Десничарите во ЕП предложија резолуција за осуда на убиствата на Чарли Кирк и Ирина Заруцка

Над 80 европратеници од десниот политички спектар поднесоа предлог за усвојување на резолуција во Европскиот парламент за осуда на убиствата на конзервативниот активист и поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп, Чарли Кирк и на Ирина Заруцка, која како бегалка од Украина живееше во САД.
Кирк беше застрелан на Универзитетот „Јута Вали“ во градот Орем минатата среда, додека Заруцка беше избодена со нож до смрт во воз во американската сојузна држава Северна Каролина во август годинава.
Како што соопшти партија Лига на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, предлог-иницијативата ја потпишале над 80 европратеници од редовите на десно центристичката Европската народна партија (ЕПП) и на десничарските групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), Патриоти за Европа (ЕФП) и Европа на суверени нации (ЕСН).
Во предлог-текстот на резолуцијата се осудуваат двете убиства како напади врз демократските вредности и се повикува на посилни мерки за борба против политичкото насилство и екстремизмот.
Иницијативата за усвојување на предлог-резолуцијата, која се очекува да се најде на дневниот ред на октомвриската сесија Европскиот парламент, следи откако минатата недела ЕП го одби предлогот за оддавање почит на Кирк со едноминутен молк за време на парламентарната седница.
Шведскиот европратеник Чарли Вајмерс од ЕЦР минатиот четврток за време на заседанието на ЕП во Стразбур побара Европарламентот да го осуди атентатот врз Кирк и да му изрази почит со минута молк.
– Убиството на политичкиот активист Чарли Кирк, сопруг, грижлив татко и патриот, го шокираше светот. Мораме силно да го осудиме политичкото насилство и реториката што поттикнува насилство. Ве молам, станете со мене во знак на почит и за молитва во негова чест. Остатокот од моето време го посветувам на едноминутниот молк, изјави Вајмерс.
Меѓутоа, тој беше прекинат од претседавачката со седницата, потпретседателката на ЕП, Катарина Барли, која посочи дека претседателката на Парламентот, Роберта Мецола веќе го одбила предлогот заседанието тој ден да започне со минута молк за Кирк.
Ваквата изјава на Барли наиде на негодување на пратениците од редовите на десничарските и екстремно десничарските групи, кои со дланките удираа по пратеничките клупи и викаа.
– Веќе разговаравме за ова и знаете дека претседателката рече „не“ на едноминутен молк, истакна Барли како одговор на реакцијата на европратениците, за што доби аплауз од претставниците на центристичките и левичарските групи.
Ваквата одлука на Европарламентот наиде на осуда, по што се огласи Кабинетот на Мецола со образложение дека евентуалното оддавање почит со минута молк на парламентарна седница го најавува претседателката на Парламентот на почетокот на неделните заседанија, кои по правило започнуваат во понеделник попладне.