Павле Трајанов доби уште еден мандат на чело на Демократскиот сојуз


 

Демократскиот сојуз денеска на Седмиот конгрес го реизбра Павле Трајанов за претседател на партијата. Павле Трајанов е на чело на партијата уште од нејзиното основање во 2000 година.

На конгресот присуствувале над 400 делегати и гости бил избран Централен совет на ДС од 80 члена.

Како што информираат од ДС, Конгресот усвоил и повик до граѓаните да се вклучат во промените, затоа што била потребни темелни реформи и кадровска обнова.

„Македонија е заглавена во политичко мочуриште, неопходни се темелни реформи и кадровска обнова доколку сакаме да се придвижат напред сите процеси. На овие избори се одлучува за тоа дали ќе се вградат во системот вредности кои независно од власта ќе гарантираат изградба на пристојна и модерна европска држава, држава на слободни и креативни граѓани, горди на самите себе и на државата на која и припаѓаат и ја градат. Македонија мора да успее, тоа е наша должност и завет пред идните генерации“, соопштуваат од ДС.

Од партијата велат дека Трајанов во своето обраќање нагласил дека на претстојните претседателски и парламентарни избори ќе се одлучува за тоа дали ќе опстоиме како самостојна, суверена и независна држава, дали ќе се случат промени кои значат градење на демократска и европска држава или ќе тонеме во корупција, деструкција и разградување на темелните вредности.

Трајанов побарал коренити уставни промени, односно нов Устав, донесување на нова стратегија за борба против тешките облици на криминал и високата корупција и донесување на законот за формирање на независна агенција за борба против овој вид на криминал, деблокирање на евроинтеграциските процеси преку градење на широк политички и граѓански консензус. Тој ги повикал делегатите на конгресот, членовите и симпатизерите на Демократскиот сојуз, како и сите граѓани, да излезат масовно на 8 мај и да гласаат за претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова, и за кандидатите за пратеници од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.