Д-р Оз вели дека ќе се откаже од турското државјанство ако влезе во Сенатот на Пенсилванија 


САД– Мехмет Оз, славниот лекар и републикански кандидат за Сенатот во Пенсилванија, познат како д-р Оз, во четвртокот изјави дека планира да се откаже од турското државјанство доколку го добие местото оваа есен.

„Моето двојно државјанство стана проблематично во оваа кампања“, рече Оз, американски државјанин кој е роден во Охајо. „ сакав да го задржам моето турско државјанство заради тоа што сакав да се грижам за мојата болна мајка во Турција, но по неколкунеделни разговори со моето семејство, се обврзувам дека пред да положам заклетва како следен американски сенатор за Пенсилванија, ќе бидам само државјанин на САД“.

Плановите на Оз првпат ги објави Fox News.

Дејв Мекормик, еден од главните ривали на Оз за номинацијата , го постави неговото двојно државјанство како проблем на прелиминарните избори. Претходно во четвртокот, кампањата на Мекормик беше домаќин на конференциска врска со сенаторот Ден Саливан, кој изрази загриженост дека турското државјанство на Оз ќе го ограничи неговиот пристап до разузнавачките информации за странски земји.

„Мојот став е дека ви треба целосен пристап до сите информации што разузнавачките агенции им ги обезбедуваат на американските сенатори за ефикасно да ја завршат работата“, рече Саливан на повикот.

Оз, во својата изјава, ги нарече нападите врз неговото двојно државјанство како „знак за очајната кампања на Мекормик дека тој прибегнал кон оваа срамна тактика“.

Мекормик, поранешен директор на хеџ-фонд, го притисна Оз во изјавата од неговата кампања подоцна во четвртокот веднаш да се откаже од турското државјанство.

„Направете го тоа сега“, рече Мекормик. „Гласачите не можат да му веруваат на Мехмет Оз“.

Трката за Сенатот во Пенсилванија е една од најконкурентните во земјата. Анкетата на Фокс Њуз минатата недела покажа дека Мекормик води на преполното републиканско поле, со 24 отсто меѓу примарните гласачи, следен од Оз со 15 отсто. И двајцата потрошиле милиони долари на ТВ реклами.