Дали сме жртви на судирот помеѓу новата и старата Европа?


НАНО РУЖИН

Доколку не добијат датум за отпочнување на преговорите или доколку тој биде утврден, Северна Македонија и Албанија сепак ќе ја платат цената на непријатните искуства на ЕУ со државите членки од поранешниот советски блок. Овие држави кои одамна се здобија со членство во ЕУ, формално ги исполнуваат сите начела на претставничката демократија. Редовно организираат повеќепартиски избори, го почитуваат политичкиот плурализам и ја одржуваат во кондиција слободата на стопанските иницијативи.

Меѓутоа, владеењето на правото и независноста на правдата се еродирани. Старите европски демократии им забележуваат за загрозениот плурализам на медиумите, непочитувањето на правата на малцинствата, фаворизирањето на непотизмот и олигополството, односно групациите блиски до власта. Унгарија и Полска се непредвидливи како држави бељџии во заедничките европски политики.

Кој од амбициозните интелектуалци во 1989 како Хавел, Михник, Рупник можеше да предвиди таков епилог? Денес сериозно е нарушено единството на амблематичната Централна Европа кон стратегиските концепции и вредности на стара Европа. Кога на таков начин се ставаат под знак прашање демократските и либералните вредности, можеби е продуктивно да се евоцираат корените на европските вредности. Од Херодот и Хезиод, кои први го употребиле називот Европа, од космополитизмот и правдата на Сенека и Марко Аврелиј, од универзализмот и екуменството на христијанството и проекциите на Карло V и Подибред, преку Лајбниц, Русо, Монтеские, Бентам, до Куденов-Калегри, Моне, Шуман, Аденауер, Делор, Кол… сите овие аниматори на европската идеја сонуваа за европските вредности и за обединета и функционална федерална конструкција на Стариот Континент.

За нив Европа беше духовен ентитет, вид совест за заедничко живеење и солидарност. Европеецот не се дефинирал ниту преку расната припадност ниту преку јазичниот идентитет ниту преку национализмот, омразата или одмаздата. Она што ја чини суштината на Европа е убедливиот духовен темперамент, постојаната пасија за авантуризам и организација, творечкиот куриозитет и сомнеж кон сите императиви и диктати во смисла на Декартовиот Cogito ergo sum. Тоа е еден романтичарски пресек на Европа и европската идеја која се пронаоѓа само во епските визии на Европејците од минатиот век. Но Европа е и комплексна. Нејзиното вековно искушение е надминување на антагонизмите, на империјалните соништа, на демагозите и популистите, на манипулаторите и криминалот, на авторитарците кои го злоупотребуваат правниот систем и власта. Европа не ја исклучува религијата, европската идеја е лаичка, но не се спротивставува на конзервативните визии за „христијанската благосостојба“, особено присутна во Централна и Источна Европа. Тоа не значи „доколку Господ не постои, сè е дозволено “.

Богатството на Европа е нејзината диверзификација која се манифестира низ богатството на културите, традициите, идеологиите, регионите. Најголемата грешка е обидот овие разлики да се хомогенизираат. Единството на Европа се имплементира низ мултикултурата и плурализмот. Европа ја покажа сопствената ширина и гордост кога се отвори кон посткомунистичките држави. Кон Западен Балкан Европа беше построга. Затоа и нашите емоции и темперамент се помешани. За просечните Балканци, Европа е симбол на моќта и прогресот, на благосостојба и демократија, но и своевидна историска куртизана со двоен морал. Изгледа дека е точен слоганот дека народот ги заборава добрите нешта и се сеќава само на лошите работи. На Балканот секогаш ќе наидете на луѓе кои ја критикуваат Старата Дама.

Нема сомнежи дека Европа безброј пати разочарала, меѓутоа никогаш не го заборави Балканот. Можеби почесто Балканот ја потсетувал на неа со соите трагедии и драми. Од финансиска и техничка гледна точка ЕУ иницираше повеќе зафати, создаде позитивни ефекти во многубројни домени, покажа пријателска солидарност и политички такт. Да се сетиме само на сиромаштијата на Грците во седумдесеттите кога Скопје беше велеград на изобилство, на бугарските „една червена“ или на „романските питачи“. Европа направи многу и за земјите од поранешна Југославија. Таа е предизвик, понекогаш претерува со корективните ефекти и дисциплинирањето на политичарите свесна на темпераментот на нашиот homo balkanicus.

Но да се погледнеме себеси. Да се потсетиме на нашите превиди од минатото, транзициските лидери, домашните и пребеганите популисти и демагози, мајстори на манипулацијата, корупцијата и криминалот. Ќе го бараме ли и натаму расчекорот помеѓу богатството, космполитизмот и длабочината на европската идеја онака како ја поимаа нејзините луцидни татковци и денешните каприциозни лидери на Европската Унија? Ќе се лутиме ли дека Европејците сè уште Западен Балкан го третираат како киднапиран дел од Европа, кој не е во состојба да ѝ се приклучи кон матицата? Државите на Западен Балкан денес се во слична ситуација на исчекување и неизвесност како што тоа беа државите на Централна Европа по 1989.

Овој галиматијас наликува на некоја непозната игра, каде што играчите ги откриваа правилата во текот на играта. Кога тие напредуваат согласно правилата, одговорот на еврократитете е охрабрувачки. Таков беше случајот со потпишувањето на Договорот од Преспа. Еуфоријата не Европејците беше поголема од онаа на домашните политичари кои го создадоа овој настан. Неколку европратенички групи ја подржаа и номинацијата на премиерите Ципрас и Заев за Нобеловата награда за мир. Зборот евроскептицизам исчезна од речникот и на најголемите песимисти во новата Северна Македонија. И се приближивме на Европа, го поминавме Рубиконот, таа забранета река за малата Македонија и оправдано ја очекуваме компензацијата.

Меѓутоа слично на искуствата на централноевропските држави од деведесеттите, се покажа дека европскиот медал има и друга страна. Доколку се случи мал превид, некој претпоставен когнитивен рефлекс на билатерален план за загрозениот идентитет на Бугарија или внатрешен проблем во ЕУ за загрозеноста на нејзината функционалност како што тоа го процени францускиот претседател Макрон, моментално се палат црвените светла, се спушта рампата и нервозно се прекинува играта. Дали опасноста од новите варвари од Балканот пред вратите на Брисел, како што пишува Цветан Тодоров, толку ги потресува европските лидери. Состојбата на несигурноста која ни ја наметнуваат „моќните тутори“ од Брисел и Париз, се трансформира во една ексцесивна реакција, во која најголеми жртви се државите аспиранти. На тој начин, оваа игра преминува во постојано растегнување.

Што можат да ни замерат моќните Французи освен вообичаените балкански слабости, кои беа уште поголеми за Бугарија и Романија? Дали не го плаќаме данокот на нашиот претеран проамериканизам. Научените лекции и разочарувања на Европејците од државите на Централна и Источна Европа резигнирано ги искажа поранешниот француски претседател Саркози: „Ние им даваме пари а тие ги преферираат Американците“. Под напливот на сомнителната демократија, во Европа зачестено се наметнува една нова дилема: дали е можен иверзибилен процес на демократијата од оној во историската 1989? Зарем Унгарија која беше авангарда во 1989, не е авангарда во негативна насока во 2019?

Виктор Орбан се прокламира за автор на илибералната демократија. Според Фарид Закарија, тоа е мултипартиски режим каде што изборите се слободни, но екосистемот на политичкиот либерализам како поделбата на власта, контрола на власта, владеење на правото се исушени и анемични. Точно е дека во Унгарија не постои цензура, но не постојат ниту медиуми на опозицијата. Економскиот плурализмот тешко функционира, слободната конкуренција и претприемачката иницијатива отстапуваат пред непотизмот. Орбан не може да се оквалификува како фашист но тој ја первертира и ја уништува демократијата во сопствената држава.

Сличната фабула се повторува и во Полска. И таму е загрозена поделбата на власта „во името на битката против традиционалните елити“. Иако Европската комисија се закануваше дека ќе ѝ покаже црвен картон на владата на партијата на Качињски, Орбан изјави дека ќе стави вето на санкцијата бидејќи е неопходен целосен консензус. Европејците сфатија дека по стапките на Орбан и Качињски тргна и поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој денес е на сигурно во Будимпешта. Секој просечен еврократ би се запрашал: кој ми гарантира дека еден ден и тој или неговите апаратчики нема да ја повратат власта и го воспостават стариот режим. Воедно, и Србија на чело со Вучиќ не е далеку од т.н. „илиберална демократија“ и блискоста со неговиот унгарски ментор. Кога кон сето ова ќе ги додадеме дворските игри на водечките лидери од ЕУ, можеме само да се надеваме дека ќе се сетат на духот и мистеријата на татковците на ЕУ и ќе ни доделат датум за отпочнување на преговорите.