Ден пред преземањето БЕГ склучил договор за мазут од 40 милиони евра
Само ден пред преземањето на управувањето на топлинската енергија од ЕСМ, компанијата БЕГ склучила договор во вредност од 40 милиони евра за набавка на 52.1 милиони килограми мазут со фирмата РКМ на бизнисменот Ратко Капушевски, известува ТВ21. Договорот бил постигнат преку рамковна спогодба на 20 јануари годинава по цена од 39.26 денари за килограм мазут, кој е постигнат без објавување оглас. Во самото известување за склучениот договор за јавна набавка во образложението зошто нема оглас стои:
„Оправданост за изборот на постапката со преговарање без претходно објавување: кога по претходно спроведени две отворени постапки или поедноставени отворени постапки не е поднесена ниту една понуда или ниту една соодветна понуда, односно кога по претходно спроведени две ограничени постапки не е поднесена ниту една пријава за учество или ниту една соодветна пријава за учество во првата фаза, под услов да не се значително сменети условите од тендерската документација.“, велат од Бирото за јавни набавки.
Она што предизвикува сомнеж, според ТВ21, е и тоа што само ден пред да се склучи договорот со БЕГ односно на 19 јануари, Капушевски регистрирал подружница складиште на мазут. Ваквиот начин на функционирање меѓу БЕГ и фирмите на Капушевски не е ништо ново. И минатата година БЕГ склучил договор со РКМ во висина од 22 милиони евра за набавка на 55 милиони килограми мазут и тоа во случај на потреба иако количината е за цела грејна сезона. Ова предизвика бројни шпекулации не само поради тоа што РКМ добило лиценца од Регулаторната комисија за енергетика само 17 дена пред склучување договор, туку и поради тоа што фирмата на Капушевски повторно, како и сега, се јавува како единствен понудувач.