Циркус на руска телевизија: Се бара назад Алјаска, требало да се бесат Украинци, Русија треба да го земе и Антарктик


Водителот на програмата велеше дека Украинците што се борат против Русите треба јавно да се обесат на плоштадите

 

Пратеник во рускиот парламент побара компензација од САД за строгите економски санкции што Западот ги воведе кон Русија по инвазијата на Украина. Меѓу другото, тој ги побара Алјаска и Калифорнија. Алјаска и населбата Форт Рос во Калифорнија (на север од Сан Франциско), всушност, биле дел од Руската империја во 18 и 19 век пред да бидат продадени на САД.

Кремљ сега ја продолжува својата провоена пропаганда на руските државни ТВ канали и покажува сосема поинаков поглед на реалноста, пишува „Дејли мејл“. Телевизиските директори и водителките на шоуто во Москва, исто така, почнаа да ја поддржуваат идејата за јавно бесење на Украинци кои се борат против Русија, што е нешто за што Кремљ наводно размислувал, пишува Блумберг.

„Спин докторот“ на Путин, членот на Думата, Олег Матвејчев, така се појави на вестите, разоткривајќи низа руски барања до Вашингтон и Киев „по завршувањето на демилитаризацијата на Украина“. Неговите барања доаѓаат во време кога руските и украинските претставници се сретнаа за уште една рунда мировни преговори.

„Треба да размислуваме за репарации за штетата предизвикана од санкциите и самата војна, бидејќи тоа чини и пари и треба да го надоместиме“, рече Матвејчев во емисијата „Недела вечер со Владимир Соловјов “.

„Враќање на целиот руски имот, вклучително и имотот на Руската империја, Советскиот Сојуз и денешна Русија, која беше запленета од Соединетите Држави итн“, додаде Соловјов. Запрашан дали мисли на Алјаска и Форт Рос во Калифорнија, Матвејчев рече: „Тоа беше мојата следна точка за која сакав да зборувам. Како Антарктикот. Го откривме, што значи дека ни припаѓа нам“.

На Русија треба да ѝ се врати целиот имот од минатото, па и Алјаска која им беше продадена на САД, вели пратеникот Олег Матвејчев

Првата руска колонија во Алјаска е основана во 1784 година, под името Three Saints Bay. Таму беше формирана Руско-американската компанија, трговски монопол што доведе до ширење на Руската империја во Северна Америка. Алјаска беше продадена на Соединетите Држави во 1867 година за време на претседателствувањето на Ендрју Џонсон за 7,2 милиони долари – што би било приближно 144,4 милиони долари во 2021 година, пренесува „Дејли мејл“.

Руско-американска компанија го изгради Форт Рос во 1812 година, а населбата беше продадена во приватни раце во 1841 година

По појавувањето во шоуто, Матвејчев, исто така, се чинеше дека ја отфрли идејата за употреба на нуклеарно оружје за да се постигне руска победа, велејќи: „Зошто би го користеле? Можеме да ги тргнеме без него“.

Сепак, Соловјов, чии две италијански вили неодамна беа запленети поради воведените санкции, повика на егзекуции или дури и нуклеарни напади за „оние што им ги зедоа нивните пари “.

„Сепак мислам дека на тие што ни ги зедоа парите треба да им се каже дека имаат 24 часа да ни ги одмрзнат средствата, во спротивно ќе им го испратиме тоа што знаат дека го имаме. Ваш избор. Тактички или стратегиски изберете. Ни ги зедовте парите, вие сте крадци, а нашиот одговор е краток – куршум во главата“, рече Соловјов.

Претходно Матвејчев зборуваше за прогонот на Украинците кои се спротивставуваат на руската инвазија, а по снимката на Такер Карлсон од Фокс њуз ги осуди САД. „Нема земја во светот со која лесно се манипулира како Америка. Тоа е она што ќе биде на маса по нашата победа… ние ќе ги подигнеме влоговите“, рече тој.

Друга неделна информативна програма контролирана од Кремљ, „Вести на неделата“, емитуваше извештај со наслов „Денацификација на Украина – нови можности за раст“, ​​со слики од егзекуциите на германските наци во 1946 година на Плоштадот на независноста во Киев. Водителот на руската телевизија повика на јавно бесење на проукраинските борци во нивните градови.