Десет нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози, АХВ вели нема опасност за луѓето
Од почетокот на јули во земјава потврдени се вкупно 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози. Болеста е потврдена во одгледувалишта во населеното место Саса, општина Македонска Каменица, село Соколарци, општина Чешиново – Облешево, село Бигла, општина Делчево, села Малино и Косевица, општина Свети Николе и село Сопот, општина Куманово. Во моментов според АХВ има вкупно 17 потврдени жаришта со заболнени над 2700 животни. Болеста е потврдена во 15 одгледувалишта на овци и 2 одгледувалишта на овци и кози. Првото потврдено жариште беше во јануари годинава во село Лопате, општина Куманово.
-По добивањето на согласност за локација за закопување на животните, АХВ ќе продолжи со депопулација на животните во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе. До сега Агенцијата изврши депопулација (убивање на животните во одгледувалиштата) на над 1.400 животни, а во текот на вчерашниот ден спроведе депопулација на одгледувалиштето во село Сопот, општина Куманово со примена на механички метод за евтаназија на животните, информираат од АХВ.
Во текот на вчерашниот ден АХВ одржала работна средба со претставници на здруженија на одгледувачи на овци и сојузот на одгледувачи на овци на Македонија со цел запознавање на моменталната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овци и кози во Македонија, моменталните проблеми со кои се соочуваат одгледувачите на овци, како и презентирање на мерките кои се превземаат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на справувањето со болеста сипаници кај овци и кози.
Дополнително, претставниците биле запознати со биосигурносните мерки кои треба да бидат превземени од сточарите во однос на своите стада и одгледувалиштата во нивната непосредна близина, како и споделување на печатени материјали за сточарите со цел подигнување на свеста за болеста и начинот на брзо информирање во однос на истата од страна на сточарите до Агенцијата, ветеринарните друштва односно официјалните ветеринари со цел навремено реагирање во справувањето на болеста.

На состанокот се разговарало за контролните и заштитни мерки кои се превземаат од страна на Агенцијата за справување со болеста.
-Во одгледувалиштата каде е потврдeнa болеста сипаници кај овци и кози се спроведува попис на сите животни на одгледувалиштето, убивање на сите овци и кози на одгледувалиштето под официјален надзор, нештетно отстранување на мршите од овците и козите кои угинале или се убиени, простирката, цврстото и течното ѓубре за кои постои сомнение дека се контаминирани, како и храната за животни, млекото и производите од млеко, како и волната од животните под официјален надзор, сите материјали за еднократна употреба и предметите на одгледувалиштето кои неможат да се дезинфицираат, чистење и дезинфекција на просториите и просторот каде биле сместени овците, возилата користени за превоз на овците или нивните мрши и опремата во одгледувалиштата, спроведување на епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор и ширење на болеста, како и откривање на контактни одгледувалишта и примена на биосигурносните мерки при спроведување на попис, епидемиолошко испитување, земање на примероци и постапки за депопулација и нештетно отстранување, појаснуваат од АХВ.
Дополнително, постои забрана за движење и превоз на сите овци и кози во и од заштитната зона, освен за движење на приемчивите животни со цел колење во одобрен објект и оператор со храна – кланица за домашни чапункари во зоните. Пред да бидат натоварени животните треба да бидат клинички прегледани, вклучувајќи и мерење на телесна температура и водење на евиденциски листи, при што не треба да покажуваат знаци на присуство на болест. Од закланите овци и кози доколку е поставен сомнеж треба да се земат примероци за лабораториско испитување за утврдување на присуство на болеста сипаници кај овци и кози.
Потребно е и спроведување на епидемиолошко испитување во сите одгледувалишта на овци и кози, за да се утврди можниот извор и ширење на болеста, спроведување на клинички преглед на одгледувалишта на овци и кози при појава на сомнеж и задолжително земање на примероци за лабораториско испитување, нештетно отстранување на опремата која не може да се дезинфицира, простирката, цврстото и течното ѓубре за кои постои дека се контаминирани, како и храната за животни, задолжително пријавување на секој сомнеж на болест или угинување кај приемчивите животни во рок не подолг од 24 часа од страна на сопствениците на животните или надлежното ветеринарно друштво до официјалниот ветеринар и забрана за промет на производите од животинско потекло добиени од овци и кози кои потекнуваат од заштитната зона.

-Сировото млеко добиено од животните (овци и кози) и производите добиени од тоа млеко може да се стават во промет по термички третман/пастеризација на 72°C во времетрање од 15 минути на одгледувалиштето или во одобрен објект и оператор со храна од животинско потекло – сурово млеко и производи од млеко во зоната. Забранет е превоз и транзит на овци и кози низ заштитната зона и зоната под надзор од останатата територија на земјата, освен транзит по магистрални патишта. Донесена е забрана за работа на добиточни пазари на целата територија на Република Северна Македонија за овци и кози, одржување на изложби или друг вид на спортски настани, нагласуваат од АХВ.
На сите одгледувачи на овци и кози на целата територија на земјата од АХВ им наложуваат ограничување на секое непотребно движење на лица, возила, опрема и механизација во и од одгледувалиштето и водење на евиденција за сите лица и возила кои влегуваат и излегуваат од одгледувалиштето. При секој влез и излез од одгледувалиштето задолжително да се применуваат биосигурносни мерки кои вклучуваат користење на чиста заштитна облека и обувки наменети исклучиво за употреба во одгледувалиштето, миење и дезинфекција на рацете пред и по контакт со животните, поставување и користење на дезинфекциски бариери или средства за дезинфекција на влезовите и излезите и чистење и дезинфекција или нештетно отстранување на употребената опрема, обувки и облека.

-На сите одгледувачи на овци и кози на целата територија на земјата им се наложува да не внесуваат нови животни во стадото без претходено извршен клинички преглед и сертификат за здраствена состојба на животните. Нововнесените животни да се држат одвоено од останатото стадо во период препорачан од официјалниот ветеринар. Дополнително, да не се користат заеднички поила и хранилишта со животни од други одгледувалишта, да не се врши напасување на животни со непознат здравствен статус или напасување со овци и кози од друго одгледувалиште, да се врши редовно чистење и дезинфекција на објектите, опремата, превозните средства и местата за товарење и истовар на животните, велат од АХВ.
Донесена е и забрана за повторно населување на животни на одгледувалиштата каде е потврдена болеста за период од шест месеци од датумот на укинување на мерките од решението за заштитни и контролни мерки. Овие мерки се применуваат во рок од 60 дена од денот на донесувањето на решението.

Во текот на вчерашниот ден, во Агенцијата за храна и ветеринарство бил одржан итен состанок на експертската група за болеста чума кај мали преживари и сипаници кај овци и кози. На истиот, беше презентирана епидемиолошката состојба со болеста во Македонија и регионот, се разговарало за моменталните мерки кои се превземаат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство за справување со жариштата, како и позитивните и негативните страни од можната примена на вакцинација како метод за справување со болеста во Македонија.