Дали ЕУ можеше да одлучи и без бугарското вето?


НАНО РУЖИН

Европската унија мора да се замисли за сопственото огледало на вистината, кое во античките митови е персонификација на лажната вистина

 

Како никогаш досега меѓунарoдната заедница не застана зад Северна Македонија во еден билатерален спор со друга држава. Да почнеме со пораките кои пристигнаа од онаа страна на Атлантикот. Еден од баритоните на идниот американски претседател  Џо Бајден, амблематичната државна секретарка во администрацијата на Бил Клинтон (1997-2001), Медлин Олбрајт, по повод бугарското вето истакна : „Трагедија е тоа што Бугарија, поради домашни причини ја блокира Северна Македонија“. Германскиот министер за Европа Михаел Рот, од Берлин порача: „Бугарија е единствена од 27-те земји на ЕУ која го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија“. Тој ѝ се извини на Северна Македонија заради таквиот чекор на Софија. „Сигурен сум дека следната година во најбрз рок ќе најдеме решение. Нема никаква потреба од план Б за ЕУ-перспективата на Северна Македонија, туку само да се надмине спорот, и сигурен сум дека тој ќе се надмине“, порача Рот на прес-конференција од 9 декември. Дури и бугарските интелектуалци и поранешни политичари како Плевенлиев, Ивајло Дичев или Даниел Смилов, напишаа дека „Бугарија со блокирањето на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, одигра во корист на својата штета“.

Михаил Рот платонски нѐ утеши споделувајќи ја разочараноста во Скопје со онаа на официјален Берлин. „Разочарани сме лично и јас и министерот за надворешни работи. И канцеларката Ангела Меркел, која многу се ангажираше на оваа тема. Не успеавме да го оствариме успехот на кој се надевавме. Чувствувам силна поддршка од другите земји-членки и бидете сигурни дека германската влада ќе остане на своето ветување кон Западниот Балкан“, рече Рот. Останува дилемата дали ЕУ со својот фриволен став кон бугарско-македонскиот спор намерно не покажа поголема решителност?  

Можеше ли ЕУ да постапи поинаку?

Пред сѐ мора да се расчисти дилемата: Дали зад крајно тврдите ставови на Бугарија стои внатрешната политичка стретагија на владејачката политичка гарнитура пред мартовските избори во 2021? Кракачанов, Захариева и Борисов успеаја да го убедат огромниот број Бугари (над 80 отсто) да не го подржуваат членството на Северна Македонија во ЕУ, што соодветствува со балканскиот табиет на нашите европски комшии. Дали зад нивниот проект стои подршката од воневропски држави кои се противат кон геополитичкото проширување на ЕУ, или се работи за некој скриен дил со некоја од државите-членки, кои според улогата добар полицаец (ЕУ) – лош полицаец (Бугарија), јавно го подржуваат членството на С. Македонија а во суштина се против проширувањето на ЕУ.

Епистемолошки набљудувано секоја од овие хипотези може да е точна, и веројатно некои од споменатите и неспоменатите држави, чуствуваат одредена сатисфакција заради бугарскиот потег. Можеби сум субјективен, но во стерилната реакција на комесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархиеи дека „Скопје и Софија мораат да се договорат“ не видовме некоја голем искра и амбиција да ја оправда неговата работа за која е платен. Дополнителна драматика кон нашите незадоволства беше незаинтересираноста на Европскиот совет да дискутира за пристапните преговори, што како и секогаш ЕУ има постојано „позначајни теми отколку да размислува за некакви си  балкански државички кои сонуваат за Европа“.

Франција остана индеферентна исто како Холандија и Данска, кои преку нивните амбасади истакнаа дека „не ги поддржувале ставовите на Софија“, но не презедоа ништо поконкретно да се маргинализира ирационализмот на Софија. Ние имаме право да се  сомневаме во добрите намери на членките кои до минатата година настојуваат што повеќе да го оддолжуваат проширувањето. Свикнавме на сите нивни сугестии, добри и лоши намери, а бога ми, ги навикнавме на нашата наивност, трепливост и послушност. Се прашуваме дали навистина Европскиот совет е толку немоќен против активирање на ветото како право на суверенитет во една супранационална организација, дури и против најкритикуваните држави како Полска или Унгарија или најслабата алка на ЕУ – Бугарија?

Одлуките во Европскиот совет како самит на шефовите на државите или владите се донесуваат по пат на консензус, што значи дека сите држави се сложуваат околу одлуките. Меѓутоа дали тоа е навистина така? Недоразбирањата се честа појава, но поголемиот број држави немаат интерес кога се во малцинство јавно да ги објавуваат таквите ситуации. Разбирливо, бидејки ЕУ е политичка заредница, а не само меѓународна организација. Токму затоа државите отстапуваат од сопствениот суверенитет во одредени домени на одлучување. Конкретно, отстапувањето од суверенитетот означува и обврска на државите да ги применуваат директивите и уредбите, иако можеби се спротивни на нивните позиции.

Најсвежиот пример околу изгласувањето на седмогодишниот буџет на ЕУ и Пакетот за обнова, со однапред пропишаните услови за користење на европските пари го покажаа неединството на државите членки. Европските лидери правото на користење на големите финансиски транши го условија со почитување на владеење на правото, еден од столбовите на европската идеја и конструкција. Незадоволни од условувањата и свесни за сопствените слабости, Полска и Унгарија на 16 ноември се повикаа на правото на вето и го блокираа донесувањето на буџетот. На тој начин беа блокирана над 1.800 милјарди буџетски евра на ЕУ за периодот 2021-2027 односно пост-ковид планот на ЕУ од 750 милијарди евра. Со оваа уредба беше предвидено во следните три години Полска да добие 28 милијарди евра а за седум години 75 милијарди евра, додека Унгарија за три години би добила седум, а за 7 години 22 милијарди евра.

Државниот  секретар на Франција за европски прашања, Клемент Бон, се закани дека доколку Полска и Унгарија не го повлечат ветото, ЕУ ќе пристапи кон порадикални решенија со можност Пакетот за обнова да опфати 25 држави-членки без Полска и Унгарија. „Правно знаеме дека е тоа тешко, но е можно. Нашата позиција е јасна, нема да ја жртвуваме ниту обновата ниту владеење на правото“.  И во минатото, кога Европскиот совет не бил единствен,  било практикувано да се заобиколат резервните позиции на поедини членки. На пример, при усвојување на проектот за Шенген-просторот (1995) кој се потпираше врз договорот од Шенген (1985), некои држави имаа резерви, но тогаш Советот пресекче дека „оние што не се согласуваат да бидат заобиколени“.

Соочени со таквите закани, Полска и Унгарија, по иницијатива на Германија го „спасија Данцинг“ и прифатија компромисна формула за буџетот и пакетот на ЕУ. За унгарскиот премиер тоа била голема победа на политиката на Унгарија и на неговата „упорност“. За Германија овој потег се велича како успех на германското претседателство со Унијата. „Ова е еден силен сигнал кој триумфира врз егоизмот: владеењето на правото се применува насекаде во ЕУ“, изјави германсиот министер за финансии Олаф Шолц. „Можеме скромно да констатираме дека го спасивме единството на Унијата“, порача Шарл Мишел. Од своја страна францускиот претседател Макрон лаконски изјави: „Европа напредува обединета и ги носи своите вредности… ниту го жртвувавме Пакетот за обновата ниту владеењето на правото“.

Компромисот беше пронајден во клаузулата за свикувањето на Европскиот суд за правда, кој ќе ја истражува легалноста на „условувањето и почитувањето на правната држава“. Но за да се реализира оваа процедура ке изминат 18-19 месеци, односно период кој ке потрае до одржувањето на следните парламентарни избори во Унгарија. Дотогаш овие работи можеби ќе се пикнат под тепих, а еврократите се надеваат дека или Орбан ќе падне или ќе тргне по вистинскиот европски пат.

Останатите прашања со кои се зафати Европскиот совет беа санкциите кон Турција и мерките против климатските затоплувања, со намалување на испуштањето на јаглероден диоксид за 55 проценти во однос на 1990 до 2030. И тоа беше сѐ. Северна Македонија не била спомната ниту во кулоарите и штама. Се гледаме догодина.

Шекспиров заплет на следните проширувања

Во меѓувреме Западен Балкан сѐ уште тапка во балканската кал, далеку од европскиот гордиев јазол. Но со каков интелектуален габарит или дипломатска потенција треба да располагаат Европејците за да го разберат молиеровиот гамбит кога Србија или Црна Гора, Албанија, Косово или Босна и Херцеговина ќе треба да се зачленат во ЕУ? Прашањето на ветото и натаму ќе создава нови и нови сценарија и лица, слично на серијалот со дрвените руски кукли Матрјушка или на шеширот на волшебникот полн со изненадувања. Дали Хрватска доколку го следи бугарскиот модел нема да се повика на статусот на хрватското малцинство во Србија, историјата  на Јасеновац и Блајбург, и дали ќе издејствува дека Никола Тесла во суштина бил Хрват? Дали од Црна Гора ќе се бара решавање на проблемот со Превлака или признавањето дека гуслите биле хрватски национален инструмент? Дали Хрватска нема да го услови членството на БиХ со однесувањето на Република Српска или подобрување на статусот на Хрватите како конститутивен народ во Босна и Херцеговина?

Што ќе се случи доколку Србија влезе во ЕУ пред Косово и Албанија? Дали ќе ги кочи нивните интеграции со проблемот на сопственоста на хидропотенцијалот на езерото Газивода, неправилната приватизација на рудникот „Трепча“, враќање на имотот на Србите, статусот на српската заедница во Косово, предавање на воените злосторници кои ги регистрирал Белград итн? Белград од Албанија може да бара одговорност за учеството на нејзините политичари и воени лица во војната од 1999, сомнежите за „жолтата куќа“, границата кон Косово…

Да не ги забораваме и останатите европски соседи на Западен Балкан, кои незадоволни од историјата на нивните прадедовци или загрозени идентитети ќе најдат простор да им наметнуваат на државите кандидати бришење на историјата, присвојување на личности, настани, идентитети, имиња, азбуки, народи, религии, територии. Европската унија мора да се замисли за сопственото огледало на вистината, кое во античките митови е персонификација на лажната вистина. Бугарското вето кон Северна Македонија им дава убав шлагфорт на Европејците подлабоко и посовесно да се позанимаваат со езотеричните балкански приказни на проширувањето.

(Нано Ружин е универзитетски професор)