Десетици илјади луѓе возат без возачка дозвола. Глобата е единствената казна

Од 1 јануари до 26 февруари само во Скопје полицијата фатила 1.200 лица кои управувале возило без возачка дозвола. Тоа се неверојатни бројки


Фото: Б. Грданоски

 

Фрапантни бројни на возачи кои не поседуваат возачка дозвола секоја година се регистрираат на улиците на секој македонски град, а секако најмногу во Скопје. Изгледа не помагаат ни апелите, ни казните, ни трагичните настани како оној неодамна во Скопје. 

Само лани, имало 22.645 барања за поведување прекршочни постапки против возачи за  „управување на возило без возачка дозвола“, а тука не спаѓаат оние кои само не ја носеле возачката со себе и оние на кои им е одземена возачката дозвола. За Овој прекршок има само парична казна.

„Во 2024 година поднесени се вкупно 22.645 барања за поведување на прекршочна постапка за сторен прекршок ‘управување на возило без возачка дозвола’“, одговорија од МВР на прашање од „Независен“ колку возачи се фатени без да имаат возачка дозвола.

Од Нова година наваму пак, во Скопје се регистрирани речиси 1.200 прекршоци од овој вид, за немање возачка дозвола, односно 457 во јануари, а дури 672 до 26 февруари. Како што појаснуваат од МВР овие бројки се однесуваат на сите прекршоци за управување без возачка дозвола.

Ништо подобра не е ситуацијата и во другите градови, покажува табелата подолу која од МВР ја доставија до „Независен“:

Дека со години состојбата е иста покажува и податокот дека сообраќајната полиција во текот 2022 година санкционирала 24.972 возачи кои без положен возачки испит учествуваат во сообраќајот на патиштата, а една година претходно 24.053 лица.

По сообраќајната несреќа во која загина младата Фросина Кулакова, кога младиот  Васил Јованов кој не поседувал возачка дозвола, а со голема брзина возел на „Партизанска“ во Скопје, со високи вредности на алкохол во крвта, полицијата ги засили сообраќајните проверки.

Но, како да имаше некој кој не слушна и не се потресе од овој немил настан, возачите низ земјава продолжуваат да возат брзо, под дејство на алкохол или дроги и неретко без возачка дозвола.

Само последните во четири дена околу минатиот викенд 215 возачи управувале возило без возачка дозвола.

„Во рамки на извршените сообраќајни прегледи во текот на изминатиот викенд, од 2.228 издадени платни налози дури 718 прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење, 106 се за возење во алкохолизирана состојба, како и 215 прекршоци што се однесуваат на управување без возачка дозвола“, стои во полицискиот билтен од понеделникот.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју на Канал 5 синоќа потврди дека возачите во државава ништо не научиле од немилата случка со Фросина, па продолжуваат да возат и без возачка, брзо, како и под дејство на алкохол и дроги.

Местото каде што загина Фросина Кулакова (Фото: Б. Грданоски)

„Во 2024 година имаме констатирани 22.000 прекршоци каде луѓе управувале со моторно возило, а притоа никогаш во животот не полагале за возачка дозвола; можеби едно лице направило 100 прекршоци“, рече Тошковски. Министерот појасни дека за овие прекршоци не се прави речиси ништо. На лицата им се изрекува прекршок, глоба, парична казна. „Тоа е катастрофално“, рече Тошковски.

Тој прецизираше дека откако полицијата има зајакнати контроли, и откако загина девојката, има 5.400 прекршоци само во Скопје, од кои 1.753 за брзо возење, 1.266 за паркирање што ја загрозува безбедноста, 289 прекршоци за немање возачка.

Од 1.1 2026 година ќе почне да се казнува преку „Сејф сити“, а дотогаш возачите кои оставаат податоци во полиција, ќе бидат информирани за сторен прекршок.

Некои возачи кои го регистрирале своето возило деновиве велат дека им било побарано да го потврдат својот број на телефон, како и да остават меил, на кој по неколку часа им стигнува порака за проверка. Тоа е каналот кој ќе се користи и за да им стигнуваат пораките за сторен прекршок, со линк до доказите, односно фотографиите направени со камерите од „Безбеден град“ и со глобата што треба да ја платат, која како и до сега ќе биде двојно помала ако се плати во рок од осум дена.

Сообраќајни камери (Фото: Б. Грданоски)

Системот „Безбеден град“, треба да ве регистрира ако на пример поминувате на црвено, па во рок од 48 часа се утврдува дали сте сториле кривично дело. Ако сте сториле – прекршочната не се спроведува, појасни министерот Тошковски.

Со новите законски измени на друи пет закони кои се планираат, за најдраконските дејствија, за оние што возат екстремно брзо, кои управуваат возило под дејство на дрога или алкохол и оние кои управуваат возила без возачка дозвола, предвидено е да им се одзема возилото трајно.

Според министерот Тошковски тоа одземено возило ќе се додели на некои министерства, а можеби во иднина и ќе се продаваат на лицитација.(Б.Б.)