Декларацијата за Гоце Делчев е како онаа на Каракачанов за Кирил и Методиј, вели Бујар Османи


Бујар Осман денеска имаше средба со амбасадорите на земјите на ЕУ

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ја спореди предложената декларација на ВМРО-ДПМНЕ за Гоце Делчев со онаа на лидерот на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов, за Кирил и Методиј во тамошното собрание.

Декларацијата за Гоце Делчев поднесена во Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според Османи нѐ враќа назад во процесот на преговори со Бугарија и деблокадата на евроинтеграцијата на земјата.

„Слична ваква иницијатива имаше ВМРО на Каракачанов во бугарското собрание по однос на светите Кирил и Методиј. Сакаа парламентот да ги дефинира историските прашања. Тоа што имаат исти имиња партиите, не мора да имаат и исти ставови. Ако влеземе во таков натпревар, ние денеска Гоце Делчев, утре бугарското собрание уште посилен текст за Гоце Делчев, па ние потоа, и влегуваме во маѓепсан круг на односи, не само со Бугарија, туку и генерално внатре во државата. Така што мислам дека не треба историјата да ја користиме како платформа за изградба на нашите политички кариери, за дневно политичките прашања и препукувања. Ова се прашања за коишто е многу важно натпартиско единство за да се заштитат некои важни прашања за граѓаните и државата и тоа да не стане тема за дневно политичко препукување“, рече Османи во утринското гостување на емисијата „Здраво Македонијо“ на Канал 5 ТВ.

Османи подоцна имаше состанок со амбасадорите на ЕУ акредитирани во земјава. на средбата, како што соопшти МНР, Османи предочил дека Македонија во 2021 година има постигнато висок степен на усогласување со позициите на ЕУ, дури 96 отсто, што е индикатор дека земјата ги споделува  вредностите и принципите на надворепшната политика на Европската унија. 

На состанокот со амбасадорите, како што соопшти МНР, Османи ги брифирал и дал пресек за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата, особено предизвиците  во билатералните односи со Бугарија и процесот на усвојувањето на преговарачката рамка како предуслов за почеток на преговорите со  ЕУ.