Даниил Видински е новиот бугарски патријарх, започна интронизацијата


Софија – Видинскиот митрополит Даниил денеска е избран за бугарски патријарх и митрополит Софиски од делегатите на Патријаршискиот изборен црковен собор.

Со литија, новоизбраниот патријарх ја напушти Синодалната палата и стигна до спомен храмот „Александар Невски“. Насобраните граѓани скандираа „Достоен“ и му аплаудираа.

Веднаш по пристигнувањето, започна устоличувањето на новоизбраниот бугарски патријарх и молебенот. 

Новиот бугарски патријарх беше избран во вториот круг меѓу него и митрополитот врачански Григориј. За него гласаа 69 делегати.

„Свесен за сопствената недостојност, верувам во Божјата промисла и во Божјата поддршка“, изјави веднаш по изборот новиот бугарски патријарх Данил Видински.

Даниил Видински е роден во 1972 година во Смолјан под името Атанас Николов. Завршил средно образование во родниот град, а во 1996 година запишува Англиска филологија на СУ „Св. Климент Охридски“. Веќе следната година се префрла на Богословскиот факултет. Од 1997 година е послушник во Хаџидимовскиот манастир „Св. Георги“, по две години станува монах и е ракоположен за јероѓакон.

Во 2004 година е испратен на послушание во Роженскиот манастир „Рождество Богородично“, каде што е ракоположен за јеромонах, а две години подоцна станува архимандрит. Во 2008 година по одлука на Светиот синод станува епископ во храмот „Св. Александар Невски“. Назначен е за викар последователно на Неврокопскиот митрополит Натанаил и митрополитот на САД, Канада и Австралија Јосиф. На 4 февруари 2018 година е избран за Видински митрополит.