Делото „Magna Mater“ на Синиша Кашавелски изложено во Sotheby’s во Њујорк
Делото „Magna Mater“ на светски познатиот уметник Синиша Кашавелски од денеска е дел од престижната International ARC Salon Exhibition, која се одржува во Sotheby’s New York и ќе трае до 27 јули. Како што денеска објави на социјалните мрежи, самиот автор изложбата претставува речиси 100 наградени дела од 20 држави, избрани меѓу повеќе од 8.500 пријавени дела од речиси 90 земји.

– Денес, 17 јули 2026 година, официјално се отвора International ARC Salon Exhibition, организирана од Art Renewal Center, во Sotheby’s New York. Голема чест ми е што „Magna Mater“, наградено дело на 17th International ARC Salon, денес е изложено во Sotheby’s New York како дел од 17th/18th International ARC Salon Exhibition – напиша Кашавелски.

Во својата објава, Кашавелски пишува дека е особена чест што на една од најзначајните светски изложби за реалистичка уметност е претставена и Македонија. Уметникот се наврти и на процесот на создавање на делото, посочувајќи дека патот од неговото ателје до изложбените сали на Sotheby’s е исполнет со години посветена работа, истрајност и верба.
– Од првиот зрак светлина во ателјето до изложбените сали на Sotheby’s New York. Не можев да претпоставам дека токму ова дело ќе помине долг пат, од тивкиот процес на создавање, преку бројни часови работа и размислување, до една од најзначајните меѓународни изложби посветени на реалистичката уметност – наведува Кашавелски.

Тој додава дека зад секоја изложена слика стојат години работа, сомнежи и истрајност, заблагодарувајќи им се на Art Renewal Center, на Sotheby’s New York.
Синиша Кашавелски е еден од најреномираните македонски ликовни уметници на меѓународната сцена. Добитник е на бројни светски признанија, а неговите дела се изложувани во престижни галерии и салони ширум светот. Според меѓународните рангирања, тој е вброен меѓу десетте најдобри реалисти во светот. Неговите успеси редовно ја афирмираат македонската уметност на светската сцена.