Димитров во Хаг: Треба да бидеме оценувани строго


Реформите во клучните области, како и постигнатиот успех во унапредување на односите со соседите биле дел од темите на средбата на министерот за надворешни работи Никола Димитров со неговиот холандски колега, министерот за надворешни работи Стеф Блок, со кого разговараше во Хаг.

Димитров се осврнал на односите со соседите и пресвртот што земјата успеа да го постигне преку склучувањето на договорите со соседна Грција и Бугарија, како редок пример за визионерско лидерство во регионот. „Ние сме силни поддржувачи на принципот ‘стриктно и фер’. Би сакале да бидеме оценувани за тоа што можеме да го направиме и да бидеме оценувани строго. Доколку има напредок да има и негово признавање. Нашата цел е Северна Македонија да ја направиме модерна европска демократија. Таму не претендираме да стигнеме преку ноќ, туку преку работа и доследно придржување до суштината на процесот“, истакнал Димитров на средбата.

Во рамки на посетата, министерот Димитров имал обраќање и пред парламентарната Комисија за европски прашања.