И за законот за одбрана ќе се гласа в недела


Фото: Б. Грданоски

Во Собранието попладнево заврши расправата за Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, но и за него ќе се гласа на утрешното продолжение на 135. Седница која претседателот на Собранието Талат Џафери го закажа за 11 часот. Причината, како што образложи Џафери, е тоа што овој закон е тесно поврзан со Предлог законот за јавно обвинителство, кој исто така ќе биде ставен на гласање утре, непосредно пред седницата за распуштање на парламентот.

Како и изминатите денови, така и денеска пратениците најмалку расправаа за содржината на законските решенија, а наместо тоа доминираа обвинувања меѓу партиите за криминал, непотизам, за корупцијата, се спомнуваа Галилео Галилеј, странски амбасади, а често се спомнуваше и разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

Ставот на пратениците на опозицијата беше дека двата закони од областа на правосудството се селективни и дека главниот мотив за нивното донесување е од правото и правдата да бидат спасени претставниците на актуелната власт. Според пратениците од владејачкото мнозинство, пак, законот ќе овозможи да се зголеми професионалноста на членовите на Советот на јавни обвинители.

Потоа се премина на расправа по дневниот ред од 123. Седница, на која на дневен ред беа измените и дополнувањата на Законот за одбрана, при што на почетокот на општиот претрес дојде до вербален дуел и краткотрајна кавга помеѓу пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Димовски се налути поради тоа што во неколку наврати во текот на денешниот ден, кога дискутираа пратениците на неговата партија, во етерот одеше превод на албански јазик, при што со Џафери разменија неколку реченици на висок тон.

Димовски во дискусијата за Законот за одбрана побара да не се гласа за предложените измени и дополнувања, односно да не се промени името на Армијата на Република Македонија, во Армија на С. Македонија. Тој рече дека промената на името на АРМ, според Преспанскиот договор, треба да се направи кога земјава ќе почне преговори за членство во ЕУ, односно кога ќе ги отвори преговорите во конкретно поглавје, а додека се дојде до такво нешто ќе поминат години.

Од страна на владејачката коалиција беше објаснето дека промената на името на АРМ е само еден сегмент од предложените законски измени и дека станува збор за системски закон кој е неопходно да се донесе поради членството во НАТО.

Гласањето и за овој закон ќе биде утре, во 11,30 часот.