Данела Арсовска: Името не го давам


Фото: Б. Грданоски

Кандидатката за градоначалник Данела Арсовска вечерва во интервјуто за Канал 5 ги отфрли повторно тврдењата на СДСМ дека има бугарски пасош, но по еден обид да избегне одговор, мораше да потврди дека датумот за раѓање што стои на документите што ги објави СДСМ, а се издадени од Бугарија, е ист со нејзиниот. Таа се обиде темата да ја сврти кон името и од тоа да прави патриотски чин.

„Од своето раѓање до денес јас моето име не го дадов, името ми е од името на дедо Дане. Од другата страна имате човек кој сѐ што кажал излажал, затоа сѐ што зборуваат за мене се манипулации и лаги. Јас знам само дека овие манипулации и лаги ќе се докажат. Од другата страна има луѓе во очај, а сега нив ќе ги победам со 30 илјади гласови разлика“, рече Арсовска додавајќи дека ќе ги тужи за сите кажувања како и за она за бугарското државјанство.

Многу медиуми извадија многу информации, рече таа, и додаде дека ова го прават бидејќи премиерот Заев рече ќе ја депонира оставката.

„Знаеме зошто се толку големи нападите. Заев рече ако го загубат Скопје ќе поднесе оставка“, рече Арсовска.

Говорејќи за најавените тужби таа рече дека се подготвуваат предмети и оти таа не отстапува од тоа. Говорејќи,пак, за салата „Расадник“ рече дека исто така поднела тужба, но потврди дека сепак менаџирала со салата, но успешно.

„Јас веќе поднесов тужба, јас сум била менаџер во многу претпријатија и секаде имало успех. Оваа сала била во моето портфолио пред 20 години, а кажувањата се невистина за ‘Расадник’ и за ова поднесов тужба“, рече Арсовска.