Дали е проблем замастен црн дроб?


Замастен црн дроб се карактеризира со акумулација на маснотии во хепатоцитите. Стеатотичен црн дроб се карактеризира со акумулација на повеќе од 5 проценти маснотии во хепатоцитите.

Оваа болест може да биде резултат на голем број фактори, меѓу кои нездрава исхрана, прекумерна тежина, дијабетес, алкохолизам и генетски предиспозиции, пишува Stetoskop.info.

Заболувањето на замастен црн дроб поврзано со метаболичка дисфункција има 3 фази:

првата фаза е стеотичен црн дроб,
втората фаза е безалкохолен статохепатитис,
третата и последна фаза е цироза.

Какви симптоми може да има лице со замастен црн дроб?

Некои болести, како што е замастен црн дроб, се развиваат без јасни симптоми, што ги отежнува откривањето и лекувањето. Ваквите состојби се нарекуваат асимптоматски – што значи дека личноста нема забележителни знаци на болеста, иако таа е присутна во телото. Замастен црн дроб е добар пример за таква состојба. Имено, голем број луѓе со замастен црн дроб не чувствуваат никакви симптоми, па често не знаат дека имаат проблем додека болеста не премине во посериозен стадиум. Кога ќе се појават симптоми, тие обично вклучуваат чувство на хроничен замор, губење на апетит, гадење, абдоминална непријатност или болка, па дури и жолтица, што е знак за нарушена функција на црниот дроб.

Навремените прегледи и следењето на здравјето на црниот дроб се клучни чекори за спречување на компликации, бидејќи препознавањето на болеста во порана фаза може значително да го подобри исходот од лекувањето.

Како се дијагностицира замастен црн дроб?

Дијагнозата на замастен црн дроб се заснова на клинички преглед, лабораториски тестови, ултразвук и биопсија на црниот дроб. Она што е важно да се напомене е дека абдоминалниот ултразвук открива стеатотичен црн дроб само кога количината на маснотии во црниот дроб надминува 30%, што укажува на тоа дека раните фази на замастен црн дроб се исклучително тешки за откривање.

Исто така, важно е да се напомене дека црниот дроб кај безалкохолното масно заболување на црниот дроб е хетероген, што значи дека мастите во црниот дроб не се рамномерно распоредени, а биопсијата од различни делови на црниот дроб може да варира патохистолошки во однос на степенот на безалкохолен стеатохепатитис и стадиум на фиброза.

Зошто е важно да се открие замастен црн дроб во рана фаза?

Важно е да се истакне дека раната дијагноза е од клучна важност за да се спречи понатамошно оштетување на црниот дроб и развој на посериозни компликации како што се цироза или рак на црниот дроб. Пациентите со безалкохолен стеатохепатитис имаат 2,61 пати поголеми шанси да добијат рак на црниот дроб во споредба со сите други заболувања на црниот дроб кои се манифестираат како хепатитис. Замастен црн дроб е поврзан со рак на други органи и станува една од водечките причини за трансплантација на црн дроб во САД, што е факт што не треба да се игнорира.

Порака од доктор за здравјето на црниот дроб

Третманот на замастен црн дроб вклучува комбинација на промени во животниот стил и лекови, во зависност од причината за болеста. Најважниот чекор во лекувањето на замастен црн дроб е промена на исхраната и воведување на здрави животни навики, заедно со намалување на телесната тежина.

Редовната физичка активност исто така игра клучна улога во намалувањето на ризикот од замастен црн дроб. Вежбањето помага во намалување на телесните масти и подобрување на статусот на отпорност на инсулин, кои често се предуслови за оваа болест.

Во моментов, не постои лек кој е одобрен за третман на замастен црн дроб, а повеќето од лековите што се користат се „off label“.