Димитриеска Кочоска: Четири странски инвеститори ги раскинале договорите


Димитриеска Кочоска вели дека се уште нема добиено детален преглед за што ќе се искористат парите. Без тоа нема да го стави потписот на документот, категорична е таа

Една германска компанија, две турски и една албанска, ги раскинале договорите за вложување во земава, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, претседателка на Комисијата за материјално-финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.

„Само во последниов период раскинати четири договори со странски инвеститори и тоа се странски инвеститори кои СДСМ ги договорил, потоа ги раскинале договорите, станува збор за германски Кеслер кој требало да вработи 150 лица, две турски компании, една за прозиводство на улично осветлување, една за автомобилска индустрија и една компанија од Албанија инвестиција во фармацевтската индустрија, која требало да вработи 300 лица, овде станува збор за инвестиции кои власта ги договорила, па потоа ги раскинале договорите, изјави Димитриеска Кочоска за радио Лидер.

Според неа зад ваквата одлука на раскинување на овие инвестиции можно е да влијаела корупцијата, честото менување на законски прописи како со прогресивниот данок и неуспешните економски политики на Владата.

„Кога сме кај странските директни инвестиции Фајненшл тајм, Македонија според индексот за успешност на странските инвестиции во 2016 година била на високото трето место, од 2018 паднала на 18-то во 2019 ја нема воопшто на листата од 50-тина држави, тоа упатува сигнал кај инвеститорите дека нешто не е добро во државата“, изјави Димитриеска Кочоска.