Да го олесниме Тешкото


 „Еве ме на врвот се искачив. Сам.                                                                           Тука не ме следи око ничие.                                                                                       И што? Јас во себе пак го шепотам                                                                           Жалосниот сон на своето величие“.

Вака пееше Конески…

Зарем не е време да ја прекинеме културата на самост? Зарем не е време за култура на автономност и интегритет во јасно исцртаното заедништво? Само така ќе можеме да ги помириме минатото и сегашноста во реална визија за иднината. Само така, создавајќи прецизно артикулирано множество различности кои имаат заемна доверба, можеме да ја продолжиме пловидбата со овој кораб низ сите бурни мориња и предизвици кои светот ги носи со себе.

 Сами не сме ништо. Сами времето не нѐ сака. Заедно сме сѐ. По сите искуства на слободата и искушенија на ропството, да размислиме која е нашата заедничка содржина прецедена низ ситото наречено живот. Оној живот што навистина ни се случува не само низ нашите потценети порази и преценети победи туку и низ малите среќи и несреќи, таги и радости – натоварени на нашите кревки човечки плеќи. Животот помеѓу длабокото вдишување наутро и краткиот здив притиснат од немир пред заспивање. Чувствата, сеќавањата, љубовта, пријателството, разговорот, молчењето, слушањето – обичниот живот. Сето тоа и сето помеѓу тоа, што, понекогаш, толку многу зависи од нас самите. Такви какви што сме… или можеби такви какви што би можеле да бидеме – не толку силни за да си дозволиме нетрпеливост спрема другиот, но и не толку слаби за да си дозволиме гнев. Гневот не е доволен.

Оној живот што ќе биде темелот за благородна, очовечена заедница, во која ти, јас, вие, ние, другите, истите и различните ќе бидеме во релација со себе и со другиот во и вон себе.

Истетовирани сме со безброј приказни кои не треба да нѐ заспијат, туку да нѐ разбудат. Наша благородна должност е со различните протагонисти од тие приказни да најдеме заедничка линија за развој на дејствието од кое ќе произлезе пролог во којшто секој ќе го најде своето поединечно јадро во заедничката срцевина. Само така можеме да менуваме, надоврзувајќи ја визијата за идните акции врз минатите искуства. Оти времето идно ги содржи во себе времето минато и времето сегашно.

А светот, зборувајќи катадневно за мир, како да е во постојана војна. На човештвото му е стежнато од војување, а сепак, како да е зависно од војната, фактичка или симболичка. Војна со себе, војна со небото, војна со соседите, војна со телото, војна со билките, војна со љубовта, војна со омразата, војна со морињата и со реките, војна со месечината и со сонцето. Војна со зборовите и со јазиците. Кулите Вавилонски сѐ уште ги слушаме развревено, недоразбрано. А, кога ќе размислиш, и војската постои за да нѐ штити од војна. Ама не – ние никако да се помириме со себе. Ние никако да се помириме со другиот во себе и со другиот до себе. На некои им е обесмислен копнежот ако не војуваат обезгласено, само колку да потврдат дека се живи преку умирањето. Застанувам пред секое насилие.

„Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божик. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот“. (Горан Стефановски, „Дупло дно“).

Моето талкање, моето патување ме води во мојата лична Итака, која не треба да ја освојувам триумфално очекувајќи ги аплаузите. Таа е тука, таа е сечија, таа е ничија, таа е моја, таа е ваша, таа е заедничка. Разбирате ли дека она што е мое е и заедничко? Она што е ваше е и мое? Разбирате ли дека светот сака да биде едно, едно кое е родено во љубов и проштевање. Верувајте ми на зборот – ако ние не умееме да простиме, да ја прегрнеме болката од откорнатото, тогаш засекогаш ќе останеме сами и невкоренети. Никој не рече да заборавиме, туку да простиме. Дури и себеси. За тоа што сме простиле. Сакате да го сопреме насилието? Сакате да направиме дом, ти, јас, блискиот, далечниот, истиот, различниот? Сакате, конечно, или не? Сакате ли да ја смениме мапата на светот во којашто клучните топоними се нарекуваат страдање, смрт, покорност, во мапа во којашто главните градови, планините, реките и долините ќе се нарекуваат радост, заедништво, полност во животот, солидарност, спокојство…?

Нам ни е потребно да ја вратиме киднапираната реалност и да го реартикулираме непријатното наметнато реално. Потребно ни е да создадеме автономна зона на доверба, која во мноштвото различни концепти и мислења нема оперативно да биде блокирана, која ќе ги надмине личните егзистенцијални стравови и ќе зачекори без страв кон хоризонтот што постојано ќе се поместува. Зарем на Македонецот не му е својствено да гледа и зад хоризонтот?

Време е за едно вкотвување на реалното, кое ќе создава постојани стратегии за изнаоѓање прифатливи културни и политички пристаништа. Ако не ни одговара, наместо да го напуштиме другиот, ќе се обидеме да проникнеме во другоста. Ако другиот страда, тоа е и наша работа. Затоа, треба одново да ги преобмислиме заедницата, ризикот и авантурата, наспроти комфорот и сигурноста, а, против поданичката култура. Потребно е да се биде во потрага по новите форми на естетска, етичка и на политичка конфронтација и имагинација, кои ќе водат кон слобода и кон суштинска заемност. Наша задача е да ги прескокнуваме оградите и да ги пресекуваме полињата, обидувајќи се да создадеме звук кој ќе има специфичен ракопис.

Секое мноштво, секоја заедница, секој колектив има свои лавиринти, свои возвишувања и свои бездни. Голем подвиг е да се лебди помеѓу „јас“ и „ние“ затоа што мноштвото може да има обединувачка, но и разорна сила, а и тоа од нас зависи. Од нашата одговорност, емпатичност, од политичката и од културната визија. Од нашето тактичко и стратешко знаење за тоа како органски да бидеме заедно. Како да станеме тело со различни органи, но поврзани со една мрежа од витални крвни садови. Низ овие триесет години, имајќи го вековното наследство од дамнина, преку Илинден и преку народната антифашистичката војна, имајќи го наследството на копнежот за автономна заедница која ќе се нарекува република, увидовме дека треба умно да се осознае и да се практикува она што е посебност во мноштвото.

Во просторот на заедницата, којашто ја нарекуваме република, се одвива клучната битка на нашата современост – како да создадеме колектив, а не механичка административна толпа.

Пријателки и пријатели, дами и господа, моќта насобрана во еден човек или во  неколкумина луѓе во една палата или во неколку градби со еден удар може да биде срушена. Таквата моќ е пораз за историјата на човештвото. Никому не му е потребна. Она што ни е насушно потребно е да ја заборавиме неа како двигател на малкумина и да го изнајдеме внатрешното јадро низ кое ќе плетеме и ткаеме заедничка мрежа, мрежа која ќе нѐ поврзува во најзначајните точки од нашето поединечно постоење – еднаквост и вкотвеност во заедничките идеи за времето идно, кое секако ќе го содржи сознанието од времето минато и ќе биде во дослух со потребата на времето сегашно. Само така ќе создадеме арматура што нема да може ни најсилното тектонско поместување да ја сруши.

Некој некаде кажал дека смртта не е губење на иднината, туку загуба на минатото. Иднината е празен лист којшто допрва треба да се испише. Да не го оставиме тоа на другите. Сигурен сум дека така размислуваа големите луѓе од минатото, опеани во македонската химна, но и многу други херои неспоменати во неа, а врежани неотповикливо во нашата колективна свест. Тие самите, нивната борба, нивниот идеал и, пред сѐ, нивната лична жртва…

Ние не го сакаме животот онаков каков што ни го нудат, однапред создаден. Сакаме ние да учествувавме во неговото создавање. Можеби понекогаш се чувствуваме како луѓе кои предоцна дошле на претставата, откако вратите на театарот веќе се затворени. Но, меѓу чиновите има шанса вратите уште еднаш да се подотворат. Ајде тогаш да јурнеме внатре без здив и во темнината да го побараме сопственото место!  

„Ги пуштив реките да течат                                                                                    дека се матни, дека мислат гласно,                                                                              и може негде некому да речат                                                                                  што не сум знаел да изразам јасно“.                                                                      (Блаже Конески)

Се соочуваме со синдром којшто го нареков епоха на празни ангели: „Ова е ситуација во која сите сакаат да бидат гласници, но во која никој не прави напор да ја прими пораката.“, вели Антонен Арто. Ајде да се обидеме да го побиеме тој благороден скептик, да ја најдеме нашата порака, да ги прочитаме знаците покрај патот и да тргнеме во заедничкото патување во коешто ќе вложиме во праведното и чесно заедништво.

Во сон се родив, во сон живеам, во сон ќе умрам затоа што не сакам никој да ми ги украде верувањата, ниту утопиите – оти тие се оние кои го исцртуваат светот со посакуваните бои. Да ги симнеме маските, да се погледнеме, да ги убиеме со љубов и со разум нискоста, лицемерието, инерцијата, алчноста и лагата. Нам пред сѐ ни е потребно да живееме и да веруваме во она што ни овозможува да ја чувствуваме идејата за животот, во она што нѐ тера и ние лично да придонесуваме за него.

А, што е тоа? Да го ископаме највредното затрупано во урнатините на нашите интимни длабочини, од кои ќе изградиме нов град од нашите заеднички слики, бидејќи нам тоа ни е потребно – грижа за идеите, а не само загриженост за преживувањето.

Растењето е единствено можно низ историјата. Историјата му дава правец на растењето. Иако помнењето не е секојпат безгрешно, секое помнење нѐ прави свесни за вредноста на минатото во сегашноста. За неколку векови, некој друг патник на ова место, исто како јас, ќе жали за исчезнатото, за она што можев да го видам, за она што можев да го направам, а ете така ми побегнало.

Затоа, не смееме да го споделуваме стравот на Робеспјер дека ќе пропаднеме затоа што во историјата на човештвото сме го пропуштиле мигот да ја засноваме слободата. Затоа верувам дека досега сфативме дека заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување е заедница на слободата, на заемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството.

И да ве потсетам на мислата од пред малку: „Сите сакаат да бидат гласници, а никој не ја слуша пораката на вечните Илинденци“.

(Од Крушевскиот манифест): „Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и от неговите китни села без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати шчо гледаат и нас и вас, да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустина, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода. Вие мошне арно знајте оти ние не сне лоши и разбирате оти от мака си кладофне главата в торба, за да заживејме како браќа на оваја земја, ние ве имаме како сфои и сакаме до крај да останиме сфои. Ние не дигнафне пушка протиф вас – това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирниот, трудољубивиот и чесниот турски нарот шчо се прерануат, како нас со крваф пот – тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме – доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мајки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашиот имот, вашиот живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите. Анџак, за да си завардиме имотот, животот, верата и честа, ние сне зеле пушка. Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жалиме како сфои браќа, бидејќи разбираме, оти и вие сте робје како нас, робје на царот, и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината од четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдите заедно да водиме борба!“

Затоа, да бидеме заедно во радоста и во тежината! Затоа, да го олесниме тешкото!

(Говорот што го прочита актерот Никола Ристановски на централната прослава на Илинден на Мечкин Камен во Крушево)