Дали „Фајзер“ сега има премногу моќ?
Американската компанија сега доминира на пазарот за вакцини против КОВИД-19. Но, дали тоа ѝ дава премногу моќ? Приказна „одвнатре“ на Фајненшел тајмс за нешто „што се случува еднаш во епохата“
Додека светските и домашните медиуми ја пренесуваат изјавата на првиот човек на фармацевтскиот гигант „Фајзер“, Алберт Бурла, кој рече дека луѓето во наредните години ќе мора да се ревакцинираат против коронавирусот, една друга приказна доаѓа од Фајненшл Тајмс (ФТ).
Имено, весникот се прашува дали оваа компанија го диктира економското закрепнување на цели региони, вклучително и континенти, со тоа што одредува кој и кога ќе прима дози на вакцини.
ФТ разговараше со голем број луѓе вклучени во развојот и дистрибуцијата на вакцини, што на компанијата ѝ донесе значителен приход.
Весникот нагласува дека Бурла е многу барана личност меѓу светските политичари. Како што вакцинацијата овозможи некои земји да ги отворат повторно нивните економии во текот на летото, шефот на „Фајзер“ одлета на самитот на Г7 во јуни, паркирајќи го неговиот приватен џет веднаш до авионот на британскиот премиер Борис Џонсон. Недели подоцна, тој беше пречекан на Олимпијадата од тогашниот јапонски премиер Јошихиде Суга, прв пат за кој официјалните лица можеа да се сетат државната палата Акасака да биде домаќин на корпоративен лидер. Во септември, американскиот претседател Џо Бајден го опишуваше 59-годишниот „Алберт“ со грчко потекло како негов „добар пријател“.
ФТ наведува дека некои политичари, исто така, виделе сламка за спас во производот на „Фајзер“. Според весникот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, соочен со можноста да ги загуби изборите, 30 пати ја повикал Бурла, за Израел да биде меѓу првите што ќе ја примат вакцината. За разлика од западните земји, „договорањето“ за вакцината не помина добро во Африка, која прима дози „на лажичка“.
Иако моќта на државите значително се зголеми за време на пандемијата, кога станува збор за медицинското решение за пандемијата, сега владите ширум светот се речиси целосно зависни од приватни компании, кои ја трансформираа политичката моќ на „Фајзер“, според ФТ.
„Фајзер“ во свои раце држи производ кој забележа рекордна продажба за само една година. Компанијата предвидува дека вакцината против КОВИД – 19 оваа година ќе донесе приход од 36 милијарди долари, двојно повеќе од првиот конкурент „Модерна“. Приходите се очекува да достигнат 29 милијарди долари следната година.
Откако доби одобрение од регулаторите кон крајот на минатата година, „Фајзер“ можеше да ја одреди цената на вакцината и да избере кои земји ќе бидат подобро позиционирани на „листата на чекање“ за испорака, од која зависи нивното економско закрепнување.
Што прави „Фајзер“ со оваа новостекната моќ, пишува ФТ, односно што планира да направи, засега не е точно познато, со оглед на тоа што компанијата затемнува добар дел од одредбите од купопродажниот договор кои се достапни на јавноста.
Според соговорниците на весникот, никој од нив не го доведува во прашање придонесот во борбата против пандемијата, но добар дел од нив сметаат дека односот на силите отишол предалеку на страната на компанијата.
Интересна е приказната на Лоренцо Гостин, професор на Универзитетот во Џорџтаун и член на поранешната американска администрација, кој вели дека вакцината „Фајзер“ всушност воопшто не е нивна, туку на компанијата BioNTech. Германскиот BioNTech на почетокот на 2020 година немаше одобрени производи, а со тоа и извор на приход, па се обратија кон „Фајзер“.
Весникот пишува дека, за разлика од „Астра Зенека“ и „Џонсон и Џонсон“, „Фајзер“ од самиот почеток немаше намера да ја продава вакцината на непрофитна основа. Поради тоа „Фајзер“ ја одби финансиската помош на американската влада за да ја задржи контролата врз вакцината. Цената што компанијата првично ја одреди на 100 долари не се случи, но по предупредувањето дека ќе биде означена како профитер во јавноста, цената „падна“ на 19,5 долари по доза, четири пати повеќе од цената за вакцините „Џонсон и Џонсон“ и пет пати повеќе од „Астра Зенека“.
Сепак, според ФТ, успехот на „Фајзер“ не е изграден на цената или брилијантноста во истражувањето, туку на производствениот капацитет. Заедно со BioNTech, американската компанија располагала со девет производствени капацитети и 20 договорни партнери, пишува ФТ.
Како што започнува текстот со Алберт Бурла, шефот на фармацевтската компанија, така ФТ и го завршува. Според весникот, Бурл инсистира дека „Фајзер“ е во позиција на „комерцијална сила“ на пазарот на вакцини против КОВИД-19, со луѓе на кои веројатно ќе им треба „бустер“ доза од година во година. Според весникот, Бурла им кажал на инвеститорите овој месец дека „Фајзер“ допрел повеќе животи од која било фармацевтска компанија претходно – и дека 80 милијарди американски долари проектирани приходи оваа година веројатно е рекорд за секој производител на лекови – било кога.
Фајненшел тајмс завршува со реченицата од Џефри Порџ, аналитичар во SVB Leerink, инвестициска банка специјализирана за здравство: „Ова е толку неочекуван економски успех што се случува еднаш во епохата“.