„Цикличен артаноиден режим“: Мицкоски за власта


Христијан Мицкоски во Ранковце

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска попладне во Ранковце ја повтори синтагмата од вчерашниот митинг во Охрид нарекувајќи ја власта „цикличен артаноиден режим“. Според него, со македонија управувало „дел од ракводството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ“.

„Во овие 15 дена од кампањата за првиот круг за претседателски избори насекаде низ Македонија се чувствува победничката атмосфера, се чувствува како граѓаните се обединуваат околу желбата за промени“, истакна Христијан Мицкоски.

Тој рече дека е важно да се поддржи Гордана Силјановска-Давкова „затоа што државата ни е одземена од мала група на луѓе кои што се дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ кои што цело време за да добијат некое парче коска од наместените тендери, да добијат некое ситно евро во џебот и да ги задржат своите фотелји упорно и упорно шест и половина години измеќарат на овие од Мала Речица“.

„Пред шест и пол години овие што сега се Влада ни ветуваа дека ќе донесат слобода, ќе донесат правда, подобар живот, подостоинствен живот, поквалитетен живот за граѓаните, повеќе пари за граѓаните. А, во суштина што направија? Донесоа цикличен артаноиден хибриден режим“, рече тој.

Мицкоски рече дека СДСМ и Стево Пендаровски немаат план, немаат програма. Единствено нешто што научиле е само ЕУ, ЕУ.