Чукнете во дрво и во глава – ќе има избори


ЕРОЛ РИЗАОВ

Човек кој е при себе, кога го гледа резултатот од пазарањето за датум на избори, не му преостанува ништо друго освен да упати една сочна балканска пцовка да се гонат политичките арамбаши и пазараџии таму од кај што дошле

(Колумна за Дојче веле)

Вистина е, избори ќе има на 15 јули. Кога ова ќе го чуе човек кој е при себе, дека завршило „успешно“ пазарењето за датум на избори, кое трае безмалку половина година по оставката на премиерот и формирањето привремена техничка влада со технички премиер и министри, и по распуштањето на Собранието, не му преостанува ништо друго освен да упати една сочна балканска пцовка да се гонат политичките арамбаши и пазарџии таму од кај што дошле.

Мало олеснување е да се каже да одат у п.м. и тие што си играа мајтап со законите и со Уставот, па секој ден го толкуваа по партиски нарачки, но и тие што не ги спроведуваат порешително законите, а и тие кои не ги санкционираат прекршителите, па така покрај вирусот и тие дадоа свој придонес и ја доведоа  земјата во политичка, економска, здравствена и безбедносна криза во период кога треба да се одлучува и спроведува најголемата стратегиска опрeделба на државата и иднината на граѓаните и поколенијата.

Страст за власт

Епидемијата за власт во Македонија која трае со децении е многу поопасна и со потрагични последици од корона вирусот. Таа страст за власт не се решава ниту со апели, ниту со вонредна состојба, ниту со уредби, ниту со карикатурална демократија, туку само со повисока општа, политичка и комуникациска култура, со подобро образование и надминување на заостанатоста, примитивизмот, како и со почитување и спроведување на законите. Тоа, за жал, е најтенката алка на македонското општество, кое остана со месеци без функционирање со полн капацитет на најзначајните државни институции, парламент, влада, устав, што прерасна во анархично совластие на трговско друштво без одговорност.

Со други зборови, спроведувањето на законите во практиката, или како го викаат нашите уставотворци: владеење на правото подразбира секое кршење на законите да биде проследено со соочување со правдата без оглед за кого станува збор и на која позиција се наоѓа.

Да, тоа е така во правото и во учебниците, но во нашата реалност на заедничка техничка влада и без парламент тоа се хартии без вредност кои важат само за граѓаните од втор, од трет и од последниот ред. Пазарењето за датум за предвремени избори кои бесмислено се нарекуваа „брзи“, иако доцнат три месеци по закажувањето на 12 април, конечно заврши. Наеднаш исчезна големата  грижа и посветеност на политичарите за здравјето на граѓаните на кутра Македонија. Ја снема големата сочувствителност со патилата на народот.

Битпазарско ценкање – предизборна пародија

Чиста битпазарска театарска сцена стана договарањето за предвремени избори за време на епидемијата од коронавирусот и налетот на економската криза. Првиот датум што го слушна јавноста го кажа Зоран Заев. Рече, избори на 14 јуни. Веднаш се огласи Христијан Мицкоски, рече дај рака за средината на јули. Заев неколку дена подразмисли, па рече  ај ни по мое, ни по твое – нека биде 21 јуни. Не, рече Мицкоски јас не сакам да бидам шпицен премиер само ако еден човек умре поради изборите затоа нека биде крајот на август или во почетокот на септември. Добро му рече Заев, бараше да се одржат избори во средина на јули, сега отиде накај есен, а што правиме дотогаш. Ако е така нека се состане Собранието, нека се врати политичката влада, па кога ќе има услови за вонредни, или редовни избори, сеедно, нека се одржат.

А, не може така, рече Мицкоски, никако, Собранието не може да се состане, нашите уставни експерти велат дека избори може да има само кога ќе каже ВМРО-ДПМНЕ. Заев, повторно попушта, ајде нека се одржат на 28 јуни. Не, 28 јуни, не доаѓа предвид, возврати Мицкоски, најтешка е ситуацијата со вирусот во Македонија, сега сме според „Форбс“ на 103. место. Ајде тогаш нека биде 5 јули последен термин според Уставот и законските уредби. Ништо од тоа, Заев залудно повторно попушта. Не, вели Мицкоски, еве великодушно се враќам на првиот предлог средината на јули…. ама да стасаат набљудувачите на ОБСЕ точно на тој и тој датум до толку часот, а утредента почнува предизборната кампања ако бидат обезбедени сите предуслови за безбедно гласање.

Не беше тоа само инает на Мицкоски

Ете така во Македонија се одреди историскиот датум за избори баш на 15 јули како што сакаше Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Колку се значајни тие десетина дена ќе видиме на 15 јули. Не беше тоа само инает на Мицкоски. Добро затскриен зад здравјето на граѓаните тој зад јавната сцена сите овие денови вршеше интензивни подготовки за избори со тајни меѓупартиски преговори за идни коалиции и изборни маневри. Големите политички партии вршеа интензивни мерења на пулсот на јавноста. Агенциите, странски и домашни, за истражување на јавното мислење, сиве овие денови работат со полна пареа. Драгоцен е секој час, секој ден. Се гледа трендот на растење и на опаѓање на довербата.

Можеби ова пазарење вака претставено изгледа како пародија, ама кај најголемиот дел од партиски неинфицираната и здраворазумска јавност баш така се доживува. Да им беше на ВМРО-ДПМНЕ толкава грижата за здравјето на граѓаните и на државата ќе составеа по препорака на здравствените авторитети многу едноставен протокол дека изборите ќе се одржат, на пример, кога десет дена по ред ќе нема ниту еден починат, ниту новозаболен. А, до тој ден кога повторно ќе се закажат изборите Собранието ќе функционира нормално во постојано заседание и ќе се врати политичката влада и премиерот на своите позиции да се преземе одговорноста за вкупните состојби во државата. Тоа би било фер договор кој навистина води грижа за здравјето на граѓаните и за решавање на економската криза. Сѐ друго е лицемерие и лага за големата загриженост.

ВМРО- ДПМНЕ почна со обновата

Тоа се виде по првото јавно обраќање на Мицкоски по одредување на датумот за избори. Тој одржа предизборен говор ветувајќи милијарди инвестиции, што ми прозвучи како подготвеност во обновата да им се врати се она на граѓаните што го одзедоа претходниците и наследниците од врвот на ВМРО-ДПМНЕ во 11-годишното владеење без контрола, заробувајќи ги сите државни институции. Мицкоски со неговата обнова вети и членство во ЕУ, за малку во вознесот ќе кажеше и НАТО, но се сети дека таа работа е завршена. Ете, најголемите кочничари за евроатланските интеграции сега ветуваат брз влез. Нема веќе преправање на договорите со Грција и со Бугарија, нема веќе идентитетски предавства. Тоа е препуштено на вмровските медиуми. Дадени се цврсти ветувања пред странските претставници дека таму нема чепкање. Инаку за СДСМ и за Заев средината на јули стана прифатлив датум за избори што доби силен предзнак на попустливост, но мотивите за „попуштање“ беа само поради тоа бидејќи епидемијата се врати со посилен удар предизвикан од непочитување на мерките пропишани од државната комисија за чие спроведување најодговорен е министерскиот ресор на ВМРО-ДПМНЕ.

Очигледно зад јавната сцена во изминатите два месеци се случија и некои други пазарења, освен овие што ги гледаше и слушаше јавноста. Работата испадна среде жалост дајте музика, пардон, дајте избори. Затоа чукнете во дрво трипати за недај боже да не се премисли Христијан Мицкоски. Многу ми е интересна најавата која Мицкоски ја повторува неколку пати дека има согласност со Заев да се гласа од дома за болни и изнемоштени лица, како што разбрав преку интернет. Да не се крие таму некоја руски добро испробан рецепт.

Многу значајна политичка фигура стана  и Оливер Деркоски, ем претседател на ДИК, ем претседател на државата, ем шеф на техничката влада задолжен да ги толкува законските уредби како незаконски, а целосно ненадлежен за тоа што му е работа и прима плата и кога ништо не работи, а тоа е подготовка на изборите и избирачкиот список кој е „замрзнат“ додека трае вонредната состојба, а штом се укине, за одмрзнување му требаат 50 до 60 дена.

Може ли коњот на Ахмети да биде премиер

Сосема нормално и природно и натаму во пазарлакот остана крчмар Талат Џафери претседател на парламентот во оставка и кога Собрането е распуштено. Нема друг начин како да се објасни најпластично, распуштено е, но и не е распуштено Собранието. Џафери е претседател, и кога не е претседател, а кога беше претседател за опозицијата беше нелегитимен, ама беше само господинот Џафери. Сега е веќе и господин и претседател, неговото величество кој треба одново да ги распише изборите според потребите на ново старата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со социјалдемократите на Али Ахмети.

Што да ви кажам, да не е трагично би било многу смешно.

Сегашните проблеми и маки ќе бидат детска играчка според она што ќе се случува во Македонија по изборите до конституирање на новиот состав на парламентот и на владата. Веќе најавените јавни, но уште повеќе тајни пазарења, но пред сѐ поради тесните изборни резултати можат да ја претворат целата преостаната 2020 година во избори на неколку пати и во јули, и во октомври и во декември кои можат да прераснат во општонароден бунт поради ударите на пандемијата и економската криза.

Во случај на тесни победи под 61 пратеник, кои се најверојатни, Али Ахмети со своите, пет или 10 пратеници, сеедно, може и својот коњ од Зајас да го прогласи за премиер на Македонија со амин на потребното македонско мнозинство. Добро е што албанските партии и лидери први ја прочитаа напумпаната популистичка доктрина за Албанец премиер. Тоа навистина би било големо достигнување на граѓанска Македонија кога би го избрале на избори Македонците, не затоа што е Албанец, туку затоа што ја докажал својата способност и ја стекнал довербата на мнозинството граѓани. Сега ќе имаме многу интересна коалиција на старите партнери со нов од шпицен кандидат за премиер на ВМРО ДПМНЕ и нов шпицен Албанец, милијардер кој сѐ уште не заработил толку многу пари колку што врвот на  ДУИ може да потроши.

Вреди, навистина вреди овој пат покрај тоа да чукнеме во дрво за дај боже, да се чукнеме трипати и во глава за недај боже.

(Линк до колумната овде)