Денеска осум пациенти ќе се префрлат во Словенија, Полска, Италија и Хрватска


Фото: Б. Грданоски

Сите пациенти донесени од опожарената дискотека „Пулс“, во Кочани, кои се лекуваат на скопските клиники се стабилни, но има неколку на кои им се влошува состојбата и тие се планирани да се префрлат во странство. 

Во моментов на Клиника во Скопје и во Штип има сместено 89 пациенти, а во странство до сабајлево се испратени 76 пациенти, рече денеска заменикот-министер за здравство Јовица Андовски. Во пожарот загинаа 59 лица, главнината на возраст од 14-25 години.

Според надлежните, болниците во земјите од регионот веќе го имаат пополнето својот капацитет, па затоа пациентите ќе се префрлаат во Словенија, Полска, Италија и Хрватска, а доколку се јави потреба и други пациенти , тие  ќе бидат праќани во уште подалечни земји. 

 

– Сега за сегаа, сите пациенти ни се стабилни. Имаме неколку пациенти коишто влошуваат, но не се во тешка состојба. Ги планираме за транспорт. Исто и денес продолжуваме со транспорт на околу осум пациенти – вели докторот кој работи со овие пациенти. Додава дека пациентите ќе бидат пренесени во Словенија, Полска, Австрија, Италија и Хрватска. Пациентите се транспортабилни, а сите екипи кои доаѓаат од странство со авиони или хеликоптери се доста спремни за преземање вакви пациенти.

Вели дека има дојдено лекари на испомош од Израел, Белгија, од Србија и се спрема уште еден тим, но не знаеше од која земја. 

Нашите екипи се на висина на задачата, како што вели докторот „издржуваме“.

Дирекоторт на ФЗОМ, Сашо Клековски рече дека сите пациенти се згрижени на потребното ниво на заштита. Се мониторираат редовно. Сите кадешто може да настапат компликации се упатуваат во специјализирани странски центри. Имаме доволно резервни капацитети за странство за упатување, веќе во подалено странство, бидејќи капацитетите во соседните земји се веќе горе-доле исцрпени.