Дебаклот на Ципрас ќе може да нè блокира нас

Победите  на Нова демократија на  Киријакос Мицотакис во Грција и на десничарската партија на Марин Лепен во Франција предизвикаа мала вознемиреност околу резултатите од европските избори викендов, пред сè, околу можните негативни рефлексии на нашиот пат кон ЕУ. Разочараниот лидер на Сириза, Алексис Ципрас, најави дека  ќе побара од претседателот Прокопис Павлопулос најверојатно на 30 јуни да свика национални избори.  Грчката владејачка партија претрпе големи загуби во целата земја, а особено во северниот дел, каде што беа најгласни реакциите против Договорот од Преспа, па затоа не се ретки коментарите дека Сириза ја плати цената за решението на деценискиот спор со името. Лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, го искористи Преспанскиот договор како „камшик“ за својот политички галоп. Македонското прашање не го вадеше од уста во кампањата. На неколку недели пред изборите во интервју за белгискиот весник „Ле соар“ рече дека доколку неговата партија дојде на власт во Грција, ќе се бори за ублажување на последиците од, за него, екстремно проблематичниот Преспански договор, затоа што „меѓу другото, тој признава македонски јазик и македонска националност“.

„Ќе се бориме мирно и одговорно за да ги ублажиме последиците, кои се сериозно негативни и да ја заштитиме нашата земја од опасности кои ги носи. Затоа  нема да се откажеме од нашето право на вето за пристапувањето на соседната држава во Европската Унија“, се закани Мицотакис.

Политичките аналитичари сметаат дека Мицотакис го искористил Преспанскиот договор како моментално политичко оружје, но дека заканите тешко ќе може да ги реализира. Преговорите за името и конечниот договор, според нив, отидоа многу далеку, во нив се вложија двете страни и се инволвираа и меѓународни фактори, така што не е лесно сега да се минира комплетниот процес. Тие сметаат дека враќање од оваа ситуација нема, а тоа не може да си го дозволи ниту грчката  ниту македонската страна, затоа што презеле веќе доволно обврски.

„Можни се ситни блокади, но не верувам дека генерално може да се спречи динамиката на преговарачките процеси со Унијата. За да го направите тоа, ви треба добар изговор и сериозна аргументација. Во Грција допрва треба да се закажат парламентарни избори. Додека процесот на формирање на новата грчка влада целосно финишира, ние веќе ќе знаеме дали ќе добиеме почеток на преговорите со Европската Унија или не. Тоа во моментов е најважно за нас. Потоа многу нешта во однос на сложениот процес на имплементација на неопходните реформи ќе зависат од нас самите“, вели ексамбасадорот во НАТО, Нано Ружин.  Тој исто така не верува во сценариото Мицотакис, штом евентуално ќе ја преземе власта да побара од своите сојузници во Алијансата, кои сè уште не го ратификувале протоколот, да стават блокада за Македонија, а тие тоа да прифатат.

Потенцијален проблем исто така е лошиот резултат на францускиот претседател Емануел Макрон кој повикуваше на „европска ренесанса“, како одговор на „националистичкото самозатворање“ и кој, токму поради изборите, беше најрезервиран околу давањето датум за почетокот на преговорите на Македонија и на Албанија. Тој во неделата доживеа тесен пораз од француската екстремно десничарска партија Национално обединување на Марин Лепен. За неа гласале 5,3 милиони Французи, а за партијата на Макрон 5,1 милион. Поради малата разлика, можно е Лепен и Макрон да имаат ист број пратеници во ЕП, но кога Велика Британија ќе ја напушти Унијата, едно место повеќе би ѝ припаднало на Лепен. Може ли таквиот сооднос на силите да биде дополнителен притисок врз Макрон да не попушти во однос на датумот за почеток на преговорите?

„Ослабената позиција нa Mакрон не ги намалува шансите на Македонија да добие датум за почеток на преговорите. Да почекаме да се формираат сите европски институции. Според информациите, уште вечерва е закажан состанок на Европскиот совет“, вели Ружин, кој смета дека без оглед што Макрон загуби тесно, што, според него, во Франција не претставува причина за драма, тој може да биде задоволен, бидејќи при нови претседателски избори сигурно ќе го освои вториот мандат.

Генерално, Европската народна партија и натаму е најголемата политичка сила и во идниот Европски парламент ќе има околу 180 места, што е 42 помалку од досега. Се намалува и групата на социјалдемократите кои сега ќе имаат 147 места (44 места помалку). Либералите, во кои е и новата партија на францускиот претседател Емануел Макрон, освоија 105 мандати, а зелените бележат најголем раст од досегашните 52 места на 69. Десните популисти се многу силни во некои земји, како Полска, Италија и Франција, но сепак вкупно освоија помалку места од прогнозираното.  Во Велика Британија новата Брегзит-партија на противникот на ЕУ, Најџел Фараж, како што се очекуваше, победи со 31,5 отсто поддршка од гласовите.

„Она што е важно да се нагласи е дека Европа покажа голем интерес за самата себе. Излезноста од над 50 отсто е рекордна по повеќе од две децении. Резултатите покажуваат крај на двојното водство, на симбиозата меѓу народните партии и социјалистите. Отсега натаму работите ќе се комплицираат бидејќи никој не може еден без друг да оствари стабилно функционално мнозинство. Така што во следните денови ќе има интересни разговори и информации околу тоа какви сè коалиции се во игра. Тие ќе мора да коалицираат со Алијансата на либералите (АЛДЕ), каде што се вклучи и партијата на Макрон, што според мене е поверојатно, или, пак со Зелените“, вели Ружин, кој забележува дека и популистите и суверенистите не застапуваат политика на напуштање на ЕУ, туку се залагаат за одредени промени, особено во делот на политиката со мигрантите и  зацврстување на шенген-зоната.

„Тие сакаат унија поставена на поинакви столбови, односно Европа, ако така може да се каже, не според моделот на САД, туку според моделот на Швајцарија“, нагласува Ружин. (Н.К.)