Данска го зголемува буџетот за одбрана на Гренланд, тврдат дека нема врска со коментарите на Трамп


Кралството Данска најави дека ќе има зголемени трошоци во буџетот за одбрана на Гренланд, а од владата на оваа земја велат дека овој потег нема врска со коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Трамп најави дека е од суштинско значење за американската „национална безбедност“ да ја преземе контролата врз Гренланд, најголемиот остров во светот.

Сепак, веднаш имаше остра реакција од самиот остров, каде премиерот Муте Егеде рече дека Гренланд „не е и никогаш нема да биде на продажба“.

Тоа што Данска, која е формален „сопственик“ на Гренланд, по коментарите на Трамп го зголемува буџетот за одбрана на овој остров, министерот за одбрана Лунд Поулсен го нарекува „иронија на судбината“.

Поулсен, исто така, рече дека Данска мора да биде поактивна во одбраната на своите интереси на Арктикот, каде земји како Кина и Русија веќе се обидуваат да пристапат до клучните ресурси.

Инаку, вреди да се истакне дека Гренланд се смета за остров каде има бројни природни ресурси, а некои научници тврдат дека на овој остров има и наоѓалишта на нафта.