Димитриеска-Кочоска: Поддршката на жените лидери е инвестиција во посилна економија и посилно општество
Поддршката на жените лидери е инвестиција во посилна економија и посилно општество, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска на синоќешната манифестација што ја организираше агенцијата „Марили“ по повод 30-то издание на „Избор на најуспешни жени менаџери“.
Димитриеска – Кочоска посочила дека поддршката на жените во економијата и претприемништвото не е само прашање на родова еднаквост, туку и прашање на одржлив економски развој.
– Поддршката на жените во економијата, претприемништвото и лидерството значи поддршка на економскиот развој. Секоја жена која создава нова вредност придонесува за посилни компании, поконкурентна економија и посилно општество, рекла министерката.
Нагласила дека успехот на жените лидери има особена тежина, имајќи ја предвид нивната повеќекратна улога во професионалниот и личниот живот, како носители на одговорни позиции, но и како поддршка на семејството и заедницата.
– Јас доаѓам од приватниот сектор-средина во која резултатите секојдневно се мерат, во која довербата се гради со работа, а одговорноста не е формалност, туку начин на функционирање. Таму ги изградив моите професионални вредности, таму научив дека успехот никогаш не е индивидуален, туку е резултат на посветеност, тимска работа и јасна визија, истакнала министерката.
Според Димитриеска-Кочоска, институциите имаат обврска да продолжат со создавање средина во која жените ќе имаат уште поголема поддршка за професионален развој, лидерство и претприемништво, како и да бидат инспирација за младите генерации.