Дачиќ: Социјалистите нема да поддржат преместување на гробот на Јосип Броз Тито од Куќата на цвеќето
Белград -Социјалистичката партија на Србија (СПС) сигурно нема да го поддржат иселувањето на Јосип Броз Тито од Куќата на цвеќето, изјави лидерот на СПС Ивица Дачиќ за Данас, реагирајќи на изјавата на Александар Шапиќ, градоначалникот на Белград, дека изместувањето на Јосип Броз од Музејот на Југославија е крајно важно за српскиот народ, како и отстранување на посмртните останки на четворица народни херои од Калемегданската тврдина, јави дописникот на МИА од Белград.
Лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ, кој е во коалиција со СНС и со чии гласови Шапиќ стана градоначалник на Белград, смета дека „историјата не може да се избрише“.
Александар Шапиќ, судејќи по првите реакции, засега ја нема поддршката од своите коалициски партнери.
На најавата на Шапиќ дека социјалистите ќе ја поддржат одлуката која наскоро треба да ја донесе Министерството за култура и дека тој како градоначалник ќе помогне да се „изведе квалитетна ексхумација и преместување на телата“ на Тито, Моше Пијада, Иво Лола Рибар, Ѓура Ѓаковиќ, Иван Милутиновиќ, реагираа и други социјалисти.
Тома Фила, советник во белградското Собрание, потсетува дека иселувањето на Јосип Броз Тито од Куќата на цвеќето не е во надлежност ниту на Шапиќ, ниту на белградското собрание. Напоменува дека е против иселување на посмртните останки и додава дека СПС на своите партиски органи секако ќе донесе конечната одлука.
-Со други зборови, ние ќе бидеме против тоа. Впрочем, ништо нема да биде од идејата на Шапиќ, изјави Тома Фила.
Шапиќ на седница на Собранието на град Белград најави дека ќе се формира комисија за споменици и именување на плоштади и улици.
-Не знам од каде на Шапиќ такви размислувања дека СПС со две раце ќе гласа за преместување на гробот на Јосип Броз Тито, како и на гробот на народните херои од Калемегдан. Како потпретседател на СПС можам да кажам дека СПС нема да поддржи вакви предлози, изјави на седницата потпретседателот на социјалистите, одборникот Александар Антиќ.
Сличен став искажа и советникот на ПУПС Стефан Кркобаниќ, партија која исто е во коалиција со СНС и Шапиќ, кој рече дека не се согласува со ставовите на градоначалникот за партизанското движење и четничкото движење на Дража Михаиловиќ.