Девет дена се гаси пожарот на планината Готен

Пожарот на планината Готен на страната на Берово се става под контрола. Заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов вели дека едниот крак кон Берово, помеѓу Мал и Голем Готен континуирано силите на Берово со тешка механизација веќе три дена го држат под контрола и истиот е пред целосно негово локализирање.
– Другиот крак кон Берово кој може да префрли накај Дарлан, денеска го гасат шест пинцгауери со вработени од ЈП „Македонски Шуми”, а во текот на утрешниот ден планирано е со помош на војниците од АРМ целосно да се отсече и тој крак и да се стави под целосна контрола, вели Михаилов.
Тој посочува дека на планината Готен пожар има девет дена и е зафатена територија на општините Василево, Радовиш и Берово. Во текот на денешниот ден најкритично е на кракот во Општина Радовиш, кон селата Јаргулица и Подареш.
-Таму ќе работат ТППЕ Радовиш, вработените од ЈП „Македонски Шуми” и доброволци ловџии од ЛД „Готен” од Радовиш и денеска таму ќе делуваат и два ер трактори од Дирекцијата за заштита и спасување кој ќе им помагаат на копнените сили. Другиот крак кој се прошири кон Радовиш исто така до крајот на овој ден ќе биде целосно обезбеден со помош на механизацијата која тргна од брана Турија, Општина Василево, вели Михаилов.
Тој додава дека и покрај тоа што огромен дел од пожарот е ставен под контрола, во рамки на обезбедени патишта-пресеки, сепак се работи за голема територија во која има и огромни површини кои не се изгорени во текот на овие девет дена и истите ќе горат, тлеат и догоруваат и во текот на наредните денови, а граѓаните ќе гледаат доста чад, неретко и огнени јазици се додека не се целосно изгасне.