Денеска самит на Кина со европските партнери, нема најава кој ќе учествува од Македонија


Ши Џинпинг сака да ги привлече на кинеска страна партнерите од инизијативата „17+1“ откако Бајден во неделата најави „екстремен натпревар“ со Кина

Неполни дваесетина дена по инаугурацијата на Џо Бајден за американски претседател и неговите најави дека ќе застане поцврсто против Кина, Пекинг го објави организирањето на самитот познат како „17+1“ од иницијативата „Појас и пат“ со своите европски партнери. Меѓу нив е и Македонија.

Првично, самитот требаше да се одржи лани во април, но беше одложен поради пандемијата на корона вирусот. Ноќеска, министерството за надворешни работи на Кина објави дека виртуелниот самит ќе се одржи денеска без да прецизира во кое време од денот, дека со него ќе претседава кинескиот лидер Ши Џинпинг и дека тој ќе има говор на отворањето.

Основна точка за расправа на самитот ќе биде борбата против Ковид-19, а се очекува Кина да ги понуди своите две вакцини на европските партнери кои веќе се инокулираат во повеќе држави. Во Европа од нив стигнаа еден милион дози во Србија, поради што нашиот сосед е еден од пионерите во вакцинирањето, а договор потпиша и Унгарија, како единствена земја-членка од ЕУ. Македонија во понеделникот потпиша договор за испорака на кинеската вакцина од „Синофарм“ и првата испорака треба да пристигне наредните денови.

Во Пекинг им стана јасно по говорот на Бајден дека односите меѓу двете држави нема да бидат исти како и претходно, па и тука лежи дел од причините зошто самитот е организиран набрзина. Пекинг настојува Европската унија да ја оддалечи од САД, па еден ден откако во саботата Бајден изјави оти ќе се конфронтира со Кина со „екстремен натпревар“, кинескиот шеф на дипломатијата Ванг Ји разговараше со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Во овој разговор Ји го повикал Борел ЕУ да дејствува „независно и автономно“ од Вашингтон за да се „постигнат големи дострели од заеднички интерес“. Борел му одговорил дека ЕУ има „цврсти врски“ со САД кои ќе се засилат по најавата дека Бајден ќе ја врати Америка во меѓународните организации и кон мултиратерализмот. Борел му забележал на неговиот кинески колега за притисокот и апсењето на продемократските активисти во Хонгконг и за третманот на муслиманското малцинство во провицијата Ксинџијанг, на што Ји одговорил дека тоа се „лаги и дезинформации“.

Јасно е дека по стапувањето на должност на Џо Бајден не само односите меѓу Кина и САД нема да бидат исти, туку веројатно и самата иницијатива „Појас и пат“ нема да биде иста. Иако трговската размена и соработката во инфраструктурата оди во нагорна линија. Според кинеските податоци, размената со 17-те европски земји во 2020 година за прв пат надминала 100 милијарди долари, а кинеските идиректни инвестиции биле 3,14 милијарди долари. Во спротивна насока, инвестициите на 17-те земји во Кина биле двојно помали – 1,72 милијарди.

Во времето кога се води голема пропагандна војна околу короната и ефикасноста и достапноста на вакцините Естонија и Литванија, кои се членки на оваа група „17+1“, одлучија на виртуелниот самит да бидат претставени на пониско ниво преку министрите за надворешни работи а не преку лидерите. Балтичките земји ја поздравија најавата на Бајден за формирање сојузи за контрабаланс кон Кина и особено поцврстиот став кон Москва за разлика од неговиот претходник Трамп, па овој потег на двете земји е во насока на поддршка на таа политика.

Од другите земји полскиот претседател Анджеј Дуда веднаш најави дека ќе учествува на виртуелниот самит (тој до последнто гласање на Изборниот колеџ го поддржуваше Трамп) и, секако, Александар Вучиќ. За кинеските медиуми Вучиќ изјави дека е „многу заинтересиран за говорот на претседателот Ши, сакам да ги видам неговите погледи на глобалната иднина, на нашата соработка и какви се кинеските планови… Пријателот во неволја е вистински пријател. Ние сме благодарни за вашата помош и не го криеме тоа“, изјави Вучиќ.

До утринава немаше никакви најави кој од Македонија ќе учествува на виртуелниот самит организиран од Ши Џинпинг. Можеби затоа што најавата за денешното организирање дојде ноќеска. Или можеби се потребни дополнителни консултации. Ситуацијата е деликатна, особено по вчерашното потпишување на договорот за набавката на кинеските вакцини, кои се првите што треба да стигнат во земјава. (Љ.П.)