ДИК предлага преодна одредба да важат старите важечки документи за овие избори


 

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски денеска изјави дека ДИК предлага во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.

– Како ДИК до Собранието дадовме еден предлог до Собранието – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието, истакна Даштевски.

Што се однесува до лицата кои навршуваат 18 години, Даштевски рече дека тие ќе можат да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список.

-За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат. Тоа што е во законот, тоа е, рече тој.

Инаку, со денешната свечена изјава на Абдуш Демири се комплетира седумчлениот состав на Државната изборна комисија, откако повеќе месеци беше испразнето едно место по заминувањето на Кренар Лога кој стана министер за правда. Новиот член на ДИК беше предлог на албанската опозициска коалиција.

Даштевски смета дека Демири совесно и професионално ќе ја извршува својата задача.

– Во претходните мои изјави бев оптимист и бев сигурен дека ќе се избере членот, така што комплетиран е составот на ДИК со седум члена и не се остава простор за било какви манипулации што би можело да создаде едноставно сомнеж, а не значи дека ќе има, рече Даштевски.

Демири изјави дека ќе ги извршува своите задачи согласно Изборниот законик.

– После еден долг процес од една година, конечно албанската опозиција го доби својот претставник во ДИК. Не знаеме зошто овој процес се одолговлекуваше, иако со закон местото беше резервирано за албанската опозиција, рече Демири.