Дневник од карантинот на еден актер (10)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Избувна смртоносна чума, можеби под влијанието на небесните светла, а можеби беше испратена врз нас, смртните од справедливиот божји гнев, за да нè казни за гревовите и да нè натера да се поправиме“                                                          Џовани Бокачо, „Декамерон“

 

Откритието на голема диск-галакасија, создадена пред 12,5 милијарди години и најоддалечена од таков вид досега, отвори нов поглед во раната фаза од историјата на универзумот. Покрај месечевата еклипса и опасниот астероид кој помина покрај Земјата, во јуни нè очекува и помрачување на Сонцето. Иако стар илјадници години, Стоунхенџ се адаптира на новата виртуелна ера, па за прв пат на ова друидско и мистично место ќе се врши пренос во живо од изгревот на сонцето во летниот столициј. Научниците направија дигитална копија од 44,8 гигапиксели на Рембрантовото ремек дело „Ноќна стража“, кое досега можеше да се види единствено во „Ријкс“ музејот во Амстердам. На самиот праг од летото, во Словенија падна 70 см снег, а покрај короната и горештината од досега незапамтениот топлотен бран, Индија се соочува и со катастрофална инвазија на скакулци кои пустошат сè пред себе. Фасцинира видеото од стадо диви коњи кои галопирајќи на патеката меѓу врвовите Балтан и Цуце уживаат во слободата на Пелистер.

Бројот на заразени со корона вирус во светот и натаму драматично расте. Вирусот го шират и луѓето без симптоми, а новите кластери го отежнуваат неговото сузбивање. Првпат од почетокот на кризата, Шпанија нема нови смртни случаи, а во болницата „Хоспитал дел Мар“ во Барселона, како дел од процесот на закрепнување, пациентите ги носат на плажа за да уживаат во глетката на морето. По враќањето на нормалниот живот, Нов Зеланд стигна и до укинување на мерката за физичка дистанца, а мистерија е како Виетнам, земја со 97 милиони жители и граница со Кина долга околу 1.400 километри, нема ниту една жртва од короната. Додека Црна Гора ја укинува обврската за носење заштитни маски, а Србија сите забрани и ограничувања на отворен простор, серолошкото тестирање во Хрватска покажа дека заразени со корона вирусот биле помалку од 80 илјади луѓе, па во случај на втор бран од пандемијата најголем дел од граѓаните ќе бидат загрозени од заразата.

Дури по три месеци, СЗО ја промени одлуката за задолжително носење маски, но затоа побрза со барањето Мадагаскар да го укине природниот лек „Covid Organics“ направен од билката артемизија, што го лечи Ковид-19 за 10 дена. Во глобалната трка за профит на фармацијата, „хлорокинот“ преку ноќ беше заменет со „ремдесивирот“, иако е двојно поевтин и со безбедна историја на користење. Како ефикасен лек за короната Турција го произведе лекот „фавипивавир“, а покрај лекот против грип „авифавир“, за ублажување на најтешките компликации од вирусот Русија го одобри и лекот „левилимаб“. Вистински подвиг направија лекарите од Медицинскиот универзитет во Виена откако на пациентка ѝ трансплатираа бели дробови кои претходно ѝ беа уништени од корона вирусот. И додека Средоземното Море е преплавено со маски и ракавици, за чиешто разградување на природата ќе ѝ требаат 450 години, иноваторите на заштитна опрема ја претставија маската со функција за само-дезинфекција преку вградено ултра-виолетово светло, како и инхалаторот против короната со експериментален лек што во себе содржи интерферон бета.

„Royal Opera House“ го најави својот прв концерт по карантинот, со три претстави на операта и балетот што ќе се пренесуваат во живо од „Ковент гарден“. Првпат после епидемијата, со мини-концерт на ансамблот на операта, Српскиот народен театар во Белград се сретна со својата публика, а традиционалното јунско издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е одложено за во септември. Во негувањето на македонскиот јазик, чиј правопис одбележа 75 години, промовирана е првата иновативна алатка „МАИКА“ што македонскиот текст го претвора во македонски говор, а со превод на 7 песни, грчкото книжевно списание „Карта“ објави портрет на македонскиот лингвист Блаже Конески. Како одговор на политичката провокација и квази-научната теза за македонскиот јазик од БАН, МАНУ го издаде „Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти“, со 50 дијалектни карти и легенди, што само потврдуваат дека македонското дијалектно простирање е далеку поголемо од државните граници. Наспроти континуираното негирање на македонското малцинство во Бугарија, Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе пресуда во корист на Македонците, обврзувајќи ја бугарската држава да го регистрира „Македонскиот клуб за етничка толеранција“.

Заради прераното укинување на рестрикциите и непочитувањето на мерките за заштита, корона-кризата кај нас станува алармантна, а ваков скок на заразени нема ниедна друга држава од регионот. Иако апликацијата „Стоп корона“ досега не открила ниеден случај на корона вирус, вкупниот број заболени надмина 3.700, најголем дел од регистрираните смртни случаи се над 60 години, а 76,3 отсто од нив имале и претходни заболувања, најчесто кардиоваскуларни болести. Државните капацитети за справување со кризата се веќе исцрпени, па доколку ситуацијата наскоро не се подобри, штетите врз економијата ќе бидат уште поголеми, а постои и реална опасност од социјална криза за земјата. Вистинска експлозија имал и финансискиот криминал, па само минатата година бил 32 пати поголем отколку во 2016. Свесноста за корупцијата кај нас е сè уште на многу ниско ниво, институциите се неефикасни во нејзиното спречување и санкционирање, а дури 70 отсто од општините немаат никакви политики и механизми за антикорупција.

За време на карантинот, 47 проценти од младите кај нас не прочитале ниту една книга, а меѓу најпродаваните книги на листата на „Амазон“ во категоријата италијанска книжевност е „Декамерон“ на Џовани Бокачо од 1353 година. Животна помош за справување со изолацијата читателите побарале токму во оваа збирка новели, напишана во времето кога чумата владеела во Фиренца, а која неретко била и инспирација за повеќе театарски постановки низ светот. Дејството обединува седум жени и тројца мажи, кои од заболениот град бегаат во раскошна вила во Фиесола, за таму да го пребродат тешкиот период, десет дена раскажувајќи стотина приказни. Иако е повеќе од јасно дека приказните не можат да нè заштитат од вирусот, секако можат да бидат утеха, олеснување на стравот и бегство од мрачните чувста кои со себе ги носи изолацијата.

А какви се нашите приказни од карантинот, кои доправа ќе им ги раскажеме на другите? Која е нашата приказна, кога карантинот ги помести границите на за нас познатиот свет, бришејќи ги спомените од нашиот поранешен живот, заедно со сите пропуштени прилики, неискористени шанси и изгубени мигови за задоволство, исполнување и среќа. Низ длабоките увиди, вдахновенија и вистинско знаење од миговите сами со себе, кризата ја промени нашата суштина, а соочувањето со стравот во изолацијата ги откри нашите нови можности и нашата нова слобода.

Карантинот ги спои во една точка старото и новото, минатото и иднината, традицијата и модерното. Местата на нашата најголема несигурност станаа места на кои треба да сме најодговорни, спознавајќи го она што ни е суштински најважно во животот, она кон кое треба посветено да се стремиме и она со кое треба да се поврземе за да изградиме нешто ново. Иако изневерени од очекувањето за нашите идеи и слики за животот заради кризата, но со подобар увид во скриените делови од себеси, промената која досега ја очекувавме во светот надвор, сега доаѓа од нас самите. А нашиот животен пат е само наш, исто колку што е наша и одговорноста за она што ни се случува. После месеци чекање во осама, пред нас е нова приказна, во која конечно ќе излеземе на сцената на животот, за да ја оживееме нашата толку посакувана претстава на срцето.

(Васил Зафирчев е актер)