Дебелината како причина за потешка форма на Ковид-19


На почетокот на пандемијата, лекарите забележале дека многу луѓе со прекумерна тежина се наоѓаат меѓу сериозно болните од Ковид-19, пишуваат американските медиуми. Врската помеѓу дебелината и потешката форма на болеста стана уште поочигледна како што коронавирусот се ширеше низ светот, а научниците сè уште се обидуваат да утврдат зошто е тоа така.

Постојат сè поголеми докази дека самата дебелина ја зголемува веројатноста за појава на посериозни компликации од коронавирусот, пишува „Н1“.

Студија во која учествувале повеќе од 5.200 заразени лица, а меѓу нив 35 проценти биле лица со прекумерна тежина, покажала дека веројатноста за хоспитализација се зголемува со повисокиот индекс на телесна маса (БМИ) дури и кога ќе бидат одземени други состојби што ги ставаат лицата со прекумерна тежина во поголем ризик.

За лице со прекумерна тежина се смета оној чиј индекс на телесна маса е поголем од 30. Екстремната гојазност, кога БМИ е поголем од 40, особено ја зголемува веројатноста за развој на најтешките форми на Ковид 19.

Научниците велат дека веројатно има повеќе причини поради кои лицата со пркеумерна тежина потешко се справуваат со Ковид 19, болест која може да ги нападне белите дробови. Премногу маснотии, на пример, можат да ја ограничат способноста на белите дробови да се шират и дишат.

Друг проблем може да биде хронично воспаление, кое честопати доаѓа со дебелината. Воспалението е природен начин на телото да се бори против вирусите. Но, хроничното воспаление може да ја наруши одбранбената сила на организмот кога ќе се појави вистинска закана.

„Тоа е како да додавате масло во оган“, вели д-р Дариуш Мозафаријан од Факултетот за нутритивна наука на Универзитетот Тафтс.

Распоредот на масти во телото исто така може да има одредена улога. Мажите, на пример, имаат најмногу масти околу стомакот, а овој вид маснотии е поврзан со производство на хормони кои можат да придонесат за потешка форма на болеста. Тоа би можело да објасни зошто гојазните мажи се поподложни за развој на болеста отколку жените.

Научниците исто така испитуваат дали има нешто посебно во самиот коронавирус што го прави поопасен за лицата со прекумерна тежина. Вирусот влегува во клетките со „закачување“ на рецепторите на површината на одредени клетки. Постојат многу вакви рецептори на масните клетки, а експертите испитуваат дали тоа ги прави „добра основа за вирусите“, вели д-р Франсоа Пату од Универзитетот во Лил, еден од авторите на истражување за врската помеѓу гојазноста и тешката форма на Ковид 19.

Компликации може да се појават кај оние кои се хоспитализирани. За да им помогнат на пациентите да дишат полесно, лекарите ги свртуваат на стомак. Кај лицата со прекумерна тежина тоа им е потешко, па поголема е веројатноста дека ќе завршат на респиратор.

„Едноставно им треба помош од апарат за дишење“, рече д-р Дејвид Кас од Универзитетот Џон Хопкинс, исто така автор на студија за гојазност и Ковид 19.

И уште една загриженост – вакцината против Ковид 19 можеби нема да биде толку ефикасна за лицата со прекумерна тежина, бидејќи не е ни онаа за грипот. Зошто е тоа така, не е познато, но постои можност вишокот на килограми да му наштети на активирањето на имунолошкиот систем, што е неопходно по вакцинирањето.