ЛДП: Држава што не обезбедува лекови за најтешко болните да не зборува за успеси во здравството
Либерално-демократската партија (ЛДП) изрази поддршка за онколошките пациенти кои за утре најавија протест пред Министерството за здравство, оценувајќи дека е недозволиво пациентите повторно да остануваат без неопходната терапија.
Во соопштението, ЛДП наведува дека уште минатата година предупредувала оти недостигот на онколошка терапија не е изолиран инцидент, туку сериозен системски проблем за кој, како што велат, барале одговорност од надлежните институции.
„Наместо решение, денес повторно сме сведоци на истиот срам. За секој ден без терапија некој мора да одговара. Не може секојпат кога ќе се испразнат залихите виновник да нема, а последиците секогаш да ги трпат пациентите“, се наведува во партиското соопштение.
Од ЛДП бараат итно обезбедување на целата неопходна онколошка терапија, целосна транспарентност за причините за недостигот на лекови, утврдување лична и политичка одговорност за институционалните пропусти, како и подготовка на план што ќе спречи ваквата состојба да се повторува.
„Држава која не може да обезбеди лекови за најтешко болните нема право да зборува за успеси во здравството. За онколошките пациенти секој изгубен ден може да значи загубен човечки живот“, порачуваат од ЛДП.
Онколошките пациенти за утре најавија протест пред Министерството за здравство, незадоволни од недостигот на терапија и од, како што велат, долгогодишните системски проблеми во лекувањето.