива актерка на овие простори, Бранка Веселиновиќ, го прослави својот 102. роденден. Со еден централен настан беше одбележан 41. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а лауреат на наградата „Златна камера 300“ за животен опус е големиот полски кинематографер Јануш Камински. Во „Дубровничките музеи“ отворена е  изложбата „Скриеното богатство на Македонија“ со богата текстилна и друга граѓа, сочувана како дел од колекциите и музејските збирки во Дубровник. Археолошкиот локалитет Стоби ја промовираше виртуелната апликација од проектот „Откривање на римскиот град Стоби – Виртуелно искуство“. Во Велес се одржаа 57. „Рацинови средби“, а Томислав Османли е добитник на „Рациновото признание“ за 2020 година. Од 28 септември до 3 октомври на отворено ќе се одржи фестивалот на комедијата „Гола месечина“, а од  8 до 18 октомври, онлајн ќе може да се следи јубилејното 5. издание на филмскиот фестивал „Киненова“. На филмскиот фестивал „Рејнденс“ кој од 28 октомври до 7 ноември ќе се одржи во Лондон, филмот „Врба“ доби номинација за најдобар филм, а Милчо Манчевски е номиниран за најдобар режисер.

Сосотојбата со Ковид-19 кај нас се влошува, бројот на заболени се зголемува на дневно ниво, па можни се нови рестрикции. Оставајќи празни бебешки шишиња пред Владата, мајките на деца до 6 години и оние кои се на породилно отсуство протестираа по одлуката за враќање на работа. За користење на Националната платформа за онлајн настава се обучуваат 1.600 наставници, а дури 40 илјади ученици немаат компјутер за следење на наставата. Жените во Македонија и понатаму се за 23 отсто помалку платени од мажите за иста работа. По барање на пратеникот Васил Стерјовски, албанскиот парламент во Тирана ќе расправа за состојбата со алармантниот пад на водостојот на Преспанското Езеро. Мерните станици за мерење на аерозагадувањето по сè изгледа и оваа зима нема да бидат во функција. Приходите и расходите во буџетот се согласно проекциите, а четвртиот пакет економски мерки нема да го зголеми јавниот долг над проектираните 60 проценти од БДП. Во извештајот за 2019 година, Стејт департментот нотира дека селективното спроведување на законите, високата корупција, уназадувањето и лошата економија и понатаму се проблем за Македонија. Преку меморандум според кој Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик е норма на бугарскиот, Бугарија почна со блокадата на Македонија во ЕУ.

Безнадежноста и апсурдноста од страотната изопаченост на светот, на човекот и на самото постоење се главна преокупација во творештвото на големиот драмски писател Коле Чашуле, особено во неговата „пророчка“ драма „Црнила“, една од врвните во македонската драматургија. Нашишана е во 1960 година, а премиено изведена во 1961 година на сцената на МНТ во режија на Илија Милчин, со легендарните Тодорче Николовски како Христов и Петре Прличко како Фезлиев. Инспирацијата на Чашуле за оваа драма е вистински историски настан, а темата е убиството, или поточно атентатот врз Ѓорче Петров од неговите сонародници, Македонци. Структурирана е во четири драмски дејства, а дејството е сместено во 1921 година во Софија, во домот на Христови каде се подготвува предавничкиот заговорнички чин. Ликовите се типични херои за едно времо и за една средина. „Црнила“ е драма на теза која се остварува преку апсурдот на еден лик дојден во непознат свет со политички задни намери, а нејзината идеја е осуда на моралниот пад на човекот, на братоубиството, на забивањето нож в грб, на самоуништувањето како тажна страница од нашата мрачна историја.

Толку ли се изопачи светот, па секое општество е лошо, грдо и расипано, а секоја идна власт е само полоша од претходната? До толку ли се отуѓивме од човекот во нас самите, што секој од нас прикриено го носи во себе тоа исто зло, чекајќи вистински момент да го покаже? И зошто тоа зло најчесто се манифестира кога човек ќе се дограби до власт или кога ќе му биде одземена таа власт? Идеалното општество е утопија и тоа не може да постои во свет на лаги и неправди во кој „ниедна светиња и идеал не останале чисти и неизвалакни“. Затоа, апсурдот станува единствен начин на живот, а антиутопизмот единствен спас од неговата бесмисла, како зрак надеж сред црнилата и последно прибежиште за вистината. И додека главна цел на новиот светски поредок станува трансхуманизмот, кој треба да го избрише последното човечко во луѓето, што ќе биде со нас и со иднината на оваа мала земја, достојана низ вековите, дотраена низ премрежијата, но сè уште жива и неискорната? Ќе станат ли црнилата од самоуништувањето наше проклетство и наша судбина, или ќе успееме да ја откриеме нејзината смисла во нас самите, па сите ние ќе станеме Македонија, а секој од нас ќе биде по една Македонија? Или пак можеби вечната идеја за неа „веќе е мртва, одамна мртва, првин во нашите срца, а потоа и таму каде што ја бараме – во Историјата?“

(Васил Зафирчев е актер)