Четири маркети се договарале за цените. Казнети се, а и ССК


 

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) изрече прекршочни казни за четири компании што се занимаваат со малопродажба на храна, како и за Сојузот на стопански комори, поради утврдено учество во забранет договор и усогласено делување на пазарот.

Според наодите на Комисијата, овие субјекти се согласиле заеднички да ги одбиваат новите или зголемените ценовници што ги доставувале нивните добавувачи, што претставува директно нарушување на принципите на слободна конкуренција.

Секој од четирите маркети добил казна во износ од 3 милиони денари, додека Сојузот на стопанските комори, кој имал улога на координатор во процесот, ќе треба да плати 1,14 милиони денари.

Од КЗК објаснуваат дека на состанокот од 5 февруари 2025 година учесниците донеле заедничка одлука да не ги прифаќаат новите ценовни листи од производителите и дистрибутерите. На тој начин, како што наведуваат, наместо секој трговец независно да ја утврдува својата политика, била воспоставена практична координација, што претставува т.н. „by object“ ограничување на конкуренцијата — форма на повреда која е забранета сама по себе, без потреба од дополнително докажување на последиците врз пазарот.

Комисијата потсетува дека ваквите договори сериозно ја загрозуваат конкуренцијата и нанесуваат штета на потрошувачите, кои на крај се соочуваат со ограничен избор и потенцијално повисоки цени.