Дигитализацијата на царинското работење го олеснува и забрзува протокот на стоките


Сите земји во светот, а пред се развиените и државите од Европската унија, се фокусирани на дигитализацијата на царинското работење што може да го олесни и забрза протокот на стоките, порача директорката на Царинската управа Славица Кутиров во обраќањето на конференцијата „Преку дигитализација кон нова генерација на соработка“, што денеска се одржува во Скопје, а на која се присутни раководителите на царинските управи од регионот и меѓународните партнерски организации.

– Целта на дигитализацијата е да се унифицира, олесни и забрза протокот на стоките и меѓународната трговија во целост и со тоа да се обезбеди поголема конкурентност на компаниите и раст на економијата, паралелно намалувајќи ја можноста за нелегалните постапувања. Придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата таргетираат над 11.000 домашни компании – активни учесници во увозно-извозните царински постапки, рече Кутиров.

Таа нагласи дека од големо значење за земјава се и активностите кои паралелно се реализираат во рамките на иницијативата Отворен Балкан во насока на понатамошно усогласување и олеснување на прекуграничните постапки, со цел, како што рече, овозможување на слободно движење на стоки и побрза интеграција во Европската унија.

– Она што е вистински предизвик за царината е постојаната борба пред која сме исправени, да обезбедиме баланс помеѓу потребата од се поголемо забрзување на прекуграничната трговија, која има за цел зголемување на меѓународната трговија од една страна и спроведување на ефикасни контроли за заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните од друга страна, притоа обезбедувајќи ефикасна наплата на приходите и заштита на финансиските интереси на државата, потенцира Кутиров.

Генералниот секретар на Светска царинска организација (СЦО), Кунио Микурија, во своето обраќање порача дека регионалната соработка преку дигитализација е нешто што СЦО се труди да го промовира низ целиот свет.  

– Ние во Светската царинска организација често посочуваме четири работи – користење на меѓународни алатки и стандарди, технологија, тренинг и обука на царинските службеници и градење доверба. Во таа насока ги поддржуваме и нашите членки, посочи Микурија. 

Според него, регионалната соработка е важна, особено што дигитализацијата на меѓуграничнинте процедури може да придонесе за поголем заеднички пазар. 

– Царината најчесто е многу техничка работа, без да се политизира. Се надевам дека преку прекуграничната соработка, користењето на технологијата, добри обуки на царинските службеници, користење меѓународни стандарди и алатки ќе може да се изгради доверба меѓу шесте земји од Западен Балкан, како и понатаму со земјите од ЕУ и светот, рече Микурија. 

Тој порача дека царината не може да го контролира секој пакет од пратката, но дека е клучно да се прегледаат сомнителните пакети од секоја царинска пратка.

– За добро да се направи тоа, клучна е размената на податоци. Царинските управи треба да најдат начин безбедно да разменуваат податоци и тоа да го прават често за да може да се процени која пратка е сомнителна и темелно да се прегледа, истакна Микурија. 

Директорот на Канцеларијата на Светска банка, Масимилијано Паолучи, посочи дека во фокусот на денешниот настан е дигитализацијата на граничните процедури и едношалтерски систем во Западен Балкан и разгледување можности за прекугранична трговија без хартија во регионот.

– Западниот Балкан не го користи целосниот потенцијал што блиската интеграција со глобалните синџири може да го има. И покрај инвестиции во инфраструктурата и меѓуграничниот менаџмент, се уште е потребно многу време за транспорт на стоки. На пример, намалувањето на просечното време на чекање на граничните премини во регионот, се проценува дека е еднакво на тргање на 4,6 проценти од „ad valorem“ тарифата. Но, за жал премногу нетарифни бариери и ограничувања го кочат патот за поголем извоз на стоки и услуги, нагласи Паолучи. 

Според последното истражување на Светска банка, како што посочи тој, подобрувањето на трговската инфраструктура и намалувањето на застојот на границите може да генерира добивка меѓу 0,5 и 1,4 проценти реален приход за сите земји од Западен Балкан, со најголем придобивка кај Црна Гора и Северна Македонија.  

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека современиот, динамичен начин на прекугранично движење на луѓе и стоки бара постојани промени во извршување на услугите кон граѓаните и бизнисот.

– Дигитализацијата, примената на најсовремените технолошки решенија при царинење и тесната соработка на регионално ниво во оваа област се клучни фактори при давањето соодветен одговор на растечките потреби и барања на нашите компании и граѓани. Царинските служби во такво динамично опстојување се соочуваат со потребата постојано да го унапредуваат своето работење, со цел да бидат препознаени како партнери што ги подржуваат и граѓаните и компаниите. За да се обезбеди сигурна и брза размена на стоки, услуги и капитал потребно е високо ниво на професионалност и транспарентност во соработката со сите учесници во современата трговија, посочи Бесими.

Царината, додаде тој, постојано се залага за унапредување на царинското работење преку дигитализација и примена на најсовремени технолошки решенија, кои се основни столбови на модерна царинска администрација.

– Целта е подобрување на услугите за економските оператори и поефикасни контроли, а во таа насока се преземаат активности за надградба на системите за електронски царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД) и за интегрирана тарифна околина (ИТО), унапредување на едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти (EXIM), електронско поднесување барања и издавање царински одобренија (МЕОС), како и нов сервис за проверка на дозволите за превоз издадени од Министерство за транспорт и врски, рече Бесими.

Говорејќи за трите компоненти на Проектот  за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, што е координиран од неговиот кабинет, вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи истакна дека доследноста на нашата царинска администрација, нивната страст и посветеност ќе резултира со правилно и успешно спроведување не само на овој проект, туку ќе се постигне и нашите граѓани и нашите бизниси да имаат корист од нивната работа. 

Битиќи нагласи дека со целосна имплементација на првата компонента ќе може да се поедностави процедурата за граничен премин минимизирајќи го времето поминато на чекање на границите и значително ќе се намали бројот на документи потребни за обработка и администрирање на царинските услуги. 

Втората компонента, како што посочи вицепремиерот, дополнително ќе ја зголеми ефикасноста во предвидливоста на транспортот овозможувајќи им да изградат и инсталираат најсеопфатен интелигентен транспортен систем на најчесто користениот автопат во земјата – Коридорот 10.  

– Ова е целосно усогласено со нашата национална стратегија за интелигентен транспорт системи усвоени во 2022 година и ќе бидат целосно контролирани од Националниот центар за контрола на сообраќајот со седиште во Петровец, рече Битиќи. 

За време на имплементацијата на третата компонента на проектот, Владата очекува зголемување на пристапот до услугите и зголемување на регионалните инвестиции преку имплементација на сите неопходни ЦЕФТА протоколи за усогласување со сите регионални иницијативи и регулативи и избегнување на какви било околности во кои нашите компании или нашите граѓани нема да се третираат подеднакво со оние од целиот регион. 

– Во последниот извештај за земјата на Европската комисија во врска со нашите царински органи се оценува добро ниво на подготовка со постојан напредок речиси секоја година во консолидација, примена и надградба на ИТ системот, нагласи Битиќи.