Регулаторната комисија за енергетика се претвора во општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ

Дали РКЕ ќе ја зачува независноста или ќе ги штити интересите на власта по изборот на Ацо Ристов за нејзин прв човек?


Фото: Б. Грданоски

 

Направи ли власта голем чекор назад во независноста на Регулаторната комисија за енергетика со вчерашниот избор на Ацо Ристов за нејзин претседател, или владејачкото мнозинство предложи вистински човек за оваа извонредно важна функција? Ваквите дилеми се наметнуваат по дискусиите на пратениците вчера во Собранието кога точката за избор на претседател на РКЕ беше на дневен ред, откако претходниот претседател Марко Бислимоски даде оставка откако беше подложен на сериозен притисок од власта со кривична пријава за наводно несовесно работење. И премиерот му префрлаше дека неговиот брат бил раководните структури на СДСМ. Ацо Ристов е член на ВМРО-ДПМНЕ и како кандидат на партијата беше во еден мандат градоначалник на Радовиш.

Со изборот на Ристов, се чини, власта полека ја докомплетира апсолутната надмоќ која што ја има во речиси сите институции во земјава.

За опозициската СДСМ неговиот избор е уште еден бизнис интерес на ВМРО-ДПМНЕ, а од Левица најавија дека назначувањето на Ристов ќе го оспорат пред Енергетската заедница. Од власта, пак, велат дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на позицијата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, вчера рече дека изборот за претседател на Регулаторна комисија за енергетика не смее да помине без ниту една дискусија и дека тоа е директна потврда на она што го прави ВМРО-ДПМНЕ додека е опозиција, а како се однесува кога е власт. Спасовски укажа дека новиот директор е партиски член, но и потенцираше дека што се јавува како сопственик на хидроцентрали и енергетски компании, го отвора за независноста на Регулаторната комисија за енергетика.

Тој вчера посочи дека предлогот за избор на претседател на РКЕ за поранешниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, нема да го напаѓа од аспект на тоа дека бил партиски член.

Чии интереси ќе ги застапува Ристов

„Да, партиски член е и од тоа нема бегање. Меѓутоа принципот кој што сакавте да го држите дека ќе ги промените работите во Македонија, дека ќе го смениме системот во Македонија од тоа што било претходно, апсолутно покажувате дека дополнително го менувате, меѓутоа на полошо“, изјави Спасовски.

Оливер Спасовски ги праша пратениците од владејачката партија зошто дозволуваат вмроизација на независните тела

Според него, сите законски решенија коишто се носат, сите кадровски решенија коишто се носат укажуваат на тоа дека не се менува системот на подобро или за сето она за коешто претходно говореа сега владејачките партии дека не е добро, дека е лошо, дека треба да се промени, дека има партизација, дека се ставаат луѓе несоодветни на одредени позиции, сето тоа го промениле и овозможиле практично преку промена на законите 90% од тие закони коишто ги донеле до сега.

„Погледнете ги, во законските решенија намалувате критериуми за избор на кандидати за директори или раководители на одредени позиции. Тоа едната работа. И втората работа таму каде што апсолутно сте биле против, сте укажувале на тоа дека не треба да има партизација, не треба да правиме вакви работи посебно во регулаторните тела, денеска ја имаме токму обратната ситуација во којашто вие истакнат партиски член го предлагате за претседател на регулаторната комисија. Уште полошо од тоа е заради тоа што кандидатот којшто го предложивте за претседател на регулаторна комисија има или имал, како што и самиот наведува, фирма ‘Алфа инженеринг’ основана 2000 година година специјализирана за широк спектар на дејности, меѓу кои изградба на мали хидроцентрали, трафостаници, далноводи прочистителни станици, фотоволтаици и станбена изградба. Тој е сопственик на три мали хидроцентрали, а неговата матична фирма остварува удел и во енергетската сфера преку компанијата ‘Екотера’, која поседува одобренија за изградба на вакви енергетски објекти“, изјави Спасовски.

Новиот претседател на РКЕ, Ацо Ристов

Понатаму, како што додаде, во фирмата „Хидронерџи груп“, којашто исто така се занимава со енергетика, каде што Ристов е еден од сосопствениците и на „МХЦ Козја Река“ лоцирана во близина на Радовиш.

„Единствено нешто што можам да го разберам како прифатлив критериум на ВМРО-ДПМНЕ е тоа да има хидроцентрали за да добие одредена позиција во рамките на партијата“, додаде Спасовски.

И покрај падот којшто го прикажува во 2024 година фирматасепак остварува добивка од околу 400.000 евра, нагласи координаторот на опозициската СДСМ.

„И сега замислете ја продава фирмата, ја отуѓува на кого? На Ѕвезда Андонова, неговата сметководителка којашто до тогаш му води сметководство, продолжува и понатаму. И тоа е познат рецепт. И сега независниот претседател на Регулаторната комисија ќе одлучува за регулирање на цената на електричната енергија за граѓаните низ призма како неговите фирми ќе остваруваат профит. Е тоа е позицијата којашто ја нуди ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Спасовски.

Тој потсети дека кога се вршеше избор на претседател на Регулаторната комисија во претходниот мандат, се јавиле за збор повеќе колешки, пратеници, колеги кои што укажувале на пропусти во делот на кандидирањето и изборот.

Во овој контекст ја цитираше Силвана Ангелеска од владејачката партија: „Јас ќе прочитам за јавноста само неколку извадоци од Законот за енергетика член 17 каде функцијата член на регулаторна комисија за енергетика се врши професионално, не е споива со вршење на друга функција и во последните 15 години пред именувањето да има најмалку 10 години работно искуство во енергетиката, односно во обезбедување на водните услуги, притоа да нема функции во политички партии и така натаму“.  Ова е цитат од стенограмот на колешката Силвана, рече Спасовски.

„Не знам дали тогаш сте во право кога ги кажувате овие критериуми. Очекувам дека денеска овде на мониторот ќе имаме црвено светло од колешката Силвана Ангелеска, заради тоа што ова е побрутално од тоа што вие го вие го кажувате претходно. И секако колешката Лидија Петковска којашто била исто така многу инвентивна, а во дискусијата па кажува дека ‘кога се подготвувала за дискусијата за парламентот за Регулаторната комисија била во сериозна дилема за што е тука, дали за носење на законски решенија или за исполнување на некакви желби од тефтерот на СДСМ за вдомување на кадри коишто ќе бидат дел од енергетската компанија’. Е денеска колешке, покрај тоа што кандидатот ви е од ВМРО-ДПМНЕ, тој е исопственик на хидроцентрали, на енергетски компании итн. Ако тогаш не било добро тоа што го наведувате како критериум, исто и вас ве очекувам денеска да гласате против ова решение. Ако не гласате против, тогаш ова што сте го зборувале можете да го фрлите и да кажете дека зборуваме без став, без интегритет и без никаква почит кон граѓаните“, рече Спасовски.

И пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, обвини дека изборот на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, претставува уште еден јасен пример на партизација на институциите и воведување на ВМРО-ДПМНЕ кадар во важни државни тела, што го загрозува интересот на граѓаните.

„Денеска повторно сме сведоци како една клучна институција во државата, наместо да биде независна и да работи за интересите на граѓаните и на државата, станува партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ. Добиваме уште еден општински комитет на оваа политичка партија, кој ќе биде дел од партиско-политичките бизнис калкулации“, рече Талевски.

Тој појасни дека станува збор за избор на претседател на регулаторна комисија која го одлучува животот на граѓаните преку цените на струјата, горивата, водата и енергенсите.
„И наместо токму сега, кога и ние и целиот свет се соочува со енергетска неизвесност, наместо да бибираме лице во кое ќе имаат доверба сите граѓани на оваа држава, лице кое ќе ги штити нашите интереси, ВМРО-ДПМНЕ без трошка срам, без никаква совест и без никаква одговорност на чело на ова тело предлага најпартиски кадар“, обвини Талевски.

Тој истакна дека Регулаторната комисија за енергетика треба да биде целосно независна. Тело кое нема никаква врска ниту со партии, ниту со политика, а нејзиниот претседател да биде стручно лице кое нема никакви допирни точки со политичка или партиска функција.

„Наместо тоа, владејачкото мнозинство го предлага Ацо Ристов, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Радовиш, повмровски кадар не може ни да биде. И вие колеги овде не покажавте ниту трошка срам, ни трошка одговорност за она што ѝ го правите на државата и што им го правите на институциите“, рече Талевски.

Тој исто така посочи на семејните врски во институциите, односно сопруга на Ацо Ристов, Данка Ристова, веќе е избрана за член на Судскиот совет, институција која треба да ја гарантира независноста на судството.

Тој нагласи дека јавноста заслужува јасен одговор за тоа дали Регулаторната комисија ќе работи за граѓаните или за бизнис интереси.

„Овој избор на најпартискиот кадар на регулаторно тело се случува во време кога граѓаните веќе плаќаат повисоки цени на горивата и високи сметки за енергија. Затоа тие имаат право да знаат дали институциите работат во нивни интерес или во интерес на политички и бизнис мрежи. Денес прашањето е едноставно: Дали регулаторна комисија ќе работи за граѓаните или за нечии бизнис интереси? Одговорот за жал е очигледен. Цената повторно ќе ја платат граѓаните“, заклучи Талевски.

Левица во Енергетската заедница ќе го оспори изборот

И за Левица изборот на Ристов за прв човек на РКЕ е неприфатлив. Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, реагираше на партизацијата на клучното тело кое директно одлучува за цената на струјата, горивата и животниот стандард на граѓаните.

Мециновиќ истакна дека со крунисувањето на Мицкоски на позиција на премиер на  Македонија започна најзагрижувачкиот период за енергетската состојба во државата, затоа што за прв пат нема премиер кој откако ќе дојде на премиерската функција, ќе стапи во бизнисот за струја, туку е директен претставник на енергетската олигархија која ги уништува животите на граѓаните со децении.

,,Премиерот и сите кои ќе ги назначи, вклучувајќи го и овој претседател на РКЕ, директно ќе работат за интересот на индустриските поединци и директно против интересот на граѓаните. Со новото назначување на претседателот на РКЕ, не само што нема да се смени ништо, напротив, ќе се продлабочи исцицувањето на средствата од џебовите на граѓаните!

Ацо Ристов, кој е поранешен градоначалник од редовите на ДПМНЕ на општина Радовиш, е близок бизнис соработник на премиерот Мицкоски и тој не може да биде независен експерт кој ќе го води РКЕ.

По тоа што ние го имаме добиено како информации, веќе има загриженост кај Енергетската заедница со седиште во Виена за назначувањето на Ристов. Веднаш ќе ви најавам дека јас како приватно лице, како граѓанин на Македонија, ќе го оспорам ова назначување со формална претставка до Енергетската комисија во Виена. Затоа што Ацо Ристов ги нарушува критериумите на Енергетската заедница. Тој не е независен кадар, тој е директно политички кадар на ДПМНЕ.

Амар Мециновиќ од Левица

Секој пат кога ќе го видите Ристов на телевизија како ја зголемува цената на струјата, погледнете го во него лицето на Мицкоски, затоа што тој е одговорен за тоа.” – заврши пратеникот од Левица.

ВМРО-ДПМНЕ: Ристов има општествен авторитет

Од друга страна, пратениците од власта застанаа зад предлогот Ристов да ја води РКЕ.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПНЕ повика да се зборува со факти и оти ставовите на СДСМ не се во насока на тоа дали кандидатот е квалитетен или не. Тој рече дека претседателот на РКЕ се бира исклучиво според Законот за енергетика и оти Ристов ги исполнува сите можни услови што се наведени во законот.

„Ристов и тоа како заслужува да биде претседател на РКЕ, има три децении искуство, има знаење, докажан е во работењето и има општествен авторитет. Предлагаме лица кои се квалитетни и со соодветно образование и ги исполнуваат условите од законот“, рече Стојановски.

Според приложената биографија, Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно работно и проектно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи. Во биографијата се вели дека тој поседува лсилни компетенции во проектен менаџмент, техничка координација, надзор и стратешко планирање. Ристов е член на Комората на овластените архитекти и овластените инженери на Македонија со овластување А за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва категорија – наведе Комисијата за прашања на изборите и именувањата во предлог-одлуката за именување на Ристов, што ја усвои на 17 минатиот месец.

Собранието, вчера со 68 гласа „за“ и 15 „против“ го избра Ацо Ристов за претседател на Регулаторната комисија за енергетика. (Н.В.)