Чуварите на незаконитоста


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Најодговорни за расипувањето на институциите се кадрите на ДУИ затоа што тие се власт 16 од последниве 18 години. Но, за разлика од кадрите на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ, кои се ротираат во нивната не/одговорност, кадрите на ДУИ се имуни на одговорност

 

Во претходната колумна, во екот на постизборните преговори за составување на нова влада, се прашував „Кој (ќе) не владее?“ Одговорот беше дека независно од партиските знамиња под кои се стројат различните влади и владини коалициски партнери сите нив ги регрутира една стварно владејачка елита на која и доликува името ККК-клан, односно клан на капиталот, корупцијата и криминалот. Тврдев дека функционерите на извршната власт од која било владејачка партија се селектирани за да водат политики усогласени со интересите на оваа групација. Со денешната размисла сакам да осветлам еден друг аспект на ваквата технологија на формирање влади и промоцијата на „владетели“ кај нас. Станува збор за местото и улогата која во тоа ја играат чуварите на институционалната меморија.

Изборите, тој најсилен показател на претставничката демократија, поминаа како што поминаа. Завршија и постизборните преговори и добивме одговор на прашањето кој ќе не владее. Резултатот е една кревка коалициска влада предводена од СДСМ. Во намера да ја задржи својата превласт, пред се, над опозициската ВМРО-ДПМНЕ победничката партија влезе во коалициски договор за ковладеење со ДУИ. Врз основа на таков договор беше обзнането дека институционализацијата на бинационализмот во државата продолжува во повисока фаза – нејзината федерализација. Најцврст репер за тоа е најавата за воведување на институцијата прв вицепремиер или прв заменик на премиерот.

Со овој елемент, како и со договорот за ротација на премиерското место од поголемиот кон помалиот коалициски партнер три месеца пред изборите, досегашниот прагматичен федерализам ќе се издигне на ниво на правно нормиран функционален федерализам. Следниот чекор, логично, ќе биде нов договор. Тој заради симболизација на надмоќта на помалиот коалициски партнер би можел да биде именуван како „Шипковица договор“.

На овој начин третата по изборна моќ политичка партија, ДУИ, станува најмоќна партија во владеењето со државата. Непобитен доказ за тоа се кариерите на оваа партија во сите државни институции.После секоја промена на власта кадрите во јавната администрација поврзани со ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ се менуваат „колејќи“ се едни со други. За разлика од тоа кадрите на ДУИ не само што ги задржуваат своите места, не само што напредуваат во хиерархијата, туку за свои соработници ги придобиваат и етничките сродници кои некогаш дошле во институцијата со некоја друга етноалбанска партија. За нив албанството зборува преку партијата на власт. Благодарение на тоа, во многу државни институции токму тие кадри се „најискусни“, со најдолг стаж во институциите – тие се чуварите на институционалната меморија.

Но, во тоа има и еден голем проблем кој се уште не е јавно тематизиран толку колку што заслужува. Тоа е проблемот со обременетоста на институционалната меморија, а со самото тоа и на овие кадри со незаконитост. Било поради идејата за политичката не/коректност било поради стравот од етноцентристичко етикетирање, за проблемот главно се мрмори низ заби. Овој проблем го истакнувам размислувајќи по аналогија, а без посочување на конкретни емпириски примери. Во неговото деконструирање тргнувам од општо прифатената констатација дека главна карактеристика на функционирањето на јавните институции кај нас е нивната партизација. Било поради нивното кадровско екипирање според правилата на споил системот, било поради триесетгодишното континуирано дренирање на нивните надлежности и ресурси од страна политички назначени раководители, институционалната меморија на нашите јавни институции е меморија на незаконитост од различен вид. Во такви услови чувањето или барем дискретноста во однос на таквата меморија станува главен критериум за селекција на извршителите од пониските ешалони и нивното движење во кариерата. Секоја чест на исклучоците. Но, системот е таков.

Ако во политиката важи начелото дека секоја власт расипува, за ДУИ тоа значи дека тоа е најрасипаната политичка партија на нашата сцена. Тоа е така бидејќи оваа партија е со најдолг стаж во власта кај нас. Освен за време на краткиот прекин 2006-2008 таа е на власт од 2002 година. Денес, нејзината власт е дури и поголема од власта со која располагаше во 2002 година. Со новата влада и договорот  за нејзино формирање ДУИ се промовираше како ковладател на Република Македонија.

Во целиот досегашен речиси дваесетгодишен период етномакедонските партии, не само од власта туку и од опозицијата, зависат во голема мерка од чекорите кои ги преземале или не преземале кадрите на оваа партија. Независно дали станува збор за нивните активности во институциите на Министерството за внатрешни работи, на правосудниот систем (обвинителството или судовите), затворските институции, царината, поштата, инспекциите или во институциите на здравствениот или образовниот систем овие кадри држеле и држат клучни раководни позиции.

Според тоа, ако за кадрите на едната или на другата етномакедонска партија може, со право, да се рече дека се одговорни за незаконските состојби во тие институции за периодот кога тие биле фактор во нив, одговорноста на  кадрите на ДУИ се дуплира. Таа се протега на речиси целиот овој период. Тие, всушност, се и најодговорни за расипувањето на институции. Но, за разлика од кадрите на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ кои се ротираат во нивната не/одговорност, кадрите на ДУИ се имуни на одговорност. Не е тајна дека покренувањето на било каква формална постапка за одговорност против некој од тие кадри се соочува со живиот песок наречен етничката дискриминација. А таа во оваа земја се третира како пострашна, кога се работи за етничките Албанци, отколку било која друга дискриминација. Овде критиката на кадар етнички Албанец се сфаќа и третира како политичка некоректност. А некои од нив стварно не ги бива. Тие тоа и самите го знаат. Но, се тешат и се правдаат со фактот дека пред нив на тоа место бил некој некомпетентен етнички Македонец, исто така само заради неговата партиска лојалност.

И сега! Да не би бил обвинет за некоректност, на помош би го повикал стариот добар Карл Маркс. Нему не може да му се припише етноцентризам. Во неговиот есеј „Еврејското прашање“, тој ќе рече дека еманципацијата на Евреите не претпоставува верска, туку потемелна општествена еманципација. Воконкретниот случај еманципацијата на нашите институции претпоставува еманципација на чуварите на институционалната меморија не од нивниот етност туку од нивниот партиски етос.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)