Делси Родригез игра според правилата на Трамп: Прифати да купува само американски производи со пари од нафтата


Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на својата социјална мрежа TruthSocial дека Венецуела прифатила да купува само американски производи со пари од нафта.

Како што наведе во соопштението, тоа била одлука на властите во Венецуела предводени од Делси Родригез. Секако, јасно е дека тоа било под притисок од Вашингтон.

„Тукушто бев информиран дека Венецуела, со парите што ги добива од нашиот нов договор за нафта, ќе купува само производи произведени во Соединетите Американски Држави“, објави Трамп.

Тој рече дека тие производи ќе вклучуваат американски земјоделски производи, лекови, медицински помагала и опрема за надградба на електричната мрежа и електраните на Венецуела.

„Со други зборови, Венецуела е посветена на соработка со САД како нејзин главен партнер. Ова е мудра одлука и многу добра работа за народот на Венецуела и САД“, напиша американскиот претседател.

Да потсетиме дека Трамп во вторникот изјави дека Венецуела се согласила да им предаде од 30 до 50 милиони барели нафта на САД и дека парите од продажбата ќе одат исклучиво во Вашингтон.