Дали принцот Хари навистина е „жива легенда на авијацијата“?


Одбројувањето започна до денот кога принцот Хари ќе биде прогласен за жива легенда на воздухопловството на церемонијата што на 19 јануари во Беверли Хилс ќе ја организира холивудскиот великан и закоравениот пилот, актерот Џон Траволта.

Сопругата на Хари, Меган Маркл, блеска од среќа, а англиските медиуми едвај ја дочекаа веста и се запрашаа дали се работи за прерана првоаприлска шега или организаторите на церемонијата ги измешале лончињата кога ја доделиле престижната награда на принцот Хари за неговиот „значаен придонес во развојот на аеронаутиката“.

Кралскиот „багалец“, мора да се признае, поминал воена обука во Кралските воздухопловни сили во својата татковина и ја отслужил својата воена служба, која вклучувала мисија како дел од британските сили во Авганистан. Пред 14 години, тој ја заслужи наградата „Летечки крила“ по завршувањето на осуммесечен курс за пилотирање на авионот „Firefly“ и хеликоптерот „Squirrel“ во чиишто кабини собрал 220 часа лет.

Покрај тоа, тој ја доби и наградата за најдобар артилериски копилот на обука на хеликоптери Апачи, што значи дека бил задолжен за управување со ракетните системи за време на летот на овие борбени авиони, така што не може да се каже дека е целосно „ зелено“ што се однесува до пилотското искуство. Покрај тоа, тој е и основач и главен спонзор на игрите Invictus, каде што учествуваат воени ветерани со инвалидитет од целиот свет, а кои секоја година се одржуваат во друга земја.

Сепак, заслугите на принцот Хари за развојот на аеронаутиката се неспоредливи, на пример, со астронаутот Баз Олдрин, вториот човек што чекорел на површината на Месечината како член на екипажот Аполо 11, кој ќе ја добие истата титула како принцот Хари истата вечер. Реакцијата  ги преплави социјалните мрежи, па многумина се запрашаа што го направило принцот Хари да се издвојува од толпата воени пилоти кои некогаш управувале со воен авион или хеликоптер.

„Како придонесе за развојот на воздухопловството?“, „Да имаше некаков морал, ќе ја одбиеше наградата“, „Можеа постхумно да му ја доделат на мојот покоен татко со 500 часа лет во операции“, „Принцот Хари можеби биди легенда, но во никој случај не е легенда на воздухопловството“, „Тој ја заслужи титулата како и Меган Маркл – Оскар“, се вели во коментарите.

Сепак, тие коментари сигурно нема да ги наведат организаторите на наградата, која се доделува од 2003 година, да ја сменат одлуката, а принцот Хари не е единствената славна личност на листата. Актерите Том Круз, Харисон Форд и Морган Фримен се исто така живи легенди, како и претприемачите Џеф Безос и Илон Маск, основачи на приватни компании за истражување на вселената, што вклучува вселенски туризам.