Датумот


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Дојде денот за уште еден долго очекуван самит на ЕУ, т.е. на нивните шефови на држави и влади. Но исходот што го чекавме веќе го знаеме, завчера (18 јуни) министрите за надворешни работи не успеаја да донесат одлука за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ. Денес (или утре) само ќе се потврди тој заклучок, односно не е веројатно дека нешто битно ќе се смени ниту, пак, дека барем формулацијата на заклучокот ќе се подобри.

А заклучокот е дека Советот на ЕУ, во светло на кратко време и важноста на темата, ќе се наврати на прашањето со цел да постигне јасна и суштинска одлука што е можно побрзо, а не подоцна од октомври оваа година. Пред тоа, силно се поздравуваат Преспанскиот и Договорот со Бугарија, а се нотира и препораката на Европската комисија за почеток на преговори и нејзината позитивна оценка на постигнатиот прогрес и постигнувањето на условите идентификувани од Советот.

Првите импресии по ваков заклучок/одлука слегнуваат и – како и обично – тие се мешани. Доминира разочарувањето, уште едно од низата такви од Европа, додека потрезвените реакции се дека ова сепак беше очекувано.

На разочарувањата од Европа одамна се навикнавме и во вакви ситуации, кога малку и непотребно, а делумно и неодговорно, високи владини функционери шират неоснован оптимизам и надеж кога пораките од ЕУ-функционерите не се баш такви, тоа разочарување е и поголемо. Убаво е сето тоа, да се биде оптимист, да се има надеж и да се бориме за успешен исход до последниот момент, но тоа ги зголемувања очекувањата кај граѓаните, па „издишувањето на балонот“ може да биде поболно и да дојде порано. Сега само може да констатираме дека и ова е само една од низата неповолни (а барем по наше убедување и неправедни) одлуки на ЕУ кон нашата земја… после непризнавањето за независна држава и покрај јасната препорака на Бадинтеровата комисија за исполнување на критериумите, потоа Лисабонската декларација (со која требаше да се откажеме од името Македонија), одлуката на Самитот на НАТО во Букурешт да не добиеме покана за членство (ветото на Грција), па сите одлуки на истиот овој Совет на ЕУ да не започнеме преговори и покрај констатациите на Европска комисија (ЕК) дека сме ги исполниле критериумите уште од 2009 година.

Од друга страна, се потврдија проценките уште од Берлинскиот самит кон крајот на април, дека нема да се постигне поволна одлука за нас овој јуни. Се покажаа неоправдани и најавите и надежите дека тоа ќе се случи веќе во јули, или секако во текот на летово. Сега, повторно, се лицитира со споменувањето на октомври во заклучокот, како „завршена работа“ и дека сепак ќе се постигне, фамозниот „датум“ кога и навистина ќе почнат преговорите – ќе биде во декември годинава.

Но дали е така? Јас би сакал да верувам дека е многу веројатно да се одржи првиот состанок со што формално ќе почнат преговорите во декември, но не сум толку оптимист како премиерот и надлежните министри.

Една причина е дека нивниот пренагласен оптимизам не е доволен за да се заврши работата, па така сметам дека е подобро и тие да излегуваат со пореалистични проценки и изјави, отколку повторно да подгреваат очекувања.

Второ, заклучокот вели дека во октомври ќе се цели да се донесе одлука, но – ниту се гарантира дека и тогаш ЕУ ќе стигне до таква одлука (како што впрочем се случи и сега, иако лани во јуни имаа дури и построга формулација дека ќе решат овој јуни за ова прашање); ниту пак има индикација дека одлуката што евентуално ќе ја донесат, ќе биде позитивна, т.е. дека навистина ќе се потврди датумот за декември!

Трето, додека со години на ваквите совети на ЕУ кога одлучуваа да не ја прифатат препораката на ЕК за почеток на преговори, единствената земја која се посочуваше како противник на таква одлука – беше Грција. Сега не е тајна дека се споменуваат повеќе земји кои се противат на отворањето преговори, најчесто Франција и Холандија, но во овој случај испадна дека е тоа и нам драгата Германија (додуша сите се повикуваат на „технички причини“, т.е. дека немало време Бундестагот да го разгледа извештајот на ЕК, но позната техника во дипломатијата е дека кога си против нешто, а не сакаш, или не е „културно“ да го кажеш, тогаш го саботираш процесот, односно го одлагаш „кажувањето“, додека засегнатите самите не разберат што сакаш да им кажеш и без да го кажеш тоа). А покрај нив се споменува и Данска, а од вчера и Кипар (заради сосема друга работа… нивен проблем со Турција, околу нови нафтени наоѓалишта во регионот). Додека за Германија се верува дека ќе го „испроцесира“ ЕК-извештајот и ќе донесе поволна одлука за нас во септември (затоа во заклучокот сега е ставен октомври), не е сигурно дека другите земји ќе бидат убедени до тогаш.

Четврто, дали ние навистина направивме сè што можевме и што требаше, за да заслужиме позитивна одлука и сега (а ќе видиме и за октомври)? На пример, се споменуваше законот за СЈО како еден услов, а власта и опозицијата не смогнаа сили да стигнат до прифатлив компромис навреме. И сега францускиот амбасадор го спомена тоа како услов за позитивна одлука во октомври. Да не ни биде и тогаш Цацко виновен ако не се усвои соодветен закон. Понатаму, самиот извештај на ЕУ не е толку позитивен како што се претставува. Напротив, според Институтот за европски политики и како што јасно се гледа од нивните табели со оценки по сите поглавја, ова е третиот најлош извештај што го имаме од сите осум од кога се прават вакви споредби (од 2009 година). Точно е дека оваа влада ги подобрува работите во последните две години (полошите извештаи се претходните два), но уште не сме се вратиле на нивото од 2011 година (кога сме имале најдобар извештај), а не да тврдиме дека сме најнапред со подготвеноста за почеток на преговорите.

Петто, а поврзано со критериумиве, јас како некој што голем дел од кариерата работи со Холанѓани, верувам во нивната реалистична и правична проценка на состојбите кај нас. И верувам во нивната безрезервна поддршка за нашето ЕУ членство, но базирано на реалните постигнувања. Во тоа сме согласни и со министерот Никола Димитров. Е сега, токму такви се нивните согледувања, дека „сè уште не сме на потребното ниво“ или „имаме уште работа“ за да почнеме преговори. И Франција е на сличен став. Ова може да значи дека во октомври може да добиеме нови услови (дури и да го решиме СЈО до тогаш).

Понатаму, летово ЕУ ќе го употреби за конституирање на новиот Европски парламент (по изборите што се одржаа кон крајот на мај) и потоа за преговори меѓу неколкуте парламентарни групи, за избор на новиот состав на Европската комисија. До октомври, веројатно ќе се знаат имињата на новите комесари (или веќе ќе бидат избрани), а тоа веројатно нема да бидат Федерика Могерини и Јоханес Хан, или нема да бидат на истиве позиции како сега. Наместо отворени поддржувачи на проширувањето, поверојатно е дека на тие позиции ќе се најдат личности кои подобро ќе го рефлектираат исходот на европските избори, односно ќе се порезервирани кон тоа прашање (а можно е воопшто и да нема комесар за проширување). Многу работи ќе бидат поинакви, а и појасни до октомври.

Поради сите овие причини, треба да бидеме поумерени оптимисти (ако не и песимисти) дека во октомври не чека позитивна одлука. Јас и натаму сум оптимист за нашите ЕУ-интеграции и верувам дека ќе се придвижуваат работите во позитивен правец, а и не се притресувам многу од вакви одлуки на ЕУ (да нема датум). И сметам дека не треба толку да се врзуваме со фамозниот датум и постојано да исчекуваме поттурнување од ЕУ. Но тоа е зашто оптимизмот го базирам на вербата дека и самите (и без ЕУ) можеме да ги постигнеме стандардите потребни за членство во ЕУ (вклучително и економскиот просперитет), а верувам и дека и ЕУ затоа вака нè „влечка“ – зошто и тие сакаат ние да демонстрираме дека сме вредни за членство во нивниот клуб. За жал, кај нас доминантното мислење, вклучително и кај голем дел од владејачкото мнозинство, е дека без ЕУ да нè турне ние самите не можеме да мрднеме напред. И за уште поголема жал, таквиот став/убеденост има поразорни последици кои веќе се евидентни, со најголем дел од младите изјаснети или веќе решени за кариери надвор од Македонија или за тие што би останале, со главна амбиција за работа во државната администрација. Тешко така до ЕУ.

Но, да бидеме оптимисти, сепак сме на добар пат и подобар е заклучокот на ЕУ од што можеше да биде и остава простор за позитивна одлука во октомври и почеток на преговорите во декември. А и да не биде тоа годинава, ќе биде за следната година или за две… не треба толку да се оптоваруваме со – датумот!